Постојат работи што ги носиме без да се гледаат. Мирисот е веројатно најинтимната меѓу нив. Тој нема форма, боја или силуета, а сепак може да биде подеднакво препознатлив дел од личниот стил како палтото што секогаш го избираме, чантата што старее заедно со нас или парчето облека во кое едноставно се чувствуваме свои.
Токму во таа точка, каде што модата престанува да биде само она што го гледаме, а парфемот станува продолжение на начинот на кој се претставуваме, се појавува Max Mara Le Parfum, Eau de Parfum за жени инспириран од можеби најсилниот симбол во историјата на италијанската модна куќа, легендарното Max Mara палто.
А приказната добива и свое холивудско лице. Florence Pugh е главната протагонистка на кампањата, облечена, секако, во препознатливите камел тонови на Max Mara. Изборот функционира интересно: наместо класична, недостижна слика на луксузот, кампањата се потпира на современа женственост што е истовремено сигурна, ненаметлива и многу лична. Токму она што Max Mara со децении го прави со облеката, сега се обидува да го направи и со мирисот.


Идејата зад парфемот е едноставна, но интелигентно поставена: ако палтото може да стане личен потпис, зошто истиот принцип да не се преточи и во мирис?
Затоа Max Mara Le Parfum е замислен како своевидно „невидливо палто“. Не како парфем што настојува да влезе во просторијата пред личноста што го носи, туку како присуство што постепено се открива и останува во меморијата. Сензуален, цветен и дрвенест, тој ја преведува препознатливата естетика на Max Mara од јазикот на материјалите и кројот во јазикот на мирисот.

Во центарот на композицијата е туберозата, претставена преку две различни лица: кремастиот апсолут од Гватемала и посвежата тубероза од Грас. Нејзината изразена цветност се среќава со мекоста на ванилата, додека сандаловото и кедровото дрво ја градат топлата, подлабока основа. Резултатот е мирис во кој женственоста не е ниту премногу слатка ниту очекувано романтична, туку има структура, топлина и присуство.

Особено интересен е начинот на кој истата идеја е пренесена и на шишето. Наместо само да го носи името Max Mara, неговиот дизајн директно комуницира со модното наследство на куќата. Скулптуралната форма асоцира на силуетата на палтото, додека ременот околу шишето е можеби најдиректната и најшармантна референца кон модната икона од која започнува целата приказна. Сето тоа е изведено во препознатливата камел нијанса, боја која одамна функционира речиси како визуелен потпис на Max Mara.
Токму затоа шишето не делува како амбалажа на која дополнително ѝ е додадена модна приказна, тоа самото станува нејзин мал предмет на дизајн.
Идејата за предмет што се задржува, наместо постојано да се заменува, продолжува и преку можноста за повторно полнење на шишето. Во време кога современиот луксуз сè почесто се мери и според трајноста на предметите што ги избираме, тоа е мал, но важен детал.

Формулата содржи 90% состојки од природно потекло, веганска е и создадена со идеја мирисот долго да остане на кожата. Мирисното искуство го надополнува и Max Mara Le Parfum Body Lotion, кој може да се нанесе пред парфемот за послоевита и подолготрајна мирисна трага.
Но можеби најинтересното кај Max Mara Le Parfum не е ниту една нота земена одделно. Тоа е идејата зад него, дека препознатливиот стил не мора секогаш да биде видлив.
Понекогаш е доволно да остане во воздухот откако ќе поминеме.
Max Mara Le Parfum токму така ја продолжува приказната на едно од најпрепознатливите палта во современата мода, претворајќи го од нешто што го носиме врз себе во нешто што го носиме со себе.





