Младиот уметник се двоуми пред штафелајот, неговата четка виси во воздухот со деликатна неодлучност. Градинарските цвеќиња на платното се заробени и неподвижни, токму од медиумот кој требаше да ги ослободи. Дејвид Линч паузира и во себеси го наоѓа ветрот кој ја раздувува статичната слика—почнува да се движи. Иако сето ова се случува во богата креативна свест, ниту за малку не го прави невистинито. Публиката е сведок за тоа. Толку беше потребно да му се отвори нов свет и филмската уметност да добие една од најуникатните визии во своето постоење.
Дејвид Линч почина вчера на 78 годишна возраст после кратка борба со белодробен емфизем. Неговите дела живеат, важни и непослушни, се спротивставуваат на едноставна дефиницја, но нивниот дух е познат на сите: со големи потези, создаде филмски јазик кој одби да ја објасни убавината на својата необичност. Не ги гледаш неговите филмови, туку ги доживуваш. Ги чувствуваш во коските. Како да се создадени само за тебе, само за оној чуден мрак во кино салата кога одеднаш сфаќаш дека си зачекорил во свет кој не наликува на ништо што претходно постоело. Ја управуваше камерата како филозоф би управувал со зборови, земајќи мисла, обично семе извадено од сопствениот ум и претварајќи го во сон. Неговото толкување на соништата (како главен „трејдмарк”) не беше само филмско информирање—туку беше сон сам по себе. Во светот на Дејвид Линч логиката има мало значење, скоро и непостоечко, бидејќи она што тој го уважуваше беше да се прегрне непознатото, прифаќајќи го, со сета негова убавина, ужас, чудност.
Работел во многу жанрови, но колку еден уметникот може да ги прифати жанровските обврски кога тој самиот по себе е жанр? Дури и терминот „линчовски“ влезе во лексиконот на филмаџии и љубители, збор што се обидува да го каже неискажливото и таа исклучителна естетика која се провлекува низ неговата работа. Тоа е и почит и доказ за неизбришливиот белег кој го остава врзуметноста на филмот. И секој пат кога ни откриваше нов филм, светот брзаше да го напише како негово крунисно достигнување, дело кое ќе ја дефинира неговата кариера. Но, дури и пред мастилото да се исуши, излезе следното дело, демонтирајќи ја претходната пресуда, менувајќи ја рамката, сè додека целата работа не стана своја бескрајна, само-препишувачка загатка.
Додека пишувам, одеднаш ми текнува: некаде таму, некој го чита ова, некој што првпат, никогаш порано не го слушнал името Дејвид Линч. Колку би било неверојатно за таква личност да се запраша: „Што е ова и за што се работи?” Да им пристапи на неговите филмови со љубопитност, целосно предавајќи се на чудното и прекрасното и возвишено искуство кое се вика Дејвид Линч.
Му кажуваме добра ноќ и му се заблагодаруваме за: Eraserhead (1977), The Elephant Man (1980), Dune (1984), Blue Velvet (1986), Wild at Heart (1990), Twin Peaks (1990), Twin Peaks: Fire Walk with Me (1992), Lost Highway (1997), The Straight Story (1999), Mulholland Drive (2001), Inland Empire (2006), Twin Peaks: The Return (2017)