Постојат лидерства што се паметат по пресврти. И постојат оние што оставаат трага токму затоа што не се наметнуваат со драматичност, туку со дисциплина, континуитет и со јасна свест за времето што доаѓа. Лидерството на Живко Мукаетов припаѓа во втората категорија, во онаа тивка, стабилна и долгорочна форма на градење што со текот на времето станува најсилен доказ за визијата. Кога во 2006 година ја презеде водечката позиција во „Алкалоид“, пред него не стоеше предизвикот да започне од нула, туку да продолжи нешто што веќе имаше тежина, традиција и доверба. Токму во таа рамнотежа меѓу зачувувањето на вредностите и потребата од трансформација се обликува неговиот пристап спрема лидерството.
Две децении подоцна „Алкалоид“ е компанија со јасно регионално и европско присуство и со раст што не се случува со нагли пресврти, туку со повеќе внимателни, одговорни и долгорочно поставени одлуки. Во тоа се препознава лидерството што не бара постојано да биде во преден план, туку остава резултатите, луѓето и вредностите да зборуваат наместо него.
Во ова интервју разговараме за бизнисот како долгорочна одговорност, за спортот како школа на дисциплина и карактер, за семејството како личен темел и за иднината како простор што бара истовремено храброст, разум и човечност. Живко Мукаетов е соговорник кој зад бројките и функциите внесува јасна вредносна линија, смиреност и ретка доследност. Токму затоа неговата приказна не е само приказна за успешна компанија, туку и за начинот на кој се гради доверба што трае.
,,Алкалоид“ денес е регионално и европски препознатлива компанија. Кој беше моментот кога сфативте дека компанијата мора да размислува надвор од националните рамки и што беше најтешко во таа трансформација?
Јас во „Алкалоид“ започнав да работам во септември 1999 година. Во 2004 година бев назначена за директор на ПЦ Фармација, а во 2006 година дојдов на позицијата Генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопјe. Консолидираните продажби на компанијата за 2005 година изнесуваа 53 милиони евра. Имавме современи капацитети и големи волумени, но надвор од традиционалните пазари бевме третирани како производител од земја во развој. Сепак, презедовме иницијативи. Во 2007 година производствените капацитети на ПЦ Фармација беа верификувани од британската Medicines and Healthcare Regulatory Agency, со што беше потврдено дека работиме во согласност со строгите принципи на Добрата производствена пракса (GMP), дефинирани според директивите на ЕУ. Следуваше првата маркетиншка авторизација за пазарите во Европската Унија за лекот Лизиноприл во 2007 година, што го отвори патот за многу други, па така денес имаме над 1000 маркетиншки авторизации за наши фармацевтски производи на пазарите во Унијата. На почетокот на мојот ангажман во Маркетинг и продажби бев дел од работната група за редефинирање на портфолиото на антибиотици, кога беше одлучено дека ќе се фокусираме на цефалоспоринскиот сегмент. Денес, според волуменот, „Алкалоид“ е прв производител на цефалоспорини во цела Европа.
Во 2007 година официјално започна и дигиталната трансформација со воведувањето на системот САП заедно со вложувањата во таленти, а потоа и со воведувањето на сегментот истражување и развој. Успеавме да се иновираме, да се позиционираме на регулирани пазари и да растеме во динамичната индустрија. Од 2005 година наваму „Алкалоид“ отвори точно 16 нови подружници надвор од Македонија, а во 2011 година започна со работа и производствениот погон во Белград, Р Србија. Во 2016 година во Љубљана отворивме сопствена хемиска лабораторија, која функционира како хаб за тестирање на производите за територијата на Европската Унија.
Во 2025 година компанијата достигна 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра беа наменети за извоз. Овој раст од речиси шестпати и половина не беше воопшто лесен. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се максимална посветеност и напорна работа. „Алкалоид“ во моментов е компанија на преку 3100 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.
Во услови на постојана неизвесност, лидерството често значи носење одлуки без целосна сигурност. Како Вие ја балансирате потребата од раст со одговорноста спрема вработените, пазарот и општеството?
Кога на 21 април 2006 година дојдов на позицијата Генерален директор на компанијата, бев свесен дека наследив систем на вредности граден од генерации вработени во „Алкалоид“ АД Скопје, кој во тој момент имаше цврсто поставени принципи на корпоративно управување. Лично внесов нова енергија во согласност со специфичностите на современото време имајќи ја предвид максимата на Трајче Мукаетов „’Алкалоид’ е компанија за сите времиња и мора да мислиме на нашата иднина.“
„Алкалоид“ АД Скопје поминал низ голем број турбуленции во минатото, но секогаш покажувал резилиентност и брзо приспособување на промените. Од 2007 година наваму кризите станаа константа: од глобалната економска преку должничката и енергетската до ковид-пандемијата, војната во Украина и најновите геополитички тензии, континуирано носејќи нови предизвици. Имајќи ја предвид иднината на компанија за сите времиња, донесовме одлуки што на долг рок ќе го позиционираат „Алкалоид“ над рамката на регионална компанија и ќе придонесат за натамошен раст и развој на глобално ниво.
Успехот пак, несомнено, е резултат на тимската работа. Среќен сум што сум опкружен со тим од високостручни професионалци, кои значително придонесуваат за натамошниот развој на успешната приказна на „Алкалоид“ АД Скопје. Претпочитам мотивирање наместо контролирање, охрабрување наместо казнување и конструктивни дискусии што поттикнуваат креативност. Секој ден носи нови предизвици, а за да бидеме успешни, неопходни се ефикасна координација и високо ниво на меѓусебно разбирање и емпатија. Мојот приоритет е да градиме компанија во која луѓето се задоволни и во која го вложуваат својот целосен потенцијал за заеднички успех
Зад секоја голема одлука стои процес кој е ретко видлив за јавноста. На што најмногу се потпирате кога носите тешки одлуки – анализа, интуиција или искуство?
Зад сите одлуки стои мултидимензионален пристап. По вокација сум машински инженер, па, веројатно, таа логика многу ми помогна во кариерата. Анализата на фактите, податоците и на можните сценарија, секако, ја дава рамката на веројатностите, но само по себе ова не е доволно. Искуството можеби игра клучна улога во овој процес. Но, на крајот на краиштата, најважно е да се задржи рамнотежа: да се донесе одлука која е рационално оправдана, но и вредносно исправна, притоа имајќи го предвид нејзиното влијание врз вработените, компанијата и врз пошироката заедница.
Поимот успех има различни значења во различни фази од животот. Што значи за Вас денес успешен бизнис?
Според мене, успешноста на бизнисите не смее да се мери само преку финансиските резултати. Успешен бизнис е оној кој има континуитет, одржливост, стабилност во неизвесни времиња и јасна долгорочна визија. Успешна компанија е онаа која има мотивиран, стручен и лојален кадар затоа што луѓето, како двигатели на сите процеси, се пред сè!
Во мојата перцепција „Алкалоид“ е и ќе остане пример за врвен квалитет на процесите, обучен и мотивиран кадар, стандарди и технологија кои се компатибилни со светските регулативи во индустријата и за производи кои се висококонкурентни и достојни да бидат присутни насекаде во светот.
Спортот е дел од Вашиот живот со децении, и од управувачки и од вредносен аспект. На што Ве научи спортот што подоцна го применивте во бизнисот?
Мене спортот ми е опсесија уште од најрана возраст. Секогаш со задоволство се сеќавам на натпреварите на игралиштето кај „Бетон“ и во маало, кога излегувавме од дома наутро, а се прибиравме со палењето на уличните светилки. За првпат менаџерска улога во спортот презедов во 2000 година како претседател на кошаркарскиот клуб „МЗТ“, но тој ангажман се совпадна со периодот на интензивно градење на мојата кариера во „Алкалоид“, па морав да ги одредам приоритетите. Во 2013 година добив понуда за македонската куќа на ракометот која ја прифатив и на таа позиција останав цели 12 години.
Спортот ме научи на дисциплина и континуитет. Највредната лекција можеби е дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку е резултат на долгорочна посветеност и напорна работа. Поразите, пак, кои се неизбежен дел од спортот, исто како и од бизнисот, треба да се прифатат како поука од која се учат вредни лекции.
Таа истрајност е директно применлива и во бизнисот. Како во спортот така и во бизнисот успехот не е индивидуален, туку резултат на колективен ангажман.
Во општество со сè помалку јасни модели за младите спортот често ја презема воспитната улога. Според Вас, каква одговорност носи тоа?
Огромна! Спортот како институција и како универзален феномен игра голема улога во секое модерно општество. Од најрана возраст кај младите спортските клубови треба да бидат средини во кои тие ќе научат како да се справуваат со победата и со поразот и како да поставуваат цели и посветено да работат на нивно остварување; да научат дека само преку дисциплина и напорна работа нештата се можни. Токму тие вредности подоцна се пренесуваат и надвор од спортот – во образованието, професијата и во општеството. Победите и успесите на нашите клубови, репрезентации, поединци се гордост на целата нација и имаат уникатна моќ на обединување, поврзување и на создавање клима на заедништво.
Ракометот и шахот бараат различни типови дисциплина и размислување. Колку е различна логиката на управување во однос на корпоративниот свет, зошто токму овие спортови се во фокусот на „Алкалоид“ и какви вредности препознавате во нив?
Спортот има богата традиција во „Алкалоид“, која е долга можеби шест децении. Фудбал, шах, ракомет, одбојка, риболов… сите имале некаква ера во компанијата. Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е формиран пред точно 50 години. Пред 10 години ја освои титулата првак во Европскиот клупски куп, а годинава по третпат ја освои титулата европски вицешампион на Европскиот куп на шаховски клубови, со што уште еднаш го потврди својот квалитет на највисоко европско ниво. РК „Алкалоид“ е релативно млад клуб кој постои 5 години и за тоа кратко време успеа да се наметне како сериозен тим на домашната, па и на меѓународната ракометна сцена, и покрај скромните планови. Во корпоративен систем каков што е „Алкалоид“, кој функционира според строги правила на управување, процесите се строго формализирани, одлуките се базираат на детални анализи, па исходите може да се предвидат според некаква рамка на веројатност. Во ШК Алкалоид и во РК Алкалоид динамиката е многу поинаква, а резултатите се видливи веднаш. Притисокот е голем, емоцијата игра многу голема улога, а факторите форма, моментум, физичка и психичка подготвеност имаат големо влијание врз текот на настаните. Ракометот и шахот се навидум различни, но суштински се надополнуваат. Ако во шахот има многу размислување, бескрајно трпение, концентрација и стратегија, ракометот бара брзи одлуки, добра тактика, физичка подготвеност и силен тимски дух. Во ракометот најважен е тимот, а во шахот стратегиското размислување, па можеби тоа е добитната комбинација.
Секој човек има простор во кој се враќа кон себе. И покрај јавната професија, каде го наоѓате својот личен мир?
Многупати сум нагласил и претходно, семејството е мојот најголем мотив, извор на радост и темел на мојата лична и професионална стабилност. Благодарен сум му на Бога за секој ден поминат во здравје, живот и заедништво, вредности кои ми даваат сила, инспирација и јасна насока во сите предизвици.
Секојдневието понекогаш ги крие најважните радости. Што Ве радува најискрено надвор од функциите и титулите?
Живко Мукаетов: Несомнено, успесите на децата. Две веќе се вратија од студии во странство и успешно ги градат своите кариери дома. Третото е пред важен животен избор за факултет, но вети дека исто ќе се врати и ќе придонесе за развојот на својата земја. Се радувам и на секој, па и најмал успех на синот во кошарка, кикбокс и на училиште. Особено ме радува и тоа што внуката кога ќе ја прашаат дома кого сака најмногу, ме избира мене.
Родителството е и вредносна мисија. Кои принципи сакате Вашите деца да ги понесат со себе?
Во процесот на моeто карактерно и професионално профилирање огромен придонес имаше домашното воспитување, секако во духот на традиционалните вредности, а од денешна перспектива поддршката од семејството – татко ми Трајче, мајка ми Драга и сестра ми Билјана – ми е непроценлива. Духот на традиционалните семејни вредности во кој јас сум воспитуван се трудам да им го пренесам и на моите деца, а мој најголем успех ќе биде доколку еден ден доживеам да ги видам како комплетни, одговорни и самостојни личности кои даваат свој личен придонес за унапредување на средината во која живеат и работат.
Успехот во мала средина носи и дополнителна видливост. Колку е тешко да се биде исклучително успешен во држава во која сите се познаваат?
Секој човек е успешен на свој начин и секој успех, мал или голем, има своја тежина. За мене успехот не е во резултатите, позицијата или во признанијата, туку во начинот на кој се доаѓа до нив. Најважно ми е да имам мирна свест и совест, да знам дека сум постапувал чесно и одговорно, дека сум ги почитувал луѓето околу себе и дека сум носел одлуки зад кои можам да застанам. Успехот го гледам како внатрешно чувство на исполнетост и рамнотежа меѓу професионалното и личното, меѓу амбицијата и вредностите. Ако постои тоа, тогаш секој успех има исклучителност и вистинска смисла.
Со влијанието расте и јавната одговорност. Дали чувствувате притисок затоа што вашите одлуки имаат поширок општествен одек?
„Алкалоид“ е компанија на 3.027 семејства, што во праксата значи над 10.000 луѓе директно или индиректно поврзани со брендот. Затоа, кога велиме дека „Алкалоид“ е еден од двигателите на македонската економија, тоа не е флоскула, туку реалност поткрепена со конкретни податоци. Во 2025 година, по основ на дивиденда за домашните акционери, плати, придонеси и други трошоци за вработените во Македонија, исплатени се 3,167 милијарди денари (51,5 милиони евра), а по основ на вкупните даноци на најразлични основи и придонеси – 1,966 милијарди денари (32 милиони евра). Во Македонија „Алкалоид“ соработува со над 1960 домашни добавувачи, на кои во 2025 година им се исплатени 52,5 милиони евра за извршените услуги. Дополнително, по основ на донации во здравството, културата и во спортот, во 2025 година се издвоени 3,7 милиони евра. Овие бројки не се само статистика, туку јасен и недвосмислен показател за нашата економска тежина и општествена одговорност.
Вештачката интелигенција и новите технологии сè повеќе го менуваат начинот на работа. Каква улога, според Вас, ќе имаат тие во иднината на индустријата и општеството?
Во тек е четвртата индустриска револуција, која преку дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформира начинот на кој работиме и живееме. Неминовен дел од тој процес е и „Алкалоид“. Вештачката интелигенција веќе ја применуваме во работењето на секторите за регулаторни работи, глобален развој, контрола на квалитет во ПЦ Фармација и други, со цел создавање нова вредност преку иновации, нови производи, услуги и бизнис-модели, како и подобрување на ефикасноста преку автоматизација и оптимизација. Континуирано инвестираме во нови софтверски решенија и во нивна интеграција во процесите. Но, ако вештачката интелигенција создава нови можности, луѓето се оние кои им даваат смисла, контекст и вистинска вредност на тие процеси. И покрај големиот број придобивки од воведувањето, на крајот човечкиот фактор останува пресуден.
Неодамна, на социјалните мрежи на „Алкалоид“ започнавме серијал со кратки историски видеа од реклами од доцните 80-ти. Додека многумина со носталгија се навраќаат на тие времиња, мојата 17-годишна ќерка забележа: „Како не се родив во тоа време!?“ Оваа наивна реакција е само потсетник дека, и покрај напредокот на технологијата, вистинските вредности, човечките односи и чувството на припадност остануваат непроменети и клучни начела.
Кога ќе погледнете десетина години нанапред, што би сакале да остане како Ваш најважен придонес?
Би почнал од „Алкалоид“: да се биде регионален лидер значи да се поставува пример дека компанија од Македонија може да постигне глобално признание преку одговорност, посветеност, дисциплина, извонредност и иновации. Посакувам уште понагласено глобално позиционирање со задржан развоен капацитет, врвен квалитет и со одговорност спрема заедницата – вредности што веќе девет децении ги граделе и ги градат генерации алкалоидовци.
За мене како родител, пред сѐ, најголем успех во животот ќе биде доколку моите деца бидат трудољубиви, чесни, праведни и добри личности кои ги почитуваат другите луѓе, кои имаат сопствени изградени ставови и кои ги негуваат позитивните вредности.
На крајот вистинскиот успех не се мери само преку постигнатите резултати, туку и преку вредностите што ги оставаме зад себе. Само нека нè служи добро здравје затоа што здравјето е пред сè!
Извор: Изготвено за целите на корпоративниот весник на АД Алкалоид „Здравјето пред сѐ“.




