Открив дека сакам да станам модел… Од најраното детство почнав да се интересирам за оваа професија и ги следев сите модели кои беа на моја возраст. Моите родители и тогаш и сега се мојата најголема поддршка и со нивната љубов и разбирање секој работен предизвик е многу полесен.
Најголема предрасуда за светот на модата… Најчесто, луѓето ја потценуваат оваа професија, ја доживуваат како лесна. Кога ќе видат некој финален продукт, на пример слика или видео, има лоши комплименти во врска со тоа и различни предрасуди, но најчесто луѓето не знаат што точно се случува зад таа слика или тоа видео и колку тимот кој го работи тоа е внесен и дава сè од себе за тој финален продукт да изгледа перфектно.
Омилен дизајнер со кој сум соработувала… Не можам да кажам дека имам омилен дизајнер со кој сум соработувала, но сега соработувам со модната групација Inditex Group, во кој спаѓаат брендови како Stradivarius, Pull and Bear, и може да се каже дека оваа соработка ми е омилена.
Црната страна на модната индустрија е… За среќа, досегашното мое искуство не ме натерало да ја видам црната страна на модната индустрија.
Омилено модно парче што го поседувам… Хмм, најчесто во мојот гардеробер можете да најдете едноставни маици од кои повеќето се во црна боја и различни видови фармерки.
За кастинг се подготвувам со… На кастинзи најчесто носам едноставни маици и црни тесни фармерки, едноставни црни обувки со потпетици и најважно од сè е да имаш чиста кожа.
Најтежок дел од работата на сетот ми е… Искрено, не е лесно да си на сет, понекогаш фотографирањето може да трае и по 12 часа на ден, понекогаш и подолго, но ако луѓето околу тебе се позитивни и насмеани сè е многу полесно. Се трудам да сум максимално професионална и посветена на секој сет.
Модната сцена во Македонија… Кога почнав да градам интернационална кариера сфатив дека во Македонија недостига малку повеќе професионализам во секој аспект на модната индустрија.
Најголемо влијание врз мојата личност имаше… Моите родители кои ми беа најголема поддршка и кои премногу веруваа во мене и ми помогнаа да се посветам на кариерата во целост и да се изградам во прекрасна и, пред сè, професионална личност. Целата моја работна етика ја имам научено од нив.
Утрински ритуал што го практикувам… Најчесто, утрото ми почнува со количински мал, но здрав оброк и шолја кафе, која ми помага за перфектен почеток на секој ден.
Оваа година најмногу ќе бидам фокусирана на… Покрај мојата досегашна работа во Париз, Мадрид и Милано, нов предизвик ми е Лондон и ќе дадам сè од себе и таму да изградам добро портфолио.
Се растажувам кога… Сум вложила многу труд во нешто, а не сум ја остварила замислената цел, но секогаш тагата ми е мотивација да продолжам понатаму.
Најголема неправда што ме погодува… Во светот има многу неправди од страна на луѓето, но мораш да сфатиш дека сè е предизвик и дека мораш да искусиш и да поминеш сè што ти носи животот за да продолжиш понатаму.
Омилена социјална мрежа и зошто… Најмногу користам „Инстаграм“ поради споделување фотографии од професијата.