Многу јасно ја паметам мојата лична фасцинација од актерката Дарја Ризова кога по првпат ја видов на сцената. Бев трогната од нејзината убавина и од актерската игра, а многуте претстави што ги гледав со неа, ми покажаа дека таа е навистина една од најдобрите македонски актерки, со светски квалитет. Начинот на интерпретација на ликовите кои ги игра секогаш допира до мене и таа е вистински доказ дека актерот во секој лик остава дел од себе.
Неодамна, на меѓународниот фестивал во БиХ ја добивте наградата за најдобра актерка од публиката за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“. Задоволна ли сте од вашиот свет што го градите со многу љубов и напорна работа?
Дипломирав на ФДУ во класата на проф. Кирил Ристоски и проф. Зоја Бузалковска. Мојот професор беше извонреден актер, фантастичен педагог и благороден човек. Тој е оној што имаше на некој начин најголемо влијание на мене, за да станам она што сум денес, да се држам цврсто до своите вредности и принципи, вистински да ја сакам оваа професија, да ја негувам почитта кон храмот на уметноста, театарот, сцената и од него научив дека патот по кој оди актерот е тежок, трновит, непредвидлив и дека само со многу, ама навистина многу работа, можеш да успееш да се избориш да го најдеш своето место под сонцето. Ми недостигате професоре, ѝ недостигате на цела наша класа, на сите ваши студенти, ѝ недостигате на Зоја. Му недостигате на Факултетот за драмски уметности, на вашите колеги, ѝ недостигате на сцената. На 30 јуни се навршуваат точно 11 години откако не сте веќе со нас! Оваа награда што ја добив на Фестивалот на актерот, во Коњиц, Босна и Херцеговина, ви ја посветувам вам, драг професоре. Толку многу сакам да ве гушнам, голем човеку, да се радуваме и да ви раскажам многу нешта. Бескрајно сум ви благодарна за сè!
Велат дека глумата како професија најблиско ја опишува гол човек, исправен, кој многу полека се врти во круг. Чувствувате ли дека со секоја изведба дел од вас секој си понесува дома?
Има процеси во театарот што остануваат вечно, има такви претстави и такви улоги. Ќе ги паметиш засекогаш, се поврзуваш со колегите со кои ги работиш, со темата, ја работите претставата со заемен труд, посветеност, љубов и желба да оставите нешто заедничко зад себе. Да раскажеш една приказна, во која оставаш дел од себе, не е лесно. Да се биде актер е тест! Треба голема сила, трпение, смиреност, карактер, дисциплина, фокус и, пред сè, јасен мотив зошто ја одбираш оваа професија. Треба навистина многу да ја сакаш, зашто не секогаш оваа професија ти возвраќа со истата љубов, но кога ќе ти ја даде таа љубов, те вивнува до небото, телото ти пулсира, срцето ти бие, нозете ти се тресат, адреналинот знае да удри докрај и влегуваш, отвораш нови врати, влегуваш во непознати домови, во нови семејства, разбиваш животи или променуваш судбини, љубиш или мразиш до болка. И така до бескрај.
Со секоја нова улога, нов лик одново се пронаоѓате, растете и развивате. Колку е тешко да се подготвите за определена улога и како изгледа процесот на оживување на ликот?
Секоја улога наметнува некој свој, посебен пристап и опсервација, различен метод, различна логика, различен режисер со веќе изградена визија за големата слика, како и различна екипа. Речиси секогаш е тешко, но во тоа е убавината, сите овие индивидуални разлики да се спојат и да придонесат во раскажувањето на една приказна што понатаму ќе допре до публиката. Просторот што ми го дава сцената за емоционално празнење и креативно изразување е она што, всушност, ме исполнува мене лично. Затоа сакам да играм улоги кои мене ќе ми бидат битни, како што ми биле досега. Посакувам оние улоги што се за мене да ми дојдат во моментот кога ќе бидам подготвена за нив, да ме инспирираат, да ме мотивираат да бидам подобра, подобро да се разбирам себеси и светот околу себе.
Во „Галеб“ на Чехов ја играте Нина Заречна, еден од најимпозантните женски ликови во светската драматургија, жена која избира да живее и да љуби според свои правила. Како вие се носите со ограничувањата и стегите што ги наметнува околината?
Се сеќавам дека уште додека студирав, сакав некогаш да имам шанса да ја играм Нина Заречна. И ете, после години, ми се оствари тој сон. Пред неколку години ја направивме претставата „Галеб“ во МНТ во режија на Нина Николиќ. Мојот „Галеб“, мојата Нина Заречна е борец за еден голем сон, сон на секој актер. Ја живееме оваа професија, каде што човек може многу лесно да се откаже, да потклекне, да ја изгуби вербата и да не може да ги издржи сите удари што доаѓаат во животот. Таа е лик кој зборува за професијата, за љубовта, за слободата, кој не дозволува да потпадне под стегите и конвенциите на општеството. Свесна е за жртвата која е потребна за да успееш да се избориш за она во кое веруваш и она што го сонуваш, свесна дека човек треба да го носи својот крст и да верува во себе и тогаш кога е најтешко.
Македонскиот народен театар повеќе од десет години е ваша матична куќа и место каде што го негувате и го развивате вашиот талент. Како сте задоволни од оваа сезона, што ново се подготвува и што можеме да очекуваме следно од вас?
Македонскиот народен театар е мојата матична куќа и навистина имав среќа што станав дел од него. МНТ е мојот втор дом, МНТ е љубов моја. Во една исклучително тешка година во светски рамки, сосема неочекувано се случија убави работи. Заедно со режисерката Нина Николиќ ја направивме претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, заедно со моите прекрасни колеги и извонредни актери Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, во копродукција на МНТ, „Перипетија продукција“ и Сараевски ратни театар – САРТР. Ја играме во МНТ и во САРТР. Гостувавме на фестивалот „Живифест“ во Живинице, Театарскиот фестивал во Бурса, Турција, фестивалот на Босанска драма во Зеница, каде што од новинарското жири беше прогласена за најдобра претстава, во Брчко и на фестивалот на актерот во Коњиц. Паралелно ја работевме и претставата „Народен непријател“ по текст на Хенрик Ибзен, а во режија исто на Нина Николиќ, која ја имаше својата премиера во април. На фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ги добивме следниве награди: гран-при за најдобра претстава, за најдобра сценографија (Вишна Вујовиќ), за најдобра машка улога (Никола Ристаноски) и за рекламен материјал (Димитар Димитров). Најважно од сè беше чувството по подолго време да се видат полни сали, луѓе без маски и вистински да се ужива во убавините на еден театарски чин.
Сепак, повеќето од претставите во кои играм во МНТ се поставени на Големата сцена и, за жал, сè уште не се вратени на репертоарот. Верувам дека тоа ќе се случи наскоро, се надевам веќе од следната сезона и со нетрпение чекам да ги вратиме во полн сјај.
Актерската игра бара огромна физичка, интелектуална, но и ментална подготвеност. Како се справувате со чувството на исцрпеност? Запаѓате ли во периоди на немотивираност и летаргија?
Имам некој свој микрокосмос и внатре во него се трудам да се занимавам со работи што ми ја хранат душата, кои ме исполнуваат и ме прават среќна и радосна. Тоа ми е потребно за да можам да напредувам и да се развивам и како актер и како човек, да не исчезне детето во мене. Така што, единствено неработењето може да ми создаде чувство на демотивираност.
Огромни честитки за престижната, меѓународна награда што ја добивте во Турција и која потврди дека светот во вас препозна голем уметник. Кој е најдобриот пат до отворен ум, добра мисла и стремеж кон чувството граѓанин на светот?
Со затворањето на театарската сезона 2021-22, жирито на Јени Тијатро Дергиси, во селекција на повеќе од 200 претстави, ги објави меѓународните награди според кои мене ми припадна наградата за најдобра актерка на меѓународно ниво за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“. Искрено бев пријатно изненадена со оглед на тоа што учеството на овој фестивал беше на почеток на март во Бурса и нема натпреварувачки карактер, а наградата дојде од страна на жири кое ја оценува работата на сите продукции во текот на целата година во нивната земја. Оваа награда се доделуваше на 13 јуни во Истанбул, јас не бев во можност да отидам и да ја подигнам наградата, мојот драг колега, од мојата класа Никола Настоски, кој докторираше таму, ме поврза со нашиот млад колега Виктор Велевски, кој е таму на магистерски студии и тој ја подигна во мое име. Во ова интервју, сакам да му се заблагодарам, тој се појави на сцената, одржа говор во мое име и тоа навистина многу ми значи. Мислам дека целиот процес и резултатот од оваа претстава ќе имаат посебно место во мојата меморија не само поради наградите туку најмногу и поради тешкиот период за творење во време на пандемија. Можам слободно да кажам дека е една од најважните работи што ми помогнаа да го одржам мојот ментален баланс и да ги задоволам моите креативни потреби.
Моментално живееме во свет кој се соочува со многу тешки предизвици, економска криза, пандемии, војни, во кој е сè потешко да се функционира и да се резонира нормално. Каде вие го пронаоѓате својот мир, својата слобода?
Целата ситуација со глобалната светска пандемија удри на многу места, сведоци бевме на губење на работни места, загрозување на животната егзистенција, соочување со голем страв и остави психолошки последици на секој чекор. Донесе изолација, отуѓување, соочување со болест, со смрт, го разоткри до коска овој гнил систем во кој живееме. Искрено верувам дека нè чекаат подобри и посреќни денови. Среќна сум моите блиски, моите дома да се здрави и живи, ме прави среќна моето куче, кое, иако е старо, сè уште ми се радува со истата страст, ме прават среќна ситни нешта, ме прави среќна театарот, моите пријатели, добар филм, серија, книга и, секако, чувството на внатрешна хармонија, мир и спокојство.
Стилистка: Бојана Максимовска
Шминка и фризура: Бобан Тодоровски