Бојан Ковски е дипломиран сликар, кој се изразува преку боди-пејнтинг, трансформирајќи човечки тела во живи уметнички платна. Преку оваа уметничка форма, тој истражува интеракција меѓу бојата, формата и телото, создавајќи визуелни приказни што инспирираат.
Боди-пејнтингот како уметничка дисциплина има многу аспекти. Како ја дефинирате оваа форма на уметност во контекст на современата визуелна култура и што ја прави уникатна во однос на другите уметнички изрази?
Боди-пејнтингот е уметност каде што кожата зборува, боите протестираат, а телото станува живо платно што ја носи пораката на слобода и промена.
За мене, ова е исклучително динамична и инклузивна форма на уметност што го користи човечкото тело како платно. Во контекст на современата визуелна култура, оваа дисциплина е мост помеѓу традиционалната уметност и современите трендови на изразување. Она што ја прави уникатна е нејзината „живост“ – телото е живо, подвижно, и секој момент на создавање или прикажување е дел од уметничкото дело. За разлика од статичните медиуми, како сликарството или скулптурата, сликањето на тело овозможува интерактивност со публиката и креира нови доживувања што се засновани на емоции, движење и контекст. Во современата култура што постојано бара свежи и провокативни форми на комуникација, боди-пејнтингот нуди комбинација на уметност, перформанс и лична нарација.
Вашиот пристап кон боди-пејнтингот, покрај естетиката, вклучува и длабоки емотивни и концептуални слоеви. Како успевате да ги интегрирате темите на идентичност, слобода и тело во своите дела?
Секое дело што го имам создадено на тело е резултат на долго планирање и истражување. Телото како медиум за мене е симбол на слобода и сила, но истовремено и на ранливост. Моите дела го третираат телото како простор каде што се испреплетуваат прашањата на личниот и колективниот идентитет. Преку изборот на бои, линии и симболи, се обидувам да раскажам приказни што носат универзални пораки – за прифаќање на различностите, слободата на изразување и борбата против наметнатите општествени норми. Работам многу блиску со моделите и верувам дека нивната индивидуалност додава уште еден поинаков концептуален слој на уметноста. Телото не е само „платно“ туку е и дел од наративот. Движењето на телото, неговата природна енергија и реакцијата на публиката помагаат да се интегрираат овие важни теми на еден многу интимен и визуелно силен начин.
Работата со/на живо тело кое е променливо и динамично ве соочува со различни предизвици. Како го развивте вашиот метод на работа со оглед на тоа што станува збор за „привремено“ дело како уметничка форма?
Создавањето уметност врз живо тело бара голема дисциплина, концентрација и флексибилност. Најголемиот предизвик е токму природната променливост на телото – неговата динамика, движењето и потребата да се реагира на различни услови во моментот. Со текот на времето, развив свој метод што вклучува планирање, но и адаптибилност во процесот.
Постојаното документирање преку фотографија и видео ми помага да го „замрзнам“ делото во време, овозможувајќи му на боди-пејнтингот да остане како траен уметнички израз, и покрај неговата привремена природа. Соработката со професионални фотографи и модели е клучна – тие ја разбираат мојата визија и придонесуваат за крајниот резултат. Особено важен е процесот на создавање. Токму тој процес носи магија – во секој потег, во секој миг на работа. Иако делото исчезнува, емоцијата што ја остава кај публиката и моделите останува трајна.
Боди-пејнтингот често се користи како медиум за поттикнување на социјални и политички пораки. Ако твојата уметност одговара на тековните општествени предизвици, тогаш каква улога сметаш дека игра во современата уметничка сцена?
Моето творештво секогаш има силен социјален и концептуален фокус. Верувам дека боди-пејнтингот како медиум е моќен алат за испраќање пораки што допираат подлабоко од традиционалните форми на уметност. Телото е нешто што сите го поседуваме и со кое можеме да се идентификуваме, па токму затоа боди-пејтингот успева да ја ангажира публиката на интуитивно ниво.
Мојот нов проект, „Faces of Change: Art as Collective Resistance“, директно одговара на општествените предизвици во Македонија. Тој зборува за маргинализираните групи, хомофобијата, невидливите болки и различните неправди. Во современата уметничка сцена, оваа форма на уметност има важна улога во поттикнувањето дијалог, создавајќи моќни визуелни симболи што не можат да се игнорираат.
Какви трансформации сте забележале во јавната перцепција за боди-пејнтингот изминативе години? Како го гледате влијанието на дигиталните медиуми и социјалните мрежи во промоција на оваа форма на уметност и нејзината интеграција во популарната култура?
Јавната перцепција за боди-пејнтингот значително се промени последниве години. Некогаш сметан за алтернативен и маргинален облик на уметност, денес боди-пејнтингот сè повеќе е признаен како легитимна и моќна уметничка дисциплина. Луѓето почнаа да ја гледаат нејзината креативност и комплексност, а не само естетиката што ја носи овој медиум. Дигиталните медиуми и социјалните мрежи имаат огромна улога во овој напредок. Преку платформи како „Инстаграм“ и „Тикток“ уметниците можат да допрат до глобалната публика, а боди-пејнтингот како медиум станува дел од популарната култура. Овие платформи овозможуваат делата да живеат подолго од нивната привремена природа и да инспирираат нови генерации уметници и гледачи.
Во денешно време, визуелното изразување бара нешто што ќе го задржи вниманието и ќе предизвика емоција – а токму боди-пејнтингот успева во тоа. Тој е визуелно моќен, интерактивен и современ медиум што постојано ја менува перцепцијата за границите на уметноста.
Најголемата магија на овој медиум е што уметноста не останува затворена во рамка – таа дише, се движи и остава трага во секој чекор. Токму затоа овој медиум ме води напред и по толку време – затоа што е жив, непредвидлив и бесконечно инспиративен.