По години поминати во Фиренца, градот во кој живеела, студирала и го градела својот креативен сензибилитет, модната дизајнерка Јована Филиповиќ повторно се враќа на местото што длабоко ја обликувало како личност и автор. Токму од тоа враќање произлегува нејзината нова колекција „Ogni Cosa al Suo Posto“ („Сè на своето место“), интимна модна приказна за спомените што остануваат со нас, за вредностите што нè дефинираат и за облеката создадена да трае надвор од сезонските трендови. Во продолжение, Јована ја споделува инспирацијата зад колекцијата со свои зборови.






-,,Постојат места што тивко го обликуваат начинот на кој го восприемаме светот. За мене, Фиренца е едно од тие места. Град во кој живеев, студирав, созревав и постепено започнав да ги препознавам вредностите што навистина ме привлекуваат- во естетиката, формата, женственоста и животот воопшто. Со текот на времето, Фиренца прерасна во многу повеќе од место. Стана составен дел од мојот начин на размислување, создавање и перцепција. Години подоцна, повторно се вратив таму.
Не со намера да барам инспирација, туку да разберам зошто одредени нешта остануваат со нас. Зошто одредени простори, светлина, улици, чувства и спомени продолжуваат тивко да живеат во нас. Оваа колекција произлезе токму од тоа повторно враќање и од желбата да го пренесам чувството што останало во мене- сигурност, интимност и самодоверба.
Колекцијата се движи помеѓу прецизност и леснотија. Структурираните силуети се надополнуваат со помеки, флуидни форми, создавајќи рамнотежа помеѓу силата и суптилноста. Острите линии добиваат мекост преку движењето.
Палетата на бои не ја следи буквалната слика на Фиренца, туку нејзината атмосфера — топли неутрални тонови, нијанси на камен, земјени длабочини, пригушена светлина и суптилни контрасти инспирирани од архитектурата, сенките и ритамот на градот.
Во колекцијата се застапени структурирани јакни, релаксирано кроени панталони, флуидни фустани, слоевити комбинации и внимателно конструирани парчиња, создадени природно да се движат помеѓу различни моменти и пригоди. Наместо да следат сезонски трендови, овие парчиња се создадени со намера да траат- облека кон која повторно се навраќаме. Архитектонските влијанија се присутни суптилно, преку пропорциите, линиите и конструкцијата. Постои структура, но никогаш ригидност. Сензуалност, но никогаш очигледност.
Како и секогаш, секое парче е изработено во нашето сопствено производство во Северна Македонија- внимателно, промислено и со исклучителна посветеност кон изработката. Верувам во квалитет пред количина, во искрен дизајн и во облека што има јасна причина да постои.
Во својата суштина, оваа колекција претставува враќање.
Враќање кон местата што нè обликуваат.
Враќање кон себеси.
И кон нештата што, со текот на времето, конечно го пронаоѓаат своето место.
OGNI COSA AL SUO POSTO.
Сè на своето место”.







