Основачките на брендот,Натали и Оливера Ристовски преку YOVA ја трансформираат рачната изработка во современ моден израз, спојувајќи македонско занаетчиство, премиум материјали и дизајн инспириран од личната трансформација на жената
Во време кога модата сè повеќе се враќа кон автентичноста, квалитетот и рачната изработка, македонскиот бренд YOVA создава современ моден израз што ја спојува традицијата со глобалниот дизајн. Зад брендот стојат Натали Ристовска (Креативен директор на YOVA) и Оливера Ристовска (Маркетинг директор на YOVA), кои преку новата колекција „Blossom“ носат приказна за женственост, лична трансформација и вредност создадена со време, внимание и занаетчиска прецизност.
Инспирирана од моментот на цутење, колекцијата „Blossom“ ја следи жената низ различни состојби и емоции – од нежност и радост, до самодоверба, движење и смиреност. Преку рачно изработени модели, премиум материјали и современ пристап кон хеклањето, YOVA покажува дека традиционалниот занает може да стане дел од современиот луксуз и глобалната модна сцена.
Колекцијата „Blossom“ е инспирирана од идејата за цутење и лична трансформација. Како оваа приказна се преточи во дизајнот на самите модели?
Колекцијата „Blossom“ ја создадовме како симбол на раст, нежност и лична трансформација. Инспирацијата дојде од моментите кога една жена повторно се поврзува со себе, со својата сила и женственост. Тоа чувство на „цутење“ го преточивме преку цветовите, органските форми, природната текстура на хеклањето и внимателно одбраната палета на бои. Секој модел е создаден да носи чувство на леснотија, но и присутност — како моден додаток што не само убаво изгледа, туку има и емоција и приказна.
Секој модел од колекцијата носи различна енергија и карактер – од смиреност до самодоверба и движење. Како изгледаше процесот на создавање на овие различни форми и идентитети?
Процесот беше многу интуитивен и емотивен. Не почнавме од формата, туку од емоцијата и енергијата што ја чувствувавме во моментот, па така и настануваше секој дизајн. Некои модели се поелегантни и смирени, други подинамични и поизразени, но сите имаат заедничка нишка — да ѝ дадат на жената чувство на самодоверба и слобода. Работевме долго на пропорциите, движењето на материјалот и деталите за секоја ташна да има свој карактер, но сепак да биде функционална.
YOVA го поставува хеклањето во центарот на современ моден производ. Како успеавте традиционалната техника да ја трансформирате во современ и луксузен дизајн?
Нашата цел отсекогаш била да покажеме дека традиционалниот занает може да биде современ, софистициран и релевантен на глобално ниво. Хеклањето во Македонија има огромна вредност и историја, но ние сакавме да го прикажеме во нов контекст — преку минималистички форми, оригинален современ дизајн и внимателно селектирани премиум материјали. Комбинацијата на рачна изработка и модерен пристап создава производ што изгледа луксузно, но истовремено носи човечка топлина и автентичност која денес сè повеќе недостасува. Тоа е резултат на долгогодишното интернационално искуство на Натали во дизајнот, но и длабокото познавање на самата техника на хеклање, што овозможува создавање производи кои се истовремено модерни, безвременски и уникатни.
Рачната изработка денес повторно е во фокус во светската мода. Зошто сметате дека луѓето сè повеќе се враќаат кон производи создадени со време, внимание и занаетчиска прецизност?
Живееме во време на брза потрошувачка и масовно производство, па мислиме дека луѓето сè повеќе имаат потреба од предмети што носат вистинска вредност, приказна и различност. Кога знаете дека нешто е создадено рачно, со време, внимание и вештина, автоматски создавате поинаква емоционална врска со производот. Денес луксузот не е само логото — туку автентичноста, квалитетот и чувството дека поседувате нешто уникатно и создадено со грижа.



Во изработката користите премиум материјали од добавувачи кои соработуваат и со светски луксузни модни куќи. Колку изборот на материјали е важен за квалитетот и долготрајноста на една ташна?
Материјалите се основата на секој квалитетен производ и директно влијаат на изгледот, издржливоста и долговечноста на една ташна. Ние не правиме компромис кога станува збор за изборот на материјали и работиме со внимателно селектирани природни и одржливи материјали од италијански добавувачи кои соработуваат и со светски луксузни модни куќи.
За нас, луксузот не е само визуелен впечаток, туку квалитет, издржливост и внимание кон секој детал. Веруваме дека добриот дизајн има вистинска вредност само кога е поддржан со врвни материјали и квалитетна рачна изработка.



YOVA соработува и со занаетчии кои имаат искуство со изработка за глобални модни брендови. Како тоа искуство влијае врз финалниот производ и производствените стандарди?
Тоа искуство носи високо ниво на прецизност, дисциплина и внимание кон секој детал. Нашите занаетчии имаат долгогодишно искуство во изработка за реномирани модни брендови, но YOVA воведе сосема нов правец во Македонија — изработка на рачно хеклани ташни од рафија, нешто што претходно не постоеше како сериско производство кај нас.
Како бренд, воведовме нов производствен процес, нова експертиза и современ пристап кон хеклањето, што овозможува создавање на оригинален и модерен дизајн со исклучителен квалитет. Воедно, многу ни е важно што преку YOVA придонесуваме за зачувување и вреднување на овој традиционален занает во Македонија.
Моделот „Бисера“ вклучува автентични охридски бисери од семејството Талеви. Колку ви е важно преку колекциите да вклучувате локални елементи и културно наследство?

Ташната Бисера е современ спој на два традиционални македонски занаети — хеклањето и изработката на оригиналниот охридски бисер, претставени во модерна и елегантна форма.
Особено сме горди на соработката со фамилијата Талеви, чувари на традицијата на оригиналниот охридски бисер од 1924 година — сертифициран и заштитен производ со географско потекло.
За нас е исклучително важно во дизајнот да вклучуваме локални елементи и автентични приказни, бидејќи YOVA е бренд што длабоко се инспирира од нашето поднебје, традиција и култура. Со моделот „Бисера“ сакавме да создадеме баланс помеѓу современиот дизајн и наследството што го носат охридските бисери и рачната техника на хеклање.
Резултатот е оригинален современ дизајн кој содржи 29 охридски бисери, 15 рачно хеклани цветови и уникатна бисерно-цветна рачка. Ташната е дизајнирана да може да се носи во две различни форми — како елегантна правоаголна рачна ташничка или трансформирана во впечатлива дијамантска форма која ќе го надополни вашиот изглед за посвечени настани.
А специјално за оваа соработка создадовме и посебна златна боја на бисер која е имплементирана само во една боја на ташна – кафената Бисера.
Соработката со семејството Талеви за нас има и длабока емотивна вредност, бидејќи претставува почит кон локалната изработка, знаењето и приказните што се пренесуваат низ генерации. Веруваме дека токму таквите детали му даваат вистинска душа и автентичност на еден производ.
Освен естетиката, ташните од „Blossom“ се дизајнирани и како мултифункционални модели. Колку денешната жена бара практичност и адаптибилност во модните додатоци?
Изборот на ташна го дефинира стилот. Затоа дизајниравме 5 модели на ташни кои се изработени во речиси 60 различни комбинации, при што речиси секој модел може да се трансформира на два начина. Ташните се дизајнирани да можат да се носат на различни начини и да одговараат и за дневни и за вечерни комбинации, но и да се персонализираат со избор на различни бои на ланци кои се достапни за нарачка на нашата веб-страница.
Идејата е секоја жена својата ташна да ја направи навистина СВОЈА и да ја трансформира според моментот и стилот. На пример, ташната реса, може да се носи како клач, како ташна за на рамо или може целосно да ја трансфомира својата форма во форма на дијамант.

YOVA е бренд за жени кои се чуствуваат СВОИ, лесно препознаваат квалитет, гледаат вредност во рачната изработка и жени кои не се гласни, но се лесно забележливи во јавност, баш онакви какви што се и нашите ташни.
Веруваме дека современиот луксуз денес подразбира баланс помеѓу убавина, удобност и практичност.


