Сè поголем број на инцијативи низ Европа го користат пристапот до различните уметности како алатка за да се подобри општото ментално здравје на луѓето и нивната благосостојба покрај класичниот медицински третман. Во данскиот град Силкеборг, група на нови мајки кои страдаат од постпородилна депресија пријавиле дека се чувствувале поблиски со своите новороденчиња, помирни и пооптимистични откако учествувале во неделни сесии за пеење специјално создадени да им го подобрат менталното здравје.
Слични резултати беа забележани и од Светската здравствена организација преку проектот „Музика за мајчинство“ спроведен во четири градови во Италија и Романија.
„Како што физичката активност има свои здравствени придобивки, да се биде и културно активен исто така има придобивки за здравјето“, вели за Euronews Нилс Фиетје, технички референт во СЗО и ко-директор на Лабораторијата за уметност и здравје.
„Во сето тоа има социјална компонента секако, која може да се добие и на други начини. Но музиката и тоа што таа претставува е јасен фактор кој ја подобрува респонзивноста и видовме големо влијание врз начинот на закрепнување кај мајките со постпородилна депресија“, вели тој.
Уметноста игра голема улога во здравјето
Поголемо истражување се води во текот на последните 25 години за ефектот на уметноста врз здравјето и благостостојбата кај луѓето. Извештајот на СЗО од 2019 година откри дека уметноста игра голема улога во подобрувањето на менталното здравјето кај индивидулаци и дека делува и како превенција на болести кои може да се развијат низ животот. Овој извештај ги повикува и владите на Европската унија да делуваат и да промовираат ангажман во уметноста.
„Овој извештај е наша Библија“, вели Корнелија Кис, која го надгледува проектот „Култура за здравје“, кој е половично финасиран од Европската комисија со цел да се зголеми свесноста за програми кои ја промовираат културата за нејзините здравствени придобивки низ Европа и пошироко.
По 18 месеци собирање податоци, овој проект ги презентираше резултатите на конференција во Грција на 9 јуни и објави препораки кои може да се преземат за да се подигне свеста за видовите проекти и да се поттикнат инвестициите во превенција и промоција на здравјето. Исто така во проектот се препорача и промоција на употребата на културно-социјалниот аспект низ ЕУ како и додавањето на провизии во државните документи за политика. Но најважниот аспект, според Кис е да се случат што повеќе дискусии на локално ниво, со повеќе земји членки.
Пречките кон доброто ментално здравје не можат да се надминат само со здравствениот систем, се вели во документ на Европската комисија објавен минатиот месец. Пристапот до природа, спорт и пристојни животни услови, заедно со пристапот до култура се наведени како елементи што имаат важно влијание врз животот на индивидуите. Уметноста и културата се важни за промоција на позитивно ментално здравје и благосостојба и на индивидуалците и на општеството во целост, со тоа што поддржуваат социјална инклузија и намалување на стигмата околу менталното здравје. Извршната власт на ЕУ стави 1,23 милијарди евра од фондовите на ЕУ на располагање на земјите-членки за да ги поддржи „да ги стават луѓето и нивното ментално здравје на прво место“.