Милена Витман е охриѓанка, која живее и работи во Барселона. Студирала општествени науки и филмска режија во Прага. Непосредно по студирањето станува мајка, а за сметка на мајчинството нејзината креативна работа била ставена на пауза околу пет години. Токму предизвиците на мајчинството, како и постпородилната депресија се моментална тема на нејзината работа. Во меѓувреме го снимила безбуџетниот краток филм со наслов „Влакна“, кој беше прикажуван на десетина фестивали низ светот, а во Македонија беше прикажан на „Синедејс“, „Бич филм фестивал“, „Дрим шорт ФФ“, „Бош фестивал“ и „Астерфест“. Исто така, има работено на два видеозаписи за „Фолтин“ и еден за песна на сестра ѝ Katerinha, што исто така беше прикажуван на многу фестивали. Со неа поразговаравме за нејзиниот нов филм „Раѓање“, кој се осврнува на тоа да ја прикаже реалната страна, емоциите и неромантизираните ситуации поврзани со мајчинството.
Вашиот филм „Раѓање“, за кој добивте поддршка од Агенцијата за филм, се осврнува на една табуизирана тема во нашето општество, предизвиците на мајчинството и очекувањата и притисоците што се наметнуваат врз мајките, како и постпородилната депресија. Која е пораката и целта на филмот, каде ќе се одвива снимањето и како го одбиравте тимот што работи на него?
Пораката и целта на филмот е да се прикаже една поинаква слика за мајчинството, поразлична од тоа како сето тоа ни е презентирано во медиумите денес. Но, не како лошо искуство, туку како еден збир на емоции и ситуации што се случуваат меѓу четири ѕида кога мајката е сама со бебето, а светот надвор тоа не сака да го види, туку преферира да ја задржи таа романтизирана идеја за мајчинство каде што сè е беспрекорно совршено, како во една реклама за „Памперс“, на пример. Снимањето ќе се одвива во Скопје, а поголемиот дел од екипата што ќе работи на филмот се мајки. Тоа ми е исклучително важно, бидејќи многу од жените кои работат во креативните сфери, кога ќе станат мајки се принудени да се жртвуваат и да се лишат од максималното користење на нивните таленти. Сценариото го работам со Верица Недеска, која исто така ќе ја толкува главната улога, директор на фотографија ќе биде Марина Колоска, а музиката за филмот ќе ја прави Драгана Заревска (Телемама). Филмот ќе биде во продукција на Гоце Кралевски и „ДНФ филмс“.
Инспирација за филмот „Раѓање“ ви било сопственото искуство со постпородилната депресија. Ќе можете ли да ни кажете повеќе за емоциите, тешкотиите и притисокот со кои се соочувавте?
Инспирација за да го напишам филмот ми беше моето севкупно искуство со мајчинството, а постпородилната депресија беше само дел од тоа. Сите го доживуваат мајчинството поинаку, но факт е дека општеството во кое живееме не нуди подготовка на сè она што таа голема промена носи. На пример, јас не ни бев свесна дека ми се случува тоа, ми беше страв и срам да зборувам за тоа, мислев дека просто така треба да биде, сите мораме да поминеме низ тој период, на тој начин. И токму тоа е најголемиот проблем, тешкотијата со соочувањето со тоа што навистина се случува, прифаќањето на таа ситуација, добивање соодветна помош и алатки за справување.
Според вас, каква е поддршката на мајките, почнувајќи од бременоста, родилиштето, медицинските лица, лекарите, па и понатаму низ процесот на адаптирање на промената кога ќе се дојде дома заедно со бебето, првите предизвици и психички и физички?
Треба сериозно да ја сфатиме поговорката „потребно е цело село за да се израсне дете“. Порано, кога луѓето живееле во помали места и во пошироки фамилијарни заедници, постоел силен систем на поддршка и менторство во тие заедници, каде што мајките биле опкружени со тетки, стрини, баби, а децата можеле слободно да трчаат низ дворовите и ливадите без надзор. Денес, најголем дел од младите не живеат во селска заедница, повеќе од тоа, не ни живеат во ист град со нивните родители, па кога една жена станува мајка, од неа се очекува да замени „цело село“, т.е. работа на 30 луѓе. Би рекла дека поддршката од општеството е минимална и речиси не постои, а од жената се очекува беспрекорно да се приспособи на секоја од овие промени, како што тоа се очекува од жената и во многу други сфери, не само мајчинството. Кога мајката ќе си дојде дома со бебето, целиот фокус е секогаш на бебето, притоа се занемаруваат основните психички и физички потреби на мајката, како фактот дека и таа се (пре)родила и сè ѝ е толку ново и непознато. Институциите кај нас не нудат никаква поддршка во овој период, најчесто таа доаѓа од фамилијата, т.е. од мајките, кои веќе поминале низ тоа.
Ќе сакате ли да направите една споредба со тоа како општеството и луѓето кај нас се поставуваат кон мајките, а како во западноевропските градовите каде сте живееле?
Најголемата разлика е во тоа што да се биде мајка во Македонија најчесто подразбира целосна пожртвуваност за фамилијата, каде што жената најчесто се изолира од надворешниот свет и го губи својот идентитет. Во западноевропските земји постои систем за реинтеграција на мајките, разни групи за поддршка, спортски активности со бебиња и слично. Исто, би рекла дека татковците се повеќе вклучени во целиот процес, на пример со тоа што можат да земат отсуство од работа.
Според вас, на кој начин треба да се информираат луѓето за постпородилната депресија и колку зборувањето отворено може да помогне да се намалат очекувањата и притисоците од мајките?
Прво, треба да се ослободиме од стигмата дека тоа е нешто срамно и страшно, треба јавно да се дебатира на таа тема и да се најдат начини да се превенира тоа. Голема улога играат притисоците од општеството, очекувањата жената да се претвори во натчовечко битие кога ќе стане мајка, а најважно од сè е да ѝ се даде соодветна грижа и помош во тој период.
Некако сè уште се очекува мајките (жените) да ја преземат врз себе одговорноста за децата и домот, нешто што особено се покажа и за време на Ковид-19, а секое ангажирање на таткото (партнерот), се става во „помош“, наместо како еднаква одговорност. Каде ја гледате причината за ова родово нееднакво распоредување на обврските околу децата и домот?
Веројатно тоа произлегува од фактот дека најчесто татковците имаат подобро платена работа од мајките, па така во време на пандемијата (а не само тогаш), приоритет е да се задржи подобро платената работа, логично. И за жал, кога таткото „ја храни“ фамилијата, се смета дека неговата работа и должност завршува тука, па сè што прави дома дополнително е сфатено како „помош“.
На кој начин вие си помогнавте себеси во справувањето со предизвиците што ги носи мајчинството и каква помош сметате дека е потребна за мајките да го пребродат тој период, без разлика дали се соочуваат со постпородилна депресија или не?
Првиот чекор беше да сфатам што се случува, да го прифатам тоа, да се ослободам од грижата на совест и вината, па да барам начини како да се излезам од таа ситуација, со помош на терапија и отворени разговори со пријатели и луѓе кои поминале низ тоа.
Социјалните мрежи од една страна почнаа да бидат медиуми на овој проблем со кој се соочуваат многу мајки во светот, но од друга страна сè уште сме сведоци и на идеализирање на родителството и на мајките дека можат да направат сè. Колку влијаат ваквите објави на менталното здравје?
Да, сликата за совршено мајчинство што нè опкружува по социјалните мрежи дополнително придонесува за создавањето на една лажна реалност, што е голем психички тригер и создава притисок на сите мајки кои не ја делат таа иста реалност. Треба да се ослободиме од сите тие очекувања, да прифатиме и да зборуваме за тешкотиите, непредвидливоста, целиот тој ролеркостер од емоции со кои се соочува жената кога ќе стане мајка.