Во четврток со почеток од 20:00 ч во Галеријата Остен, ќе се отвори четвртата по ред самостојна изложба на уметницата Ивана Мојсовска која ќе биде отворена до 23 ти декември годинава. „Feeling cute, might delete later“ е проект кој вклучува 8 слики изработени со колаж и масло/акрил на платно. Оваа серија на слики Мојсовска ја развива во последниве две години, инспирирана од нашето постоење во ова (не)време во кое владее емотивна фрагментираност и ултимативно – осаменост за која никој од нас не говори. Делата на Мојсовска обземаат со својот интензитет; сексуалната тенденција, осаменоста на субјектот во просторот и нашиот поглед кој (не)заслужено продира на места каде можеби, и не му е место?
Ивана Мојсовска живее и работи во Скопје, Македонија. Во јануари, 2020-та година ги завршува своите магистерски студии на ФЛУ со самостојна изложба во МКЦ насловена „Meet Water”. Ивана досега брои три самостојни изложби, има учествувано на повеќе групни изложби во РСМ, како и надвор од границите на државата. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Mougins, Франција каде изложува свои дела. Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот” која и е доделена од ФЛУ. Мојсовска е млад, современ автор кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус.