Неколку години настанот „Денови на комуникација“ ги собира регионалните експерти за комуникација, ПР и односи со јавност на интернационален настан на кој се разменуваат искуства за регионалниот пазар и сите новитети во глобалната ПР индустрија, се подигнува вредноста на односите со јавност и се сподекуваат искуствата на сите комуникатори. Оваа година на станот се одржа во Ровињ во организација на Хрватската асоцијација на здруженија за пазарна комуникација (HURA) и IAB Croatia, како и Хрватската асоцијација за односи со јавност. Впечатоците од лице место со нас ги сподели Ива Дујак која е партнер и креативен директор на маркетинг агенцијата Brand Union, каде е задолжена за стратешки развој и комуникација на бројни, локални и интернационални брендови.
F*ck conference reviews. Love DK impressions
Денови на комуникација 2023
Кога ќе се навратам на овогодинешните „Денови на комуникација“, првото што ми доаѓа да го споделам е „го слушавме Rory Sutherland во живо“ и веројатно тоа е доволно да се добие претстава за конференцијата за сите кои барем малку читале за маркетинг и креативност. Но, „Денови на комуникација“ се секогаш многу повеќе од главниот говорник, колку и голем и (пре)добар да е тој.
Ова е четврта година како екипата на Brand Union ја посетува конференцијата и очекувањата од година во година ни стануваат сè поголеми, баш поради тоа што секоја конференција е одлично осмислена и организирана. Една од главните причини е тоа што ДК е една од ретките конференции кои сè уште го ставаат знаењето на прво место. Година по година, изненадуваат со одлични предавачи кои успеваат не само да го задржат вниманието, туку и да откријат нови светови и инспирација која ги „држи“ посетителите до следното издание на фестивалот.
Темата на која се посветија најголем дел од предавачите годинава очекувано беше вештачката интелигенција во сите нејзини форми и влијанието кое (ќе) го има врз нашите професионални и приватни животи. Од комплетно позитивната перспектива на футуристот Ian Beacraft, до „we’re doomed, but we can make it“ ставот на поранешниот вработен во FBI, Microsoft и Google, James Whittaker, јасно беше дека AI е нешто за кое треба да се подготвуваме и размислуваме многу посериозно. Дали ние ќе успееме да ги истренираме машините во наша полза, за правење добро или ќе отидат во многу погрешна насока, барем уште малку време, останува на нас.
Како и секоја година, дел од предавачите беа врвни креативци кои само со презентирање на своите дела будат инспирација кај целата публика. Toshihiko Tanabe, креативна личност на годината во Јапонија, ја сподели својата филозофија за purpose-driven маркетинг, односно дека треба да застанеме зад одредена цел исклучиво ако можеме вистински да ја поддржиме и таа поддршка да биде долгорочна.
Креативното дуо Valeè Duhamel ја претстави нивниот начин на работа кој подразбира постојано играње, и како тој пристап на игра и истражување им помогнал да направат врвни видеа за најпознатите светски брендови. Victor Knaap, основачот на Media Monks зборуваше за тоа како успеале да развијат и одржат компанија која пораснала од 40 до 900.000 вработени во само неколку години. Накусо, искреноста и слободата во работењето навистина можат да ви помогнат да направите големи, одлични работи.
За крај, ги оставив говорниците кои се толку големи што самото присуство на нивно предавање е доволно, а да не спомнувам колку може да се научи од нив. Отворањето на конференцијата го означи јавување во живо на Edward Snowden кој покрај тоа што ја раскажа приказната на Wikileaks даде и свое гледиште за тоа како ќе се одвиваат работите во иднина. Rory Sutherland, глобалниот потпретседател на Ogilvy нè импресионираше со неговиот начин на размислување и гледање на креативноста. Наместо мистериозна моќ и чудна сила – начин на размислување, начин на согледување на проблемот од различни перспективи и откривање на најефикасното out-of-the-box решение.
Покрај предавањата на главната сцена се одржаа и бројни, одлични работилници и панели, а вечерниот дел од конференцијата како и секогаш беше посветен на наградите за најдобрите маркетинг и комуникациски кампањи во Хрватска и регионот – Effie, IdejaX, Young Lions, MIXX awards, а од годинава и BalCannes од кои една награда стаса и во Македонија, честитки Публицис и Пивара Скопје! 😊
Накусо, овогодинешните „Денови на комуникација“ беа одлично искуство кое во три дена нè исполни со мотивација и инспирација за цела година. Доколку не ви се чека до следните, испробајте го Weekend Media Festival овој септември, или полека почнете да размислувате за следниот април и „Денови на комуникација 2024“. Се гледаме таму! 😊