Професионалните спортисти покрај физичката подготвеност и врвните вештини, располагаат со ментална сила и дисциплиниран ум. За предизвиците што ги носи една од најстресните играчки позиции голман, разговараме со Костадин Захов, во нашата рубрика „Разговори со Роса“.
*По последното, светско, фудбалско првенство имам чувство како да владее голема светска еуфорија за овој спорт. Што за вас претставува фудбалот и колку се променети професионалните играчи од почетокот на вашата кариера до денес?
Па мислам дека еуфоријата околу светските првенства е сè поголема поради силното влијание на социјалните мрежи, атрактивноста на актерите и леснотијата секој натпревар да стигне до домовите, локалите, стримовите итн..
Кои карактерни особини се најважни за вашата играчка позиција голман?
За мојата позиција мислам дека најважно и најтешко е да се задржи фокусот и концентрацијата. Да се научи голманот да чека будно и трпеливо до својата реакција.
Сведоци сме на врвна физичка подготвеност на светските фудбалски имиња, но и на професионалниот живот што го водат и промовираат. Во какви услови моментално играат нашите фудбалери и што е за пофалба во нашата национална лига?
Сведоци сме колку спортистите го променија својот начин на живот во последните години и тоа е за огромен поздрав. Кај нас е проблем што на самиот спортист не му е наметнато како правилно да работи, се однесува внатре и надвор од теренот. Слабиот професионализам низ клубовите е нездрава основа за секој почеток на спортистот што е многу битно за неговиот развој. За пофалба е трудот што го даваат сите што сакаат да направат промена кон едно ниво што ќе донесе постепен развој.
Голманите често се најголеми победници илигубитници, особено кога во некој важен натпревар победникот се одлучува со пенали. Сметате ли дека сте изложени на поголем психолошки притисок за разлика од останатитеиграчи во тимот?
Сигурен сум дека голманите имаат поголем психички притисок од играчите. Самата позиција (последен човек од обраната) која е најважна за промена на резултатот е доволно тежок товар за нас. И второ, нашата реакција секогаш зависи од некој друг како ќе одигра/шутира, што исто така го отежнува донесувањето на одлука како да се реагира.
Што мислите дека беше најважно и што го одредивашиот професионален пат?
Мојот професионален пат го одреди мојата желба, постојаноста и истрајноста во сите ситуации кои биле нималку едноставни.
Како голман сигурно се подготвувате за натпревар преку анализа на силните и слаби страни напротивникот.Како пристапувате кон менталниот аспект на овој процес и како се подготвувате за различен тип на напаѓачи?
Подготовките за натпреварот најчесто зависат од тренерот на голмани. Тој посочува на што точно треба да се внимава, додека мои лични ритуали пред натпревар, веќе долги години, е позитивната визуализација на конкретни ситуации и музиката која ми го буди тоа натпреварувачко чувство.
Што најмногу ве релаксира и исполнува и што за вас претставува балансиран живот?
Најмногу ме релаксира дружењето со моите сакани, свирењето гитара и читањето поезија. И мислам дека, од кога човекот добро ќе научи како умот, телото и душата функционираат ќе знае што е балансиран живот. За жал јас сè уште немам одговор на тоа прашање.
Дали внимавате колку вода внесувате дневно и дали сте доволно хидриран?
Не сакам да се оптеретувам со точни литражи, но многу добро ја знам важноста на хидратацијата за телото и потребата од поголемо количина вода за поединците од професионалниот спорт.