Инспирација за филмот „Сестри“ е вистински настан, кој за жал и не толку редок меѓу тинејџерите. Режисерката Дина Дума на панел дискусијата „Влијание на родово-базираното насилство во дигиталниот простор“ која се одржа во Europe House изјави дека и самата за време на кастинг процесот била изненадена од сведоштвата што ги слушнала за девојките кои поминале низ родово-базирано насилство во текот на своето школување.
„Инспирацијата за филмот ја добив од мое лично искуство. Кога бев на иста возраст како протагонистките во филмот, во моето училиште имаше секс скандал. Една девојка и еден дечко беа снимени како имаат однос, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Девојката беше таа која беше slut-shamed и доживеа друштвено исклучување, ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а дечкото стана херој во училиштето. Оваа неправда остана со мене уште долго и сметав дека е важно да се отвори оваа дискусија во нашето општество. На кастингот разговарав со околу 100 девојки кои беа отворени да ги споделат нивните приказни на оваа тема. Приказните беа за мене фрапантни, сите имале слично искуство или познаваа некој кој имал слично искуство“, кажа Дума.
Панелисти на дискусијата, освен Дума, беа и Мери Цветковска од ХЕРА, ко-сценаристот Мартин Иванов, актерката која ја толкува главната улога во филмот, Антонија Белазелкоска, а модераторка беше новинарката Ана Јовковска.
Јовковска истакна дека 20 % од жртвите кои биле подложни на булинг не се редовни на училиште само за да избегнат малтретирање, 29 % имаат проблеми со концентрацијата, 22 % чувствуваат симптоми на физичка болест, 20 % имаат проблеми со спиењето.
„Менталното здравје кај децата и младите е многу кревко и подложно на секaков вид сила, закана, злоупотреба, заплашување или агресивно доминирање“, истакна Јовковска.
Мартин Иванов го постави прашањето за тоа од каде потекнува насилството, каде е почетокот и дали социјално-класните разлики во едно општество придонесуваат врсничкото насилство да биде позастапено. Тој исто така истакна дека и психолозите и педагозите во училиштата треба да бидат тие на кои учениците ќе можат да се обратат, а не да бидат казна за „непослушните“ деца.
„Моето сеќавање за педагог или психолог во училиште не е некој на кого можам да одам да му ги кажам проблемите и да добијам совет за нив. Колку што се сеќавам таму ги праќаа децата кои беа „немирни“ на часови и тоа се сметаше како казна, а во никој случај не треба да биде тоа“, истакна Иванов.
Мери Цветковска од ХЕРА ја потенцираше потребата од сексуална едукација во училиштата, нагласувајќи дека преку едукација и системска поддршка може видливо да се намали насилството.
„Сексуалната едукација не е нешто страшно или погрешно иако наидуваме на отпор од страна на некои структури за целосно воведување во училиштата. Голем број од родителите сакаат нивните деца да учат како да се заштитат и да се едуцираат против меѓуврсничко насилство. Преку ССО се добива токму тоа, се говори јавно и се едуцираат младите на правилен и соодветен начин и да пријавуваат со тоа што треба да добијат и системска и правна поддршка“, кажа Цветковска.
На панел-дискусијата се одржа и затворена проекција на филмот „Сестри“, а и самата публика учествуваше со свои видувања, размислувања и лични приказни во дискусијата со панелистите. Панел дискусијата и проекцијата на филмот се во рамки на кампањата 16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња. Годинешното мото е „Не молчи, не трај, стави крај! Сопри насилство врз жени идевојчиња, сега!“