Бојата на ѕидовите најмногу доминира во просторот на ентериерите и треба внимателно да се одбере нијансата и подтонот. Како и секоја година и нова сезона највозбудлив е периодот на презентирање на новите колекции и новите бои. Од Ателје проектинг разгледаа повеќе производители на бои за ентериерни ѕидови и ги анализираа нивните нови палети со избор на нијанси. Доминираат неутрални нијанси топли и ладни, кои во својот подтон имаат жолта, зелена, теракота, кафеава и сина боја.
Како најголем фаворит за 2022 година ја издовјуваме зелената боја, која преовладува како боја на годината кај повеќе брендови. Ја среќаваме во различни нијанси од маслинеста, резеда, ф’стк и други дискретни нијанси. Најфаворизирани се пастелно зелени тонови кои асоцираат на ретро домовите и суптилни зелени нијанси кои се доближуваат до сивите тонови. Оваа нијанса кај Бенџамин Мур се вика October mist, која е слична и со бојата на годината кај Шервин Вилијамс, која се вика Evergreen fog. Двете бои се нијанса на зелена која е сатурирана и заради нејзината близина до сивите тонови лесно може да најде примена во домот. Зелениот подтон ја издвојува од неутралната околина, но на суптилен и елегантен начин. Одлично се вклопува во ентериери со бели површини и мебел, како и во ентериери во кои доминира дрво. За хармоничен простор може да се комбинира со неутрални пастелни тонови, а за динамичен со нијанси на сина, жолта или теракота.
Инспирацијата за изборот на зелена боја во домот за претстојната година можеби доаѓа од долгото време поминато дома за време на карантините. На сите ни недостасуваше природата и сè што таа нуди, па инстинктивно посакуваме да ја внесеме во домот. Човекот има вродена привлечност кон зелената боја, која е боја на природата и растенијата. Таа внесува свежина во просторот и нè асоцира на здравје, заради тоа што најздравиот зеленчук најчесто има зелена боја. Нашата потсвесна поврзаноста со неа датира уште од почетоците на човештвото каде зелената боја преовладувала во природното опкружување на човекот.