По освојувањето на Купот на Македонија, фудбалерите на ФК Вардар на прославата во соблекувалната испеаја навредлива и сексистичка песна насочена кон Каролина Гочева. Видеото брзо се прошири во јавноста и предизвика силни реакции на социјалните мрежи, во медиумите и кај дел од институциите. Настанот, по којзнае кој пат, повторно ги отвори прашањата за нормализацијата на мизогинијата, говорот на омраза кон жените и одговорноста на јавните личности и спортските колективи во креирањето на општествените вредности.
Скандирањето на песни од типот на „дирладаааа…“ во машка соблекувална или на спортски трибини не е ништо ново. Добро се сеќавам на такви сцени од „златните“ времиња на македонскиот спорт — кон крајот на 90-тите и во првата деценија од 2000-тите. На дерби-натпреварите меѓу МЗТ Скопје и КК Работнички, ваквите содржини беа дел од таканаречената „атмосфера“ на трибините. Се слушаа најдолни можни навреди, најчесто насочени кон жени, а мојата генерација девојки и жени тоа го гледаше и слушаше како дел од секојдневието на спортските настани. На тој начин, без да биде свесно именувано, се нормализираше едно однесување во кое омаловажувањето стануваше дел од „спортската култура“. Тогаш беше „нормално“ да се оди на натпревари на кои понижувањето беше составен дел од навивањето, а секоја жена што ќе реагираше на тоа често беше означувана како проблематична или „преосетлива“.
Години подоцна, истите обрасци само се прелеваат. „Кучињата лаат, караванот си врви“ добива нова форма — и одеднаш се чудиме кога истите тие модели се појавуваат во современиот професионален спорт во Македонија во 2026 година. Но ништо од ова не се случува преку ноќ. Се гради, се толерира и се пренесува генерациски.
Проблемот го гледам низ неколку нивоа. Првото е тоа што овие млади спортисти утре ќе бидат спортски работници, тренери, лични тренери или наставници по физичко образование. Тие неизбежно стануваат модели на однесување за новите генерации. И токму тука се отвора клучното прашање: Како овие момци утре ќе придонесуваат во градењето нови, успешни спортистки и спортисти, ако зад себе носат и репродуцираат застарени и проблематични обрасци на однесување? И веќе постојат докази дека спортот не е секогаш безбедна средина за жените и девојките. Според анализата за родово базирано насилство врз жените во спортот во Македонија (МЦМС, 2026), спортската средина останува простор во кој сексистичкиот говор и родово базираното насилство често се нормализираат и не се препознаваат како насилство. Истражувањето укажува дека ниското ниво на пријавување, институционалната толеранција и недоволните механизми за заштита придонесуваат насилството да се одржува и репродуцира во спортскиот систем.
Истовремено, македонското законодавство веќе препознава дека родово базираното насилство не започнува со физички напад. Тоа започнува многу порано — со јавно понижување, сексистичко навредување и нормализирање на омаловажувањето на жените како форма на забава. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, заедно со измените во Кривичниот законик, јасно ги препознаваат психолошкото насилство, родово базираното вознемирување и создавањето понижувачка и дискриминаторска средина како прашања на јавна одговорност — а не како „лош вкус“, „шега“ или „навивачки фолклор“.
Сепак, премногу често слушаме релативизација: „момчињата се момчиња“, „слават титула“, „не било така сериозно“. И зад тоа стои истата стара фраза што ја затвора секоја дискусија: „Аман од феминисткиве, веќе не престанаа да морализираат“.
Вториот, многу пострашен аспект е отвореното повикување на сексуално насилство. Според истражувањето на ОБСЕ за насилство врз жените во Македонија, околу 7% од жените пријавуваат дека доживеале сексуално насилство, вклучително и силување или обид за силување, при што реалната бројка се смета дека е значително повисока поради екстремно ниското пријавување. Во таков контекст, јавното повикување или славење на силување не е „навивачки хир“, туку сериозен општествен аларм!
Третото ниво е уште пошироко. Ваквите славења често се придружени со знамиња, патриотски пораки, па дури и со токсични националистички фрази и декларативна љубов кон државата. И токму тука се отвора контрадикцијата: како е можно, во моменти на најголеми спортски успеси, спортистите и навивачите да се повикуваат на стандардните патриотски пораки од типот „Македонија една е, не ја даваме“, додека истовремено, во конкретниов случај, се понижува една од најпрепознатливите македонски уметници — жена која ја претставува македонската култура надвор од границите и која, на свој начин, е симбол на современата македонска културна сцена?
Ако тоа е спортски патриотизам, тогаш сериозно мораме да се запрашаме што тој збор навистина значи во пракса и какво општество градиме.
Реакциите овој пат беа важни. Особено реакциите на жените — и млади и повозрасни — кои јасно и гласно го препознаа проблемот. Но охрабрувачки беше и тоа што дел од мажите јавно побараа одговорност од клубот, спортистите и институциите (додека од квази-новинарот, кој повеќепати досега се кител со мизогини наративи, очигледно веќе нема многу простор за какво било „извинување“). Тоа покажува дека дискурсот не е целосно заробен.
Сепак, реакциите драстично не го менуваат фактот дека живееме во општество каде мизогинијата е длабоко вградена во секојдневието. И токму затоа ова не смее да заврши со 24-часовна осуда и потоа заборав.
Потребна е одговорност — институционална, клубска и индивидуална. И потребна е промена на културата, не само на јазикот. Во спротивно, сè ќе остане на ниво на краткотрајни осуди и заборав.
И токму затоа, минималниот чекор што би имал и симболична и суштинска тежина е јавно и директно извинување кон Каролина Гочева во истата таа соблекувална каде што се скандираше — не преку соопштенија, туку преку соочување со сопственото однесување и лично пред неа. Таквиот чин, доколку биде снимен и јавно споделен, би носел дополнителна тежина како порака дека одговорноста не завршува во соблекувалната, ниту останува затворена во приватен простор. Секако, ова не ја исклучува потребата за правна одговорност на секој поединец и на клубот.
Не затоа што една личност треба да „поправа“ систем, туку затоа што симболичните гестови имаат моќ да ја поместат границата на тоа што се смета за прифатливо. Токму тоа го покажуваат и меѓународни примери, како случајот со поранешниот шпански фудбалски функционер Луис Рубијалес, каде што јавниот притисок по инцидентот доведе не само до негова оставка и санкции, туку и до поширока мобилизација на спортистки кои ја отворија дебатата за моќта, согласноста и одговорноста во спортот. Тоа не беше само индивидуален пад, туку момент што придонесе за корекција на системски прашања.
Инаку, следниот пат ќе зборуваме за истото. Само со нова песна!

