Домашниот дизајн, креативноста и претприемачкиот дух добиваат нова адреса во Skopje City Mall. Зад pop-up продавницата на URMA стои идеја што ги обединува македонските брендови и им отвора простор да бидат видени од нова публика, но и да бидат дел од заедница која верува во меѓусебна поддршка наместо конкуренција.


Во продавницата се претставуваат повеќе од дваесет македонски брендови од различни категории – облека, модни додатоци, накит, природна козметика и производи за домот. Концептот останува отворен и за нови имиња, со цел оваа иницијатива да прерасне во уште поголема платформа за промоција на домашните креативци.
„Поканата од Skopje City Mall дојде во најточниот можен момент за нас како мал бизнис. Само два дена претходно ја затворивме нашата прва физичка локација и ова го доживеавме како знак дека не смееме да се откажеме од нашата идеја и мисија“, вели Александра Белчева-Атанасовска, една од основачките на URMA.


Токму таа идеја за заедништво е и суштината на целиот проект. Во време кога малите брендови секојдневно се соочуваат со бројни предизвици, ваквите иницијативи покажуваат дека соработката може да биде најсилниот двигател на нивниот развој. Наместо секој да ја гради својата приказна одделно, заедничкиот простор овозможува поголема видливост, размена на искуства и создавање заедница во која сите имаат можност да растат.


Pop-up концептот воедно им овозможува на домашните брендови да допрат до нова публика и подобро да го запознаат пазарот. Секоја нова локација носи различни посетители и нови можности, а непосредниот контакт со купувачите им помага на брендовите подобро да ги разберат нивните потреби и да ја пронајдат својата публика.
Иако имаат јасна визија за иднината, во URMA велат дека ова искуство уште еднаш им потврдува дека најубавите можности често се појавуваат тогаш кога најмалку ги очекуваме. Засега, фокусот е ставен на создавање простор што ќе ги поврзува македонските брендови со нова публика и ќе придонесува домашниот дизајн и креативност да добијат уште поголема видливост.






