Светското првенство одамна не е само спортски настан. Денес тоа е глобален спектакл во кој фудбалот, поп културата, музиката и модата се испреплетуваат повеќе од кога било. А пред Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, станува јасно дека луксузните модни куќи сакаат свое место не само на трибините, туку и во целата културна приказна околу турнирот.
Во време кога спортските дресови се комбинираат со елегантни кроеви, а фудбалерите стануваат модни икони, брендовите повеќе не се задоволуваат само со своето лого на спортска опрема. Тие создаваат цел визуелен идентитет околу репрезентациите, навивачите и атмосферата на првенството.


Loewe ја облекува Шпанија со тивка елеганција
Шпанската модна куќа Loewe оваа година влегува во фудбалскиот свет преку соработка со шпанската репрезентација. Наместо впечатливи и нападни комбинации, брендот избира суптилна елеганција, широки кроеви, темносини сакоа, чисти линии и внимателно одбрани детали. Тоа е естетиката на тивок луксуз која доминира во модата последните сезони, но овојпат пренесена во контекст на национален тим.


Nike создава цел културен универзум околу фудбалот
Додека Loewe се движи кон минимализам, Nike создава вистински културен спектакл.
За Англија, брендот соработува со Palace Skateboards и претставува колекција што повеќе потсетува на уличната сцена во Лондон отколку на класична спортска колекција. Јакни инспирирани од универзитетски стил, впечатливи графики и кампања со Вејн Руни во драматична атмосфера, фудбалот тука е само почетна точка.


Франција добива поинаква естетика преку соработката со Jacquemus. Синиот дрес со тенки бели линии изгледа како модна интерпретација на спортска униформа, а самиот Симон Порт Жакмус е заштитно лице на кампањата. Потег што совршено ја брише границата меѓу високата мода и спортот.
Во Јужна Кореја, Nike соработува со брендот Peaceminusone на музичарот G Dragon, носејќи естетика инспирирана од корејската поп култура во фудбалски контекст. Цветните мотиви, темните тонови и препознатливата симболика покажуваат колку денешниот спорт е поврзан со музиката и дигиталната култура.


Фудбалерите стануваат новите модни амбасадори и тоа не е случајно. Денешните фудбалери одамна не се само спортисти. Тие се лица на кампањи, гости на модни ревии и влијателни личности со огромно присуство на социјалните мрежи.
Џуд Белингам, Килијан Мбапе, Сон Хјонг Мин и многу други имаат влијание не само врз спортот, туку и врз современите модни трендови. Нивниот стил надвор од теренот денес се анализира исто толку колку и нивната игра. Токму затоа модните брендови инвестираат во фудбалот, затоа што таму е вниманието на светската публика.
Новата естетика на навивачката мода
Веќе неколку сезони спортската естетика силно влијае врз модата. Винтиџ дресови, елегантни комбинации со спортски елементи, ретро патики и широки силуети се присутни насекаде, од социјалните мрежи до модните писти. Светското првенство дополнително ќе ја засили таа естетика. Можеби најинтересно е што денешната навивачка мода повеќе не изгледа како обична спортска опрема, туку како внимателно осмислена модна приказна. Со милијарди гледачи и публика која одамна ги надминува границите на спортот, Светското првенство 2026 ќе биде еден од најголемите културни настани на деценијата. Затоа ова лето нема да следиме само кој ќе победи на теренот, туку и кој ќе остави најсилен визуелен впечаток надвор од него.

