Книгата ја претставува ромската култура и идентитет преку мојот фотоалбум кој е богат со настани од областа на културата на коишто сум присуствувала и била дел уште во детството.
Џемилиана Абдулова е авторка на книгата „A Small Roma Memory Book“, чија промоција беше минатиот месец во Private Print Studio. Новинарката и перформативната уметница преку својата книга го прикажува ромскиот идентитет, Романипе, кој е ризница на обичаи, историја и сè што ги прави Ромите свои и уникатни. Според описот на книгата „имајќи го на ум тоа дека ромската традиција претежно се пренесува усно, во книгата се поместени секвенци од спомени, парчиња што недостигаат, слики и значења, кои се испреплетуваат со приказни и текстови од одбрани ромски културни работници“.
Со Џемилиана поразговаравме за нејзината инспирација и цел зад книгата како и собирањето материјали и истражувањето на ромската култура и традиција низ годините.
Што ви беше првичната идеја и цел зад книгата „A Small Roma Memory Book“ и како се одвиваше истражување и собирањето материјал за неа, со оглед на тоа што ромското наследство и култура најчесто се пренесува усно, ретко има пишани материјали за неа?
Првичната идеја и главната цел и мотивот зад книгата ми беа токму малку оставените и издадени пишани дела за ромската култура и идентитет. Процесот беше долг, но навистина значаен за мене. Во книгата можете да прочитате за сè што сметав дека е важно да биде препознаено и да се даде акцент на основоположниците и нивните наследници коишто започнаа да инвестираат во оставање дела за ромската култура и идентитет. Ми беа голема инспирација да пишувам и соработувам со нив. Во книгата ќе најдете сè од култура до авторски текстови за ромскиот јазик. Сакав накратко да го доловам ромскиот идентитет и Романипе на секој што ќе ја прочита книгата и ќе сака да знае повеќе за тоа. Сакав да покажам нешто поразлично, нешто ново.
Што го дефинира Романипе, ромскиот идентитет, како се одржува низ години, кои обележја ги негува и што значи за претставување на ромскиот народ низ целиот свет?
Насекаде Романипе има свои белези и обележја, но сите го имаме и носиме Романипе во себе. Романипе е ризница во која можете да го видите нашиот ромски идентитет, обичаи, историја и сè што нè прави да сме свои и уникатни. Романипе тече низ нашите вени, бие во нашите срца и живее во секоја наша клетка. Тоа е се што ние Ромите сме денес. Горди Роми, горди на нашата традиција, култура, јазик и идентитет.
Како оваа култура се негува тука во Македонија, од кои лични приказни низ истражувањето на ромската традиција бевте поттикната да почнете да ги собирате во една книга?
Романипе во моето семејство се пренесува со генерации. Сите елементи кои го сочинуваат Романипе ги имам стекнато уште од најмали нозе и со тек на време стануваа дел од моето битие, од мојата личност и го трасираа мојот денешен пат. Книгата ја претставува ромската култура и идентитет преку мојот фотоалбум кој е богат со настани од областа на културата на коишто сум присуствувала и била дел уште во детството. Моите родители посетуваа културни манифестации и речиси на сите одев и јас. Тука се имам запознаено со ромските културни дејци, со нивното творештво, со различните области од ромската култура, со начинот на негување на традицијата и спојот меѓу архаичното и модерното. Токму овие вредни и квалитетни културни дејци се содржани во мојата книга, дел од нив како културни доајени кои ми го осветлуваа патот, а дел од плејадата млади уметници чијашто ѕвезда допрва треба највисоко да засјае.
Вие сте новинарка, писателка и културна работничка која стои позади голем број проекти за видливост и претставување но и зачувување на ромската култура и традиција кај нас и во светот. Според вас што е потребно повеќе да се направи за поголема застапеност и видливост на ромскиот идентитет и што може особено да се научи од Романипе?
Живееме со векови едни до други, заедно го креираме мостот на мултикултуралноста и затоа сметам дека ромската култура треба што повеќе да биде застапена во севкупниот културен живот во земјава. Зголемениот број на културни манифестации, мултимедијални настани и фестивали од различни области од културата и уметноста може да придонесат уште подобро и уште повеќе да се знае за Романипе бидејќи колку повеќе се познаваме меѓусебе толку повеќе ќе имаме респект за културата на ромскиот народ. Секако, на овој начин ќе се продлабочат културните врски и ќе се збогати мултикултурното небо со богат репертоар на настани и остварувања на културни работници.
Промоцијата на вашата книга беше проследена со уметнички перформанс. Ќе може ли да ни раскажете повеќе за важноста преку уметност да се претстави оваа книга и колку перформансите и уметноста според вас играат улога во развојот и зачувувањето на ромската култура?
Мојот перформанс беше наречен ,,Кои сме ние?“ . Со тоа сакав да го поставам прашањето на секој од нас Кои сме ние? Дали доволно вложуваме во нас и нашиот идентитет? Но, овој перформанс покрај тоа што поставува прашање до пошироката публика истовремено и на еден пластичен начин ја доловува содржината на мојата книга. Главниот лајтмотив во книгата е идентитетот на еден народ претставен преку културни елементи. Секој од нас во себе го носи идентитетот на својот народ со сите негови обележја и карактеристики, видоизменет и дополнуват низ времето. За мене перформансите се начин како да ги прелеам своите емоции и мисли на пошироката публика. Преку еден перформанс ја преточувам ромската култура во зборови, движења, игра… Верувам дека секој којшто имал можност да види барем еден мој перформанс се нурнувал во светот кој јас сакам да го артикулирам и во пораката која сакам да ја пренесам, а речиси во секоја порака провејува љубовта кон културата преку која јас се оформувам себе си и верувам дека ќе им бидам инспирација и на други да ја негуваат својата култура и традиција преку различни сегменти од културата и уметноста.