Петти мај е годишнината од усвојувањето на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо од страна на Народната влада на Народна Република Македонија во 1945 година. Овој ден се одбележува како Ден на македонскиот јазик од 2019 година со одлука на Владата.
За одбележување на овој ден многу училишта, библиотеки и културни установи низ земјава денес организираа манифестации за промоција на јазикот, но и за доближување на македонската литература до најмладите.
НУКЦ „Кочо Рацин“ од Кичево, заедно со СОУ „Мирко Милески“ организираа голем музичко-сценски настан за долововуање на времето од создавањето на збуката од страна на великаните, па се до современиците.
Во главниот хол на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржи настанот „Преку јазикот на Конески и Миладиновци до светот на македонската народна поезија“. Настанот го отвори директорот на НУБ со пригодна реч, додека за македонскиот јазик во народната поезија говореше д-р Јана Михајловска.
Во склоп на овој свечен настан специјално и за првпат ќе биде претставена и „Изложба на современи авторски ракописи“ од богатиот фонд на НУБ за која говори д-р Марина Мијаковска.
Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид имаше богата програма за одбележување на Денот на македонскиот јазик каде што беа имаше изложба на дела од Фондот на библиотеката, беа претставени документари филмови за Конески и за „Тешкото“, а со свои рецатал посветен на македонскиот јазик се претставија и ученици од ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани.
Во Центарот за култура во Гостивар пак се читаа есеи за македонскиот јазик и се изведуваа песни од познати македонски автори.
На овој начин училиштата и културните институции се обидоа да го приближат македонскиот јазик и неговото значење на најмладите и идните генерации кои треба да го научат и чуваат јазикот како најважно културно наследство.
Со своја честитка се јави и претседателот на државата Стево Пендаровски кој истакна дека „денеска оддаваме почит на македонскиот јазик кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост“.
„Денеска го чествуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, заштитникот на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција е семето на македонската држава и порив кој не води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации.
Но, да не ги заборавиме и нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик. Се потсетуваме на сите, кои со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој не учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина.
Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, сакам да укажам на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор. Нека ни е за многу години Денот на македонскиот јазик!“, истакна Пендаровски.