Добриот дизајн понекогаш изгледа дека е лесно да се постигне, посебно кога го гледаме само крајниот резултат. Но како и другите креативни дисциплини, процесот од почеток до крај е исполнет со носење одлуки и не е едноставен. Од Ателје Проектинг со нас споделија 10 прашања чии одговори ќе ви помогнат да ги дефинирате целите и да создадете простор каков што посакувате.
- Колкав буџет имате?
За еден простор да изгледа убаво не е најважен буџетот, туку добро планирање на трошоците и добриот дизајн. Висината на буџетот ќе одреди кои брендови за мебел и кои материјали ќе се вклопат во планираниот трошок.
- Во кој временски рок треба да биде готов просторот за користење?
Доколку имате рок треба добро да ги организирате и координирате сите фази во уредувањето. Исто така добро испланирајте ги однапред порачките за кои е потребно време да стигнат.
- Дали ќе ангажирате архитект или дизајнер на ентериери?
Пред почетокот одлучете дали имате потреба од стучна помош во уредувањето, со што ќе си ги намалите голем дел од обврските и добриот дизајнот на просторот ќе биде очигледен.
- Колку луѓе ќе го користат просторот и кои се нивните потреби?
Кој ќе го користи просторот и за каква намена е важно во почетокот да се дефинира бидејќи просторот треба да биде дизајниран по мерка на корисникот.
- Дали имате некои приоритети во уредувањето кои треба да ги исполни просторот?
Често пати кога уредуваме некој простор однапред знаеме што сакаме да има, одредена боја или конкретен тип на мебел. За да си олесните запишете ги приоритетите и за време на процесот на работа потсетувајте се на нив. Можеби со тек на време приоритетите ќе се променат, но добро е таа одлука да ја направите свесно.
- Колку време планирате да го користите просторот?
Ако планирате да живеете во станот или куќата подолго време добро е да се купи квалитетен мебел кој долги години ќе го користите. Но доколку станува збор за простор под наем, или кој во наредните година или две би го менувале, добор е да се одлучите за помала инвестиција.
- Во кој стил сакате да биде уреден просторот?
Доколку има конкретен стил во кој сакате да биде уреден вашиот простор од почеток дефинирајте го и целиот мебел, бои и материјали одберете ги во склад со стилот.
- Дали имате пример кој ви се допаѓа или почетни идеи?
Често пати додека разгледувате списание, или пребарувате на интернет се среќавате со ентериери кои ви се допаѓаат. Зачувајте ги за во иднина да имате почетна точка од каде ќе започне дизајнирањето.
- Кои бои и материјали сакате да преовладуваат?
Покрај формата, боите и материјалите во еден ентериер се најважните карактеристики кои ги забележуваме и го даваат најголемиот впечаток. Внимателно одберете ги бидејќи ќе ве опкружуваат секојдневно.
- Дали имате парчиња мебел, светилки или декорација кои треба да се вклопат?
Постојните парчиња што ги имате добро е од почеток да се земат во предвид за при дизајнирањето да се интегрираат во просторот како целина без да „стрчат“.