Колекционерството е хоби, интерес со кој многу луѓе добиваат огромно задоволство, но и вложуваат голем труд, посветеност и финансиски средства. Ние поразговаравме со Бодан Ѓорговски кој има 32 години и е технолог по професија за неговата огромна колекција акциони фигури, но и за задоволството што му ја пружа оваа негова пасија.
Од кога колекционираш професионално играчки/фигури?
Официјално моето хоби во колекционерството започна некаде јули месец минатата година иако уште како дете имав можеби и најголема колекција акциони фигури од типот на Терминатор, Џурасик Парк, Стар Ворс сепак едно е да играш со истите, а друго да ги колекционираш како што го правам тоа денеска.
Од каде желба за колекционерство на фигури?
За тоа морам да се навратам многу одамна. Најголеми „виновници“ за ова мое хоби имаат моите родители кои уште од мали нозе ми ги купуваа сите можни играчки од сите можни акциони филмови во 90тите.
Буквално ги имав сите популарни ликови во тоа време а за моја среќа бидејќи во тоа време имаше доста добар квалитет дури и кај нас во државата па најголем дел останаа во добра состојба засега и по толку години и моите деца да играат со истите играчки. Тоа ми претставува уште поголемо задоволство да го гледам.
Од каде најчесто купуваш фигури?
Најголем дел се од неколку американски компании за препродавање на фигури и други колекционерски предмети од акциони или хорор филмови. За жал, кај нас дали поради малиот пазар или немањето на таква култура за ваков вид на колекционерство изборот е премногу мал и ограничен. Се надевам дека набрзо ќе се подобрат работите на ова поле и ќе можеме и од Македонија да купуваме новите акциони фигури кои се тренд и во светот.
Дали собираш посебен жанр и кој ти е омилен?
Сакам да се водам како Стар Ворс колекционер но имам фигури и од останатите филмски брендови како Марвел, DC и Neca. Морам да признам дека во последно време големо внимание ми привлекуваат хорор фигурите на Нека/Neca па се надевам дека наскоро ќе имам можност да имам неколку препознатливи ликови од таа франшиза на фигури.
Колку чини едно вакво хоби?
Зависи што сакаш да постигнеш. Обични нормални фигури се движат од 20 до 180 долари во зависност од колку е ретка фигурата, која година на производство е од која серија/линија е итн. Но доколку колекционирате и статуи тогаш цените се драстично повисоки и можат да стигнат и до неколку илјади евра. За наши услови со 2-3000 денари месечно може да се направи за година дена пристојна колекција на фигури.
Што е најпотребно во колекционерството на фигури и каков совет би им дал на почетниците колекционери?
Најважно од сè е просторот. Со секоја купена фигура првичниот простор за изложба на колекцијата се намалува. Тука треба да бидат сите внимателни и добро да размислат каде и дали имаат простор за колекционирање.
На сите почетници во ова хоби би ги советувал да купуваат и собираат само тоа што нив им се допаѓа. Да не бркаат трендови за одредени фигури само поради тоа што во моментов се ин.
Која е твојата „Holy grail“ фигура како што ги нарекуваат?
Уф. Можеби се уште ја немам хаха. Не би ја нарекол сè уште holy grail но највредна засега ми е фигурата Боба Фет прототип. Тој е бел Боба Фет во прототип униформа пред нели да биде официјализиран и во боја како фигура и како карактер во Стар Ворс. Цените на фигурите се во подем, а таа е една од тие што вредат моментално најмногу, а што ја имам јас.