Двајцата авантуристи Ана и Мане заедно со кучето Арон постојано раскажуваат за нивните авантури и патувања во природа, на планини, езера и нови недопрени локации низ повеќе светски земји. Нивниот профил Adventure.mk, што има повеќе од 22 илјади следбеници, редовно го користат за споделување корисни информации, искуства и препораки за сите љубители на патувања во природа.
Како почна приказната за Adventure.mk, како изгледаа почетоците?
Пред повеќе од три години, во текот на 2019 година, си го најдовме нашето место во аутдор-светот. Таа пролет, првпат спиевме во возило на планина, а летото што следуваше го искористивме да истражиме повеќе локации. По неколку месеци, се соочивме со недостиг на информации во поглед на места, пристап, патеки итн., од каде што ни се роди идеја да направиме профил преку кој ќе можеме да разменуваме искуства со други истомисленици. Го дадовме името @adventure.mk и почнавме да ги споделуваме нашите авантури од местата што ги посетувавме. Од првиот ден, па до денес, целиот материјал што го споделуваме е направен од нас и раскажан преку нашата призма. По ова, знаете дека следуваше почетокот на пандемијата, период во кој одењето во природа стана дел од животот на секој млад човек, а нашата содржина, препораките и информациите беа од големо значење. Овие месеци интензивно рекреиравме и откривавме нови и недопрени локации, ги уживавме на наш начин. Во суштината, денес го правиме истото. Ја раскажуваме нашата приказна, со цел да инспирираме некој таму што нѐ гледа.
Како се подготвувате за патувањата, што е неопходно и како ги одбирате дестинациите?
Искуството нѐ научи дека мораме да бидеме практични и организирани. Имаме опрема за кампување што секогаш стои на едно место, а по завршување на работната недела ја земаме и заминуваме. Со тоа заштедуваме време и сигурни сме дека нема да заборавиме ништо. За нас е неопходно да сме едноставни и смирени. Кога ќе се ослободиш од желбите дека нешто треба да се случи, тогаш ќе научиш да уживаш во она што ти сервира моментот. Патувањето со себе носи предизвици и непредвидливост, а смирените мисли многу помагаат. Изборот на дестинација го правиме според нечија препорака, места на кои не сме биле дотогаш или, пак, локации што ни се познати и знаеме што нè очекува. Затоа што најчесто одиме сами, одлуките ни се спонтани и според нашето расположение во моментот. Некогаш се случува да тргнеме, па да смениме правец на половина пат. Тоа е слободата со овој начин на живот и целосната независност во која уживаме.
Кое патување, која дестинација ви претставувала особен предизвик?
Во октомври оваа година направивме тура низ повеќе земји, а крајната дестинација ни беа Доломити или италијанските Алпи. Беше прво патување од овој карактер и предизвик што успешно заврши. Речиси секоја вечер кампувавме на различна локација и посетивме многу убави места. Рутата генерално ни беше формирана, без прецизно дефинирани детали. Одлучивме да се движиме по планински предели и да посетиме национални паркови, езера, водопади итн. Иако неколку години го практикуваме овој стил, научивме многу нови работи и, најважно, забележавме што треба да промениме, а што да задржиме. Секако, нашата најдалечна дестинација беше и најмагична. Доломитите оставаат без здив со сите тие драматични карпи што висат над тебе и широките пространства од пасишта и ливади помеѓу. Тоа што стигнавме дотаму и успеавме да искачиме врв, за нас е успех и доказ дека упорноста и истрајноста се исплатат.
А која авантура ја паметите најмногу, дали имате омилени места на кои постојано им се враќате?
Се разбира, некои места ни се особено драги и ги посетуваме повеќепати во годината. Водопадот на Бабуна, кој е одличен за еднодневна тура, градот Крушево со целата природа во околината и сите можности за рекреација. Не смееме да ја заборавиме ни Струга, заедно со Охридското Езеро и планината Јабланица, кои ни се омилени во летниот период. Секое заминување од дома има своја приказна и по некоја интересна случка, но оваа нема да ја заборавиме, ха-ха. Беше јули, најголемата жештина ова лето. Решивме да побараме друштво за на планина, малку да ги избегнеме високите температури. Имаме пријатели со кои лесно ни одат договорите, па за неколку часа заминавме на планината Плачковица, каде што ноќта кампувавме со шатори. Природата тука е недопрена, чиста, преубава. Беше уживање да се преспие во оваа дивина. Утрото нè разбуди звук од ѕвона, а преку 200 крави веќе беа околу нас пуштени на пасење. Сè беше супер додека не се случи дефект на џипот и останавме заглавени среде планина, без мрежа на телефоните повеќе од 24 часа и далеку од цивилизација. Моравме брзо да дејствуваме, за да не останеме уште една ноќ, за која немавме доволно храна и вода. Најпрвин, пријателите заминаа пеш да побараат помош, а подоцна и ние. До ноќта уште еднаш моравме да планинариме до возилото, бидејќи во моментот немаше друго решение. За среќа, сè уште постојат добри луѓе, па џипот беше извлечен следното утро, а ние ја поминавме ноќта во хотел.
Кои прашања најчесто ги добивате за патувањата и кои совети најмногу ги давате?
Разговараме за конкретни локации и го споделуваме нашето искуство, во смисла како се стигнува, што има на местото и каде треба да внимаваме. Потоа, разменуваме информации за опрема, различни производи или реквизити, а неретко зборуваме и за начинот на организација, балансот што го поставуваме за да ги реализираме овие авантури. Наша „тајна“ се приоритетите, за кои отворено зборуваме на социјалните мрежи. Сите располагаме со 24 часа во денот, а како ќе ги искористиме и каде ќе ги посветиме зависи само од нас. Приоритетите бараат откажување од други активности или материјални работи на кои сме навикнати, а со тоа пренасочување на времето и финансиите на право место.
Во колку земји досега сте биле и колку имате научено од вашите патувања? Кое искуство ви е најскапоцено?
Бројката на држави за нас нема значење, се стремиме да имаме квалитетни патувања. Доколку една држава нуди различни можности, би ја посетиле повеќепати. Преферираме да одиме во природа, тоа е нашиот начин на одмор и опуштање, не сме пар што можете да го сретнете на плажа како се сонча или во некоја голема метропола. Чувството на непредвидливост нè движи напред и имаме потреба да истражуваме, што многупати нè довело до несакани ситуации. Од нив научивме дека не смееме да ја потцениме моќта на природата во ниту еден момент, да го живееме моментот, да уживаме во малите работи и се трудиме да гледаме позитивно кон различните предизвици и ситуации во кои се наоѓаме.
Колку е зголемена свеста во нашата земја за посета на нашите природни убавини, но и за авантури надвор од Македонија?
Во последните неколку години, особено по пандемијата, кај голем процент луѓе се разбуди љубовта кон природата и тоа е една позитивна промена што се случи. Откривме многу нови и убави места, некои повеќе посетени, некои помалку, но сите одлични за домашен туризам. Треба да поработиме на свеста за нивно зачувување, да согледаме каде грешиме и што можеме да направиме за да не ги изгубиме природните богатства. Македонија е прекрасна земја, верувајте, имаме видено многу и можеме да споредиме. Она што го има кај нас е ризница, луѓе патуваат со километри за да бидат во таква природа, која ние ја имаме на час возење од дома. Сметаме дека сѐ уште се присутни некои предрасуди, што доведува младите да патуваат во странство, без притоа да имаат истражено 20% од цела Македонија.
Арон е посебен, сладок дел од вашите патувања, колку тој ужива во патувачкото секојдневие?
Арон патува со нас од првиот ден кога го земавме, тој е најдобриот другар кој некој може да го посака. Интересно е што неговата раса (German Shorthaired Pointer) е наменета за лов на птици, па нивото на енергија што ова куче го носи во себе нема лимит. Го зедовме со идеја да може да ги издржи сите предизвици и да го следи нашето темпо, за да сфатиме на крајот дека ние го следиме неговото, ха-ха. Ужива со нас, прави буквално сѐ што правиме ние и без проблем го носиме секаде. Го нема тој момент на откажување, на пример да седне и да не може да продолжи напред, што е особено важно во непредвидени ситуации, кога мораме да пешачиме двојно од предвиденото, немаме доволно вода, нѐ стигнало невреме итн. Спие со нас во возилото преку цела година и имаме незаборавни моменти со него. Патувањето со куче, особено голема раса, може да биде изморувачки, затоа е потребна добра организација и трпение.
Имате голем број следачи на вашиот профил на „Инстаграм“. Што сметате дека е најважно за квалитетна патувачка содржина?
Да се биде свој, со сите маани и недостатоци, со сите позитивни карактеристики. Оригиналноста ја носиме во себе и сите сме посебни на некој начин, тоа треба да се искористи како предност. Дополнително, многу е значаен начинот на комуникација со публиката и пренесувањето на тие доживувања што на гледачите треба да им поттикнат чувство како да се дел од нив. Патувањето не е фабулозно, нема потреба да го правиме како такво. Неубави моменти се случуваат постојано, наместо да се срамиме од нив и пробуваме да бидеме совршени, се смееме на наша сметка.
Дали имате планови за дестинации во 2024 година?
Сакаме да скијаме оваа зима надвор од Македонија, се обидуваме да го реализираме тој план. Уште сме под импресии од последното патување и присутна е желбата да го повториме, но ќе почекаме да видиме што ни сервира новата година! Дотогаш, викендите се наши и продолжуваме да ја истражуваме нашата прекрасна земја.