Бобан Пешов, Алекса Гајиќ, Белкис Аксу и Владимир Весовиќ се меѓу главните гости на фестивалот посветен на деветтата уметност
СКОПЈЕ – Четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ ќе се одржи од 5 до 7 јуни 2026 година во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Фестивалот годинава носи тридневна програма со изложби, промоции, панели, работилници, цртачки сесии, берза на стрипови, друштвени игри, поткаст во живо и музичка програма.
Главен гостин на „Стрип Трип“ 2026 е Бобан Пешов, италијански илустратор со потекло од Македонија, актуелен со графичката новела „C’era una volta l’Est“ („Беше еднаш на Истокот“). Делото е добитник на повеќе признанија, меѓу кои наградата „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. Пешов на фестивалот ќе го промовира македонското издание на „Беше еднаш на Истокот“, а ќе се претстави и со изложба на свои дела и цртачка сесија.
Специјален гостин е и Алекса Гајиќ, реномиран стрип-автор од Србија, кој ќе ја промовира својата најнова книга „Проширено поле на стрипот“ и ќе го прикаже краткиот анимиран филм „Крал на ништо“. Во меѓународната програма се вклучени и Белкис Аксу од Турција, која ќе ги претстави своите мини-стрипови, како и Владимир Весовиќ од Србија, кој ќе одржи мастерклас и работилница за стрип.



Македонската стрип-сцена на фестивалот ќе ја претстават Тони Анастасовски, Методија Стојановски, Јордан Коцевски, Ивана Атанасовска, Таки Гаковски, Димитри Балојани, Златко Крстевски и Ивица Дукоски. Во рамки на фестивалот, на авторот, уредник и издавач Никола Гелевски ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“, со која се оддава признание за неговиот придонес кон македонското стрип-творештво.
Клучни програмски содржини
- три изложби со стрип-табли и илустрации од гостите и учесниците на конкурсите;
- промоции на нови домашни и регионални стрип-изданија;
- панели, презентации, мастерклас и работилница за стрип;
- цртачка „џем“ сесија со гостите;
- берза на стрипови, друштвени игри и поткаст во живо;
- диџеј сетови на Галатеа, Владодлак и Игор Калц.
Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип и конкурсот за стрип-корица. Победниците ќе добијат финансиски и нефинансиски награди.
Коорганизатори на фестивалот се стрип-книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“ и издавачката куќа „Стрип Квадрат“. Поддржувачи на македонската стрип-сцена вклучени во фестивалот се „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“ и „Катран Комикс“.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар, а спонзор на настанот е Скопско Смут.
Повеќе детали, точни термини и програмски новости се достапни на официјалните Facebook и Instagram профили на „Стрип Трип“.
За „Стрип Трип“
„Стрип Трип“ е меѓународен фестивал посветен на стрипот, илустрацијата и културата на деветтата уметност. Фестивалот ги поврзува домашните автори со регионални и меѓународни гости, поттикнува нова публика за стрипот и создава простор за промоција, едукација, размена и соработка.
Медиумски контакт
Име и презиме: Кирил Мечалов
Е-пошта: kiril@mkc.mk
Телефон: 070 344 839
Facebook: https://www.facebook.com/profile.php?id=61558565664523
Instagram: https://www.instagram.com/striptripfestival/

