Новата рецензија од Миа Милошеска (@wilmaflintstone_) за моментално најгледаната серија на Netflix, Bridgerton.
Историска драма истовремено софистицирана, но и безобразна, прогресивна, на моменти политички/родово сензитива, површна и духовита… Bridgerton е серија базирана врз серијалот романи на Julia Quinn, The Duke and I, која се одвива во Англија, за време на регенството.
Како и во секоја SHONDALАND продукција, во кастингот на Bridgerton е застапена расна разноликост преку color-blind casting (кастинг кој не ја зема предвид етничката припадност, бојата на кожата и полот), која одзема од историската точност на оваа серијата, но додава на нејзината автентичност и прогресивност. Прашањето е дали во овој конкретен случај политичката исправност (застапена и на родово поле) е исфорсирана?
На кратко, приказната го проследува семејството Bridgerton во т.н social season (во слободен превод, Сезона на дружење) во која секоја аристократска фамилија ги претставува своите ќерки – дебитантки (спремни за мажачка) на кралицата, по што следи серија балови на кои истите се запознаваат со потенцијални сопрузи. Oвогодинешната дебитантка на семејството Bridgerton – Daphne е прогласена за incomparable – неспоредлива од страна на кралицата, што веднаш ја става во центарот на внимание. Нејзиниот брат, кој се труди да ја пополни дупката создадена од смртта на татко им, како авторитет ги одбива сите потенцијални сопрузи. Па, што повеќе Daphne се поставува како пребирлива, тоа повеќе ѝ паѓа нејзината вредност на „пазарот“. Впрочем, тогашната висока нога токму претставува еден гласен, високо конкурентен пазар во кој секоја фамилија продавачи бара начин да го продаде својот плод. Велам плод бидејќи главите на аристократските семејства ги спремаат своите деца за оваа „сезона“ од нивното раѓање. Тука се и другите членови од фамилијата Bridgerton и Featheringtons, секој со свои љубовни сплетки во кои не би навлегувала.
Појавата Lady Whistledown очигледно асоцира на Gossip Girl; Lady Whistledown (чиј глас го позајмува Julie Andrews) е анонимна, сезнаечка писателка која ја објавува секоја вредна и скандалозна вест од редот на аристократите. Како и во Gossip Girl, Lady Whistledown е на врвот од пирамидата: ја чита и ѝ се плаши дури и самата Кралица.
Војводата Simon е единствениот харизматичен млад ерген во серијата, па тој факт, заедно со неговата титула, го прават машкиот еквивалент на Daphne за време на Сезоната на дружење. Неговиот апатичен, покоен татко се причината поради која тој не сака да има деца и одбива да го продолжи семејното дрво.
Со цел да ја повратат репутацијата на Daphne и да го ослободат Simon од патетичните девојки и баби, двајцата заедно одлучуваат да се претстават како пар пред јавноста. Последователно на тоа, како и во сите холивудски филмови, глумата станува реалност и тие смртно се заљубуваат еден во друг. Но, Simon oдбива да се ожени со Daphne бидејќи не сака да ја лиши од живот со деца. Се разбира, нивната љубов е од оној неограчиен карактер, па тие сепак се венчаваат и имаат сè на сè вкупно 20 минутни секс сцени во само две епизоди. Сето ова време, Daphne, која на првата брачна ноќ за прв пат се запознава со концептот на секс, сè уште не го знае процесот на зачнување на дете и верува дека Simon e стерилен…
Проблематики на кои, според мене, не им се даде значај благодарение на драматичниот тек на настани и константната сексуална тензија помеѓу двата главни лика:
- Серијата отсликува свет во кој жената е или 1) потентна и фокусирана на семејството како Daphne или 2) академски настроена револуционерка како Еloise, сестрата на Daphne, која сака да е една од Bronte сестрите.
- Ликот на Daphne е површен; главните карактеристики кои ја прават центар на вниманието и најпосакуваната мома меѓу ергените и свекрвите се истите карактеристики кои во 21 век ги гледаме како нереални и го осудуваме фактот што до сега биле воспевани – таа е секогаш учтива, сталожена, деликатна, убава, плава и слаба (но облечена во корсет што ѝ ги истакнува градите.)
- Секс сцената во која Daphne одбива да се тргне од над Simon е класичен случај на силување… но истата е занемарена и оправдана од неговата манипулација. За мене е вистински проблем фактот што малку од луѓето кои ги познавам кои ја гледале серијата го идентификувале Simon како жртва на силување.
- Серијата е тенденцизоно, шаблонски натрупана со разновидни ликови кои би требале да ги претстават новите архетипи на 21 век.
Од друга страна, освежувачка беше глумата на Nicola Coughlan како и комплексноста на нејзиниот лик, Penelope Featherington, а генијален беше и начинот на кој писателите го приближуваат стариот англиски јазик кон младата публика, користејќи стара реторика и вокабулар во фрази кои имаат очигледно саркастична 21 вековна конотација.
Мене лично ми се допадна и тоа што единствената животна аспирација на Daphne е да најде љубов како таа на нејзините родители и да создаде свое семејство… и што, за прв пат после некое време на Netflix, истото не е претставено како одлика на патријахатот која е мануелно вградена во жената, туку како искрена, наивна желба. На женското и машкото задоволство им е дадена еднаква важност. Костимографијата освен што е пријатна за гледање и совршено се вклопува со сетингот, има и скриена симболика; фамилијата Bridgerton носи исклучиво бледи бои, што алудира на нивната висока позиција во општеството, додека фамилијата Featherington носи исклучиво јаки, кич бои, што пак ја покажува нивната потреба за докажување како новодојденици во аристократијата, а Simon носи жешка сензуална црвена, за што сметам дека нема потреба од дополнително објаснување…
За крај:
Серијата е добро спакувана, со добар хумор, одличен кастинг (сите знаеме на кого алудирам 🙂 хинт: на ,,најшармантниот” маж појавен на Netflix после Michelle Morrone од 365 дни), кичеста но естетски задоволувачка… но, на крајот на денот Bridgerton e една класична турска серија, со очигледна доза радикалност.
Ова не значи дека серијата е лоша – напротив, кога ќе размислам, истото чувство кое го имав при гледање на серијата го имав и кога ги читав класиците од 19 век како Jane Eyre, Wuthering Heights, Pride and Prejudice…
Во Bridgerton има сé – од скриена бременост до вооружен двобој, од интимни односи во библиотека до 21 годишни девојки кои не ја разбираат базичната проблематика на сексуални односи (со други зборови, не знаат како се „прават“ деца).
Првобитната и можеби најважната цел на историските драми е да нè едуцираат и да отсликаат одреден историски период. Додека Bridgerton, како романтична драма свесно дава нова, свежа интерпретација на историјата, очигледно е дека сексуалната тензија меѓу двата главни лика е тоа што ја направи Bridgerton најгледанaта Netflix серија (доколку не се согласувате со мене, навратете се на сцената во која Simon ѝ ги соблекува ракавиците на Daphne).
Сепак, тоа не ја прави помалку интересна за гледање – напротив, освежувачки беше да се гледа боза серија на самиот крај на една трауматична година во која пандемијата беше најмалиот општествен проблем. Но, проблемите кои и јас самата прво ги детектирав како проблеми, а потоа ги споменав погоре докажуваат дека во 21 век секое уметничко дело е подложно на социолошка критика – зборот entertainment, дефиниран како активност која го задржува вниманието на публиката и пружа забава и пријатен помин повеќе нема реално значење во нашето општество. Си противречам самата на себе, пред целиот интернет бидејќи, освен што чат-пат пишувам критики и рецензиии, I am my own best critic; откако се потрудив, успеав со отворени раце да ја примам и уживам во парчето забава кое го креирале Shonda Rimes и Chris Van Dusen. Ви советувам и вие да го направите истото.