Македонскиот долгометражен игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, ја доживеа својата регионална премиера на 17 август пред преполната сала на Народниот театар во Сараево, во рамките на 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал. Публиката го поздрави филмот и неговата екипа со десетминутни овации.
Со премиерното прикажување започна и официјалната трка на „17“ за престижното „Срце на Сараево“, во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм.
Сараевскиот филмски фестивал е еден од најзначајните културни настани во Југоисточна Европа и важна платформа за афирмација на регионалната кинематографија пред меѓународната јавност. Секоја година привлекува повеќе од 100.000 посетители, филмски професионалци и критичари од целиот свет, а учеството во неговата главна програма претставува висока потврда за уметничката вредност на едно филмско остварување.
„17“ е еден од деветте долгометражни филмови избрани во годинашната натпреварувачка селекција. Селекторката Елма Татарагиќ посочи дека дури шест од нив се во режија на жени, што говори за сè повидливиот и повлијателен женски авторски глас во современата регионална кинематографија.
Филмот се натпреварува за „Срцето на Сараево“ во категориите за најдобар филм и најдобра режија, како и за наградите за најдобра актерка и најдобар актер. Неговото присуство во главната програма е уште едно значајно признание за македонската кинематографија и за новата генерација авторки кои со смели, автентични и современи приказни се наметнуваат на најважните меѓународни фестивали.
За годинашните добитници ќе одлучува меѓународно жири предводено од британската актерка Емили Вотсон. Во неговиот состав се и хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, македонската актерка Сара Климоска, директорот на Европската филмска академија Матис Вутер Нол и грчката режисерка Атина Рахел Цангари.


Премиерата во Сараево е продолжение на успешната фестивалска турнеја на „17“. По светската премиера на Берлинале, каде што стана првиот македонски дебитантски игран филм во последните 26 години селектиран во официјална конкуренција, филмот беше прикажан и на фестивали во Хонг Конг, Уругвај, Италија, Полска, Словачка, Шпанија и Израел. На Ерусалимскиот филмски фестивал неодамна ја освои престижната награда GWFF за најдобар дебитантски филм.
На сараевската премиера присуствуваше голем дел од екипата пред и зад камерата: режисерката Косара Митиќ, актерките и актерите Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ана Стојановска и Петар Маниќ, главниот продуцент Томи Салковски од „Црна мачка продукција“, копродуцентите Владо Булајиќ и Лија Погачник од словенечки „Децембер“ и Мирослав Могоровиќ од српски „Арт енд Попкорн“, како и членови на меѓународниот авторски тим.






За филмот „17“
„17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк.
Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и хрватскиот автор Огњен Свиличиќ. Продуцент е „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт енд Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, додека меѓународната продажба ја води француската компанија „Тотем филмс“.
Главните улоги ги толкуваат младите актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска. Во актерската екипа се и Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.




