Рекреативното пушење електронски цигари и со и без никотин ќе биде забрането во Австралија, како дел од голема здравствена реформа поради тоа што експертите велат дека веќе се работи за епидемија на „вејпање“. Електронските цигари со никотин веќе подлежат на рецепт во Австралија но индустријата има многу мали рестриктивни регулации и црниот пазар е во подем. Со новата реформа ќе бидат поставени минимум стандарди за квалитет и продажбата ќе биде строго дозволена само во аптеки.
Министерот за здравство Марк Батлер вели дека производите создаваат нова генерација на зависници од никотин. Позната и како електронска цигара, „вејпот“ загрева течност – најчесто никотин – кој потоа се претвора во пареа и се инхалира. Најчесто се користат за да се престане со пушење, но во Австралија сè повеќе се користи како рекреативен производ, особено меѓу младите луѓе.
„Како што беше со цигарите, големите тутунски компании направија нов зависнички производ, го завиткаа во светкаво пакување, додадоа вкусови и така се создава нова генерација на зависници“, кажал министерот Батлер.
Здравствените експерти предупредуваат веќе неколку години за здравствените ризици од „вејпање“ особено за младите генерации иако на почетокот се сметаше дека не содржат толку штетен тутун како цигарите. Но хемикалиите што ги содржат како и долгото користење може да предизвикаат проблем со белите дробови како и иритација на устата и грлото, но и кардиоваскуларни проблеми.
Австралиската влада смета дека тие се јавна здравствена закана, која диспропорционално делува на младите луѓе, од кои многумина никогаш не пушеле. Истражувањата покажуваат дека еден во шест Австралијанци на возраст од 14-17 години користи електронска цигара како и еден од четири луѓе на возраст од 18-24 години. Владата вели дека компаниите за електронски цигари намерно таргетираат деца, како на пример редени се покрај лижавчиња и чоколадни барови во продавници. Вејпингот станал и број еден проблем со однесување во средните училиште, а некои почнале и да инсталираат детектори за електронски цигари во тоалетите. Владата работи и на потенцијални казни за користење и поседување електронска цигара, освен ако не е препишана.
Австралија веќе ги има едни од најригорозните закони против пушење во светот. Министерот ја спореди новата реформа за електронски цигари со оние што веќе ги има за пушење и кои ја донесоа земјата до најниско ниво на пушење цигари меѓу развиените земји.