Вечерва од 21 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Еластично насилство“ на Јован Јосифовски во КСП Центар -Јадро / SCS Centar-Jadro. Еластично насилство е изложба која нуди поинаква перспектива на чинот, последиците и асоцијацијата за семејното/физичкото насилство врз квир мажите кај коишто изразувањето на секуалната ориентација и ненормативниот родов израз се видливи уште од рана возраст. Како референца во своите дела, Јосифовски ги користи насилните ситуации кои датираат од неговото детство.
Дополнително, во процесот на уметничко истражување поврзано со подготовката на оваа изложба, Јосифовски собира искуства и од двајца постари геј мажи коишто анонимно ги раскажуваат своите приказни, со што се обидува да воспостави и трансгенерациски релации како критички контрапункт на хомонормативните идеали на младоста, од една страна, и на линеарните наративи за прогрес кои гледаат со срам на минатите искуства на плакарот и „назадните чувства“ специфични за овие историски искуствата.
Во трите наративи во прво лице, насилството е асоцирано со конкретен предмет присутен во моментите на насилниот акт, како објект со кој се нанесуваат физички удари. Детски играчки, земјоделски алатки и обични перници за спиење – сите овие предмети создадени за очигледната употреба веќе одамна, добиваат нова функција и ново значење во просторот, како предмети кои засекогаш оставаат двосмислено значење во перцепцијата кај поединците.
Во рамки на изложбата, различни предмети, се преуредени во просторот на тој начин што создаваат облак на асоцијации со цел да се создаде афективна атмосфера која ја евоцира негативната конотација на предметите. Односно, инсталацијата создава простор преку кој предметите се истакнуваат во физичкиот свет со своите нови улоги, доминирајќи го простор во кој нема нити место нити желба за нешто повеќе. На тој начин предметите стануваат фрагмент врзан за искуството на сопствената сексуалност, за казната, за релациите, за влијанието, за сѐ она добро што можело да се случи, а не се случило. Истовремено, Јосифовски ги поставува како естетски форми во кои јазот помеѓу концептот и имагинацијата, функцијата и играта, ја отвора можноста за транфигурација, и спротиставени, но одговорни читања, со коишто истовремено е соочена и публиката.
Изложбата е во рамки на Викендот на гордоста: КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии.