Македонските актери Јелена Јованова и Гораст Цветковски ќе бидат дел од анимираниот краток филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“, каде што ќе ги оживеат главните ликови, блузичката Лефти и панталоните Рајти.
За Јелена Јованова, оваа улога доаѓа во период кога анимираните содржини за деца имаат посебно место во нејзиното секојдневие. Како мајка на две деца, таа вели дека постојано е опкружена со сликовници, приказни и цртани филмови, па затоа учеството во еден ваков проект за неа претставува особена радост.
„Анимиран македонски филм за деца е реткост, а да се биде дел од такво дело е секогаш благородно и служи на многу генерации“, изјави Јованова.
Со препознатливата духовитост, Гораст Цветковски открива дека оваа улога му исполнува една од неговите актерски желби.
„Како актер, во мојата досегашна кариера сум бил сѐ и сешто, но имам две работи кои посебно посакувам да ги изиграм. Едната е принц, а другата е панталони. И ете, 50 проценти ќе ми се исполнат набрзо“, вели Цветковски, кој зад себе има богато искуство во театарот, филмот, синхронизацијата и видео игрите, а сега за првпат ќе биде дел и од ваков анимиран детски проект.
„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е во режија на Илија Тодоровски, во продукција на зАнимација продукција и во копродукција со Minya Film i Animacija од Хрватска. Приказната и ликовите се инспирирани од сликовниците „Лефти и Рајти“ на Наташа Дукоска, која го потпишува и сценариото. Проектот е поддржан од Агенција за филм на Северна Македонија и од Croatian Audiovisual Centre (HAVC).
Филмот претставува уште еден значаен чекор за македонската анимација и детска продукција, носејќи на големото платно ликови кои веќе се добро познати и сакани меѓу најмладите читатели.





