Повеќе од една година многу од нас работат од дома. Адаптирајќи се на новите промени и потреби во домот сè повеќе се посветува внимание на работниот простор. Работно биро во некој агол или трпезариска маса не се доволни за секојдневно ефикасно и удобно работење. Работењето од дома има многу придобивки, прочитајте ги предлозите од Atelje Proekting за тоа како да создадете работно место со добар дизајн во домот.
ИДЕАЛНА ПОЗИЦИЈА
Доколку имате посебна работна просторија во домот ги имате идеалните услови за работа како што се приватност, соодветен мебел и опрема. Доколку треба да се најде простор за работно биро во некоја од просториите од домот, пожелно би било да е најдалеку од телевизорот и кујната заради тоа што може да ви пречат останатите во домот. Спалната е добар избор доколку имате потреба од поголема концентрација и мир. Одберете позиција во зависност од просторот имајќи ги на ум следните услови: помала фреквенција на движење, звучна изолација, природно осветлување.
УДОБНА РАБОТНА СТОЛИЦА
Прво во што вреди да се инвестира е квалитетна ергономска работна столица. Правилната положба на телото за време на работните часови ќе ја намали можноста за болки во грбот и половината. Подесувањата на наслонот, висината, наслоните за раце се потребни за максимално прилагодување и удобност при работењето.
РАБОТНА СВЕТИЛКА
Без разлика дали работите поголем дел од времето на компјутер, работната светилка на бирото е задолжителна. Понекогаш има потреба од читање документи или запишување забелешки, па по потреба користете работно светло за да не се оптоваруваат очите. Пожелно е да е поставено од левата страна доколку пишувате со десна рака за најдобро осветлување при пишување.
ПРОСТОР ЗА СКЛАДИРАЊЕ
Покрај бирото неоходен е и простор за чување документи и потребни материјали за работа. Во зависност од потребите изберете фиокар, комода или полици. Организираното складирање на документите и папките е од голема важност за ефикасност при работата. Одберете материјали и дизајн кој одговара на останатиот ентериер, но да има и детали кои ќе го направат оригинален.
Поставете убаво дизајнирани кутии и чаши за моливи и пенкала, мемо табла, календар, часовник, и слични додатоци кои просторот ќе го направат соодветен за работа.
КОМПЈУТЕР
Доколку работната маса е со поглед кон прозор, тоа е голема предност бидејќи може да го одморите погледот во далечина додека работите на компјутер. Позицијата на екранот идеално би била да не биде спроти прозорот, заради рефлексиите кои ја намалуваат прегледноста. Предвидете решение за каблите од компјутерот и интернет врската, да не пречат на движењето.
МАЛИ ДЕТАЛИ ЗА ЗАДОВОЛСТВО
Зеленилото секогаш предизвикува убави чувства кога го гледаме. На работното биро доволно е и еден цвет во мала вазна за да предизвика ентузијазам. Доколку има простор може да одберете и мала саксија со сукулент, алое или сансеверија кои ќе го оживеат работното „катче“. Убава шолја за кафе исто така секогаш прави кафето да има подобар вкус. И покрај тоа што сте дома, поставете рамка со фотографија од саканите за да ве мотивира. На полиците поставете одбрани украсни фигури или книги кои ве инспираат за да го збогатите просторот.