Националната галерија изминативе години ја размрда уметничката и културната сцена со многу изложби и настани од познати уметници и отвори еден нов правец за македонската уметничка сцена. Директорката Дита Старова Ќерими која во моментов го има својот втор мандат несебично вложува оваа институција да расте уште повеќе, да има уште поголема посетеност и уметноста да биде достапна уште повеќе до пошироката јавност.
Националната галерија изминативе години ја размрда уметничката и културната сцена со многу изложби од познати уметници и отвори еден нов правец, би рекла, за македонската уметничка сцена. Каква визија имавте на почетокот на функцијата директорка на оваа институција и колку од вашите заложби се остварија во текот на овие години? На кои проекти сте најгорда и кон што гледате во иднината?
Свеснa за сложеноста на функцијата директор на Националната галерија, од првиот ден ги впрегнав сите сили, како човек кој помина цел век во училиште за сликарство – предучилишна обука во Париз, Уметничка гимназија, потоа студии, магистерски и докторат по сликарство, со претходно искуство како универзитетски професор по сликарство и цртање. Прво морав да поставам стратешки приоритети во мојата улога, која ја сметав и сè уште ја сметам за мисија. Kако директор на Галеријата, имав визија да создадам, заедно со тимот, институција што ќе стане препознатлив бренд со својата квалитетна програма и со одговорноста кон богатото уметничко минато, иако Галеријата и пред мене имаше своја специфичност, идентитет и признаеност, со различни варијабили во различни периоди. Успеавме да оствариме богата изложбена активност, покривајќи ги сите платформи што се должност, обврска и цел на нашата институција, сериозни ретроспективно-монографски изложби на значајни уметници од македонската модерна, а и современи, концепциски претставувања на значајни домашни и меѓународни уметници. Паралелно со изложбената програма, постојано работам на комплексното одржување на инфраструктурата на нашите објекти, нивна реконструкција и санација, која е неопходна со цел институциите да имаат пристоен изглед и услови за одржување на објектите, а секако и за да се одржуваат потребните услови за чување на нашата богата уметничка колекција. Поминав подолг период во реновирање и поправки на трите згради на Националната галерија (Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица), со донации од странски амбасади и други места, пред сè, од САД. Ни претстои важно реновирање на Мала станица со средства од програмата на Министерството за култура. Се гордеам со многу активности и проекти, не би сакала да издвојам едни, а да ја намалам важноста на другите, но можам да заклучам дека со секој проект придонесовме јавноста да го зголеми или да го продлабочи своето знаење и почитување на уметноста, а институцијата доби неверојатна видливост и посетеност. Мојата визија беше голема и сѐ уште е голема и во текот на мојот втор мандат. Но, морам да кажам дека за остварување на личната визија за темелни промени не се доволни секогаш само личните заложби. Предизвици се секојдневните административни лавиринти за да се направат основни чекори кон промените. Некогаш се дури и обесхрабрувачки, а притоа се водам од премисата на поранешната прва дама на САД, Еленор Рузвелт: „Мораш да прифатиш што и да дојде и единствено важно е да го исполниш тоа со храброст и со најдоброто што треба да го дадеш“. Така и постапувам со тоа што го имаме на располагање. Сите го даваме најдоброто од себе во Галеријата и тоа се препознава.
Со оглед на вашето досегашно искуство, и како уметница и како професорка, кои карактеристики сметате дека најдобро ве опишуваат и како е да се биде претставник на културната дејност и на висока функција во нашето општество?
Мојата главна сила лежи во тоа што сум страсна за она што го работам денес. Кога зборувам за СТРАСТ, тоа е вистинска жестока желба, сон многу јасно присутен во мојот ум како млада девојка и кој растеше и се разјасни со текот на годините, до тој степен што не можев да размислувам за нешто друго, освен, всушност, да го направам тоа. Имав многу јасна визија, многу специфична цел за тоа што сакав да станам. Во мојот живот, преку професионалните обврски што сум ги имала, секогаш сум сакала да го направам тоа за што сум задолжена на најдобриот начин што го знам. Сите што ме знаат ќе ви кажат дека сум голем оптимист и перфекционист. Не е секогаш лесно да се справувате во текот на денот со повеќе видови предизвици со кои се соочува една жена како мајка, сопруга, уметница и раководителка на една од најзначајните институции во културата. Опкружувањето со луѓе кои ја сакаат културата и создаваат за културата е многу значајно за мене. Секоја изложба во Националната галерија е предизвик за мене и за моите соработници, предизвикот е голем да се биде на ниво на зададената задача и да ги надминеме личните очекувања. Да се биде дел од културната дејност низ изминатите години, во кои имаше многу проблеми од економска и здравствена природа, беше голем предизвик. Да бидеме секогаш на висина на големината на Националната галерија, да се реализираат изложби што не само што ќе бидат посетени туку ќе останат и во меморијата на посетителите – тоа мене и на мојот тим ни беше основна цел.
Кој ви бил досега најголемиот предизвик со кој сте се соочиле? Што ве инспирира и ве мотивира, што ви дава поттик и елан за понатамошна успешна работа?
Предизвикот за мене лично, но и за сите нас е голем, знаејќи дека на почетокот оваа институција ја воделе нашите основачи како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски… Да се биде жена на толку висока и одговорна функција не е секогаш лесно. Можам да кажам дека од поголемиот дел од нашата јавност нашата работа наидува на разбирање и поддршка, а доказ за тоа се продажните салони секогаш полни со публика. Неволно напоменувам дека понекогаш сме изложени на удар, дека има злонамерни и непримерни коментари во смисла на „ниски удари“. Но, мојот најголем личен одбранбен механизам е: А кога ќе те повредат – врати со добро!
Искрената желба да се направат видливи чекори кон подобро во музејската и ликовната дејност ме прават посилна за сите предизвици со кои се соочувам секојдневно. Не е секогаш лесно да се истрае во решавањето на секојдневните проблеми, да се најдат брзи решенија и да не надвладее чувството на немоќност наспроти реалните можности. Мојата работа бара од мене посветеност, која ја дефинирам како неколкусменска, како работа за која нема работно време. Понекогаш е и стресна, понекогаш жртвувам и дел од времето што би требало да го поминам со моето семејство. Затоа сум им бескрајно благодарна што имаат целосно разбирање и безрезервно ме поддржуваат. Од нив ја црпам силата и инспирацијата.
Каква порака или лекција би им пренеле на сите жени кои се борат за видливост и успех во своите професии, особено во едно патријархално општество?
Успех е кога навистина сте успеале да го искористите својот целосен потенцијал, да ги искористите своите таленти за да создадете работи што, во нашите очи, имаат значење и влијание. Би сакала да почнам со порака за малите девојчиња, почнувајќи од мојата ќерка Арба: Осмели се! Осмели се да сонуваш за големи дострели и визии и никогаш не откажувај се од своите идеали! Чекори цврсто кон своите соништа. Инвестирај силно во своето образование. Вашето знаење никој не може да ви го одземе; напротив, тоа ќе ви биде силно оружје против оние што ќе се сомневаат во вашата цел. Никогаш да не се двоумите во својата сила и цел. Секоја цел може да се постигне со многу работа и вложување.
Не откажувај се. На вистинското место си и вреди да се бориш. За да биде полесно во иднина, денес некој треба да почне. Жените на одговорни позиции сè повеќе се истакнуваат во своите области, од бизнис до културата, преку политиката, претприемништвото или граѓанскиот активизам. Успешна е секоја жена која инспирира две, десет, сто и повеќе жени да успеат за возврат. Секој успех во кариерата на една жена е поттик за многу други, професионалните патишта се пример за младите жени кои веќе не сакаат да се плашат од своите амбиции.
Моите вредности, наследени и стекнати, ми овозможија да се исполнам како жена и во мојата професионална кариера. Отсекогаш сум верувалa дека успехот бара работа и посветеност за да го забележат другите и да стане видлив.
Голема вљубеничка сте во модата, вашиот стил е автентичен и секогаш обрнувате внимание на деталите. Секое парче облека може да се дополни со накит, а што сакате вие најмногу да носите, кое парче накит ви е омилено?
Среќата да растам во модниот центар на светот, раскошниот Париз, секако дека во мене остави големи траги. Прецизен отмен стил, секогаш одмерен и грациозен. Како ученичка во значајно училиште во Париз, „Жансон де Саји“, каде што секој детаљ треба да се усогласи во однос на големите вредности што ги негува Франција, потоа како ученичка во Средното уметничко училиште и како студентка на Факултетот за ликовни уметности, стилот низ годините ми се менуваше и стануваше креативен. Како професорка на Универзитетот „Американ колеџ“ и како директорка на Националната галерија се обидувам да се придржувам кон одреден начин на облекување, но усогласувајќи се со колоритен и минималистички стил, кој станува препознатлив за мене. Накитот сè повеќе станува незаобиколен додаток што им овозможува на сите да го најдат својот стил и да ја изразат својата личност. Накитот е потписот на стил и уникатност на жената. Сакам да ги комплетирам моите комбинации со накит! Обично избирам убав пар обетки за да го завршам речиси целиот мој изглед. Сакам наизменично да ги менувам во зависност од облеката и денот.
,,Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација”.