Кога по првпат влегов во продавницата „Моки“ помислив дека времето застанало. Ме обви пријатно чувство на сигурност додека ги гледав креативните изработки и се двоумев што да изберам, бидејќи сите изгледаа како да се направени лично за мене. Кога ја запознав Моника Стојановска, сопственичка и дизајнерка на сè што е достапно во „Моки“ сфатив дека зад креативноста на девојката се крие нејзиниот свет на искреност и вистинска емоција во дизајните.
Се гледа дека изработките ги правите од чиста љубов и задоволство, а вашата продавница е катче на топлина. Но, што ве поттикна да го создадете „Моки“ и како дојдовте до името?
Моки е еден од начините на кој можам да се претставам пред луѓето. Со Моки сакам да кажам: „Ова е дел од мојот свет, ќе ми биде драго ако тука ти е удобно и тебе“. Тоа е материјално продолжение на мојот сензибилитет или барем на оној дел од мене што успеал да ги зачува оптимизмот, надежта, детскиот дух. Моки се роди како и сите други нешта што сум ги почнала низ годините, од потребата да создавам и да ја искористам сопствената снаодливост за претворање големо чувство во мал формат. Името дојде од мојата баба, која одвреме-навреме ме викаше така.
Како и каде наоѓате инспирација и мотивација за изработките?
Не знам дали се работи за инспирација или потреба или можеби тоа е истата работа, не сум сигурна. Постојано ја набљудувам околината, ги впивам моментите, сликите, туѓите емоции и потоа си ги носам со себе, не ми исчезнуваат лесно. Потоа доаѓа момент кога ќе се сетам на нив и тука ми доаѓа потребата да нацртам или да напишам нешто. Кога тоа ќе го пренесам успешно, тогаш се чувствувам како најсреќниот човек на светот. Мотивација ми се приказните што ги има во секојдневните нешта и глетки, како и можноста да утешам некого со малку боја и по некој збор.
Дизајните се навистина препознатливи и се гледа вашиот печат. Што ве води низ дизајнирањето и цртањето како креативен процес на создавање на предметите од „Моки“?
Мислам дека дизајните се препознатливи затоа што се автентични и искрени. Тие две нешта ми се водечката сила низ креативните процеси за „Моки“, бидејќи си доаѓаат природно. Доколку во процесот на создавање се чувствувам комотно, знам дека таа е правилната насока и ја следам секогаш.
Со какви предизвици се имате соочено низ работењето?
Патеката од почетната точка: идеја до последната точка: производ не е права и не е без пречки. Мислам дека тоа е така за секоја креативна работа. Не се поклопени секогаш сите делови од сложувалката. Некогаш недостига сила, некогаш време, а некогаш и услови за да се создаде нешто како што сме замислиле. Како поминува времето, така повеќе се обидувам да ги искористам можностите и околностите што ми се нудат и го употребувам тоа со кое располагам за да го извадам најдоброто. Колку и да постојат предизвици – кај мене секогаш победува благодарноста за шансата да го работам ова што го работам.
Колку нашиот пазар е соодветен за мал бизнис, дали сметате дека е потребна поголема поддршка во однос на одржување на тој мал бизнис, особено за жените?
Малите бизниси земаа голем замав во последните години и сведоци сме на неколку такви бизниси што навистина се развија и веќе не се толку мали. Со ваква работа се занимавам многу години, повеќе од десет, и мојот впечаток е дека оттогаш досега интересот на луѓето за ваквата работа е зголемен. Таа заедница станува побројна и мислам дека токму таа заедница е заслужна за развојот на оваа работа. Се поддржуваме едни со други. За помошта што е надвор од нас, односно што треба да дојде од државата во која работиме – сметам дека има простор за подобрување. Државата треба да нуди повеќе различни и инвентивни начини за помош и поткрепа на локалните занаетчии и се надевам дека во иднина ќе биде така.
Финансирањето и пристапот до капитал се едни од најголемите предизвици со кои се соочуваат жените кои сакаат да почнат бизнис, особено самохраните мајки, жените со попреченост или жените кои никогаш немале можност да бидат вработени и не располагале со сопствени финансии. Поддршка и поткрепа за ваквите жени-занаетчики е неопходна, а во Македонија има голем број вакви случаи што заслужуваат видливост.
Дали имате некој омилен дизајн или производ од „Моки“?
Немам омилен дизајн, ниту производ, сите ми се еднакво драги, затоа што си носат своја приказна – секоја еднакво важна.
На што се радувате најмногу? Што научивте низ годините креативна работа?
Најмногу се радувам кога ќе видам колку луѓето вистински се среќни кога имаат некое мое дело во рацете или кога ќе ми пишат прекрасна порака што ќе ја прочитам по долг ден. Тоа само ми потврдува дека Моки е еднакво мое колку што е сечие. Низ годините научив дека искреноста, посветеноста, истрајноста, дисциплината и љубовта секогаш сами си го наоѓаат патот до вистинските, отворени срца.
Како наоѓате енергија и истрајност да продолжите со работата, но и што практикувате во вашето слободно време?
Истрајноста ја вежбам, а енергијата не ми се исцрпува затоа што е циклична: Колку вложувам, толку ми се враќа кога се чувствувам наградено од тоа што го правам. Моите денови најчесто се исполнети со пишување, фотографирање, снимање видеа од нештата во кои наоѓам убавина, читање, гледање филмови и серии, прошетки и поминување време со моите најдраги луѓе.
Сакате поезија и самата пишувате песни. Што ви значи лично пишувањето и што сметате за тоа дека пишувањето може да биде процес на ослободување и лекување?
Сакам и пишувам поезија. Пред две години излезе мојата прва збирка „Има и такви денови“ (издавачка куќа „Полица“), а во текот на оваа година ќе излезе втората. Освен поезија, пишувам и раскази, а периодов работам и на книга за деца за која планот е и да ја илустрирам. За мене, пишувањето отсекогаш било вид терапија без која не можам да се замислам.
Имате споделено вистински инспиративна приказна за истрајноста на детскиот сон на вашата интернет-страница. Според вас, колку е важно да се негува тој детски сон?
Сметам дека доколку тој детски сон сè уште ви прави смисла и ви создава топло чувство во стомакот кога ќе помислите на него – треба да го послушате. Ова не е секогаш лесно. Потребен е соодветен контекст, услови и поддршка за да се исполни сон, а тоа често е вистински луксуз. Но, доколку сте барем близу до тој „луксуз“ – не земајте го здраво за готово и искористете го. Вие сте уште истото дете, само во посериозна облека.
Што би ги советувале нашите читатели кои сакаат да почнат свој бизнис и да бидат креативни, како дел од вашето искуство и од вашата приказна?
Би ги советувала да ја негуваат желбата, но и да ја поткрепат визијата со план и добра и сериозна подготовка. Не можам да кажам дека е лесно, но можам да потврдам дека вреди.