Документарниот филм „Антипод“ на режисерот Бојан Секулоски ја надминува рамката на класичен запис за екстремен подвиг и се претвора во филмско истражување на човекот во гранични состојби. Во неговиот центар е Дарко Неданоски, кој си поставува исклучително редок и опасен предизвик , во еден ден да реализира два екстремни подвига: најдлабокото спелео-нуркање во пештерата Крштална и фри-соло искачување на Камена Баба. Паралелно со него, низ истиот простор на неизвесност, ризик и психолошка тензија, се движи и камерата на Секулоски, обидувајќи се од реалното искуство да изгради автентичен филмски јазик.
Снимен во сурови и непредвидливи услови, „Антипод“ не се задржува само на физичката издржливост, туку навлегува во прашањата за осаменоста, стравот, тишината и односот на човекот со сопствените граници. Наместо спектакуларизација на ризикот, филмот создава атмосфера во која темнината и тишината стануваат подеднакво важни како и самиот подвиг. Во разговорот што следува, Бојан Секулоски зборува за границата помеѓу набљудувањето и вмешаноста, за довербата помеѓу камерата и човекот, како и за потребата документарниот филм да понуди не само сведоштво, туку и длабоко човечко искуство.

Во основата на „Антипод“ лежи идеја што истовремено ги тестира човечката издржливост и границите на филмскиот јазик. Спојувањето на два екстремни подвига во едно дело носи и наративен и продукциски ризик. Што за вас беше поважно, да се документира подвигот или да се изгради филмска приказна што ќе функционира самостојно?
За мене беше важно двете работи да постојат истовремено. Доколку само го документирав подвигот, ќе добиев запис за едно екстремно патување. Но нашата цел беше од тоа искуство да изградиме филмска приказна што ќе функционира и надвор од самиот подвиг.
„Антипод“ не го гледав само како документација на физичка издржливост, туку како приказна за човекот во екстремни услови — за осаменоста, стравот, мотивацијата и односот со природата и со самиот себе. Затоа ми беше важно филмот да има емоција, ритам и визуелен јазик што ќе ја вовлече публиката, дури и ако не ја интересира самиот спорт или експедиција. Подвигот беше реалната основа, но филмската приказна беше она што му даде универзално значење.




Присуството на камерата во ситуации каде секоја грешка може да биде фатална отвора прашања за границата помеѓу сведочење и вмешаност. До кој степен како режисер останувате набљудувач, а кога неизбежно станувате дел од самиот ризик?
Присуството на камерата во вакви екстремни ситуации секогаш ја поставува таа тенка линија помеѓу набљудување и вмешаност. Како режисер, кинематограф и монтажер, се обидувам да останам што поискрено сведок на моментот, без да ја нарушам реалноста што се случува пред камерата. Но во вакви околности не можеш целосно да се одвоиш — ти си дел од просторот, ризикот и емоцијата што ја носи експедицијата. Најважно ни беше безбедноста и човечкиот аспект никогаш да не бидат жртвувани заради кадар. Ако во одреден момент камерата почне да влијае врз одлуките, тогаш филмот ја губи својата искреност. Затоа пристапот беше да се следи реалноста таква каква што е, а не да се создава дополнителна драма само заради филмски ефект.

Темнината, тишината и непознатото во Крштална не се само физички услови, туку и силни симболички елементи. Колку свесно работевте со тие елементи како дел од филмскиот јазик, а не само како документарна реалност?
Темнината, тишината и чувството на непознато во Крштална уште од почетокот ги доживувавме како многу повеќе од природни услови — тие беа суштински дел од емоцијата и јазикот на филмот. Не сакавме пештерата да биде само локација, туку простор што психолошки влијае и врз човекот и врз гледачот. Свесно работевме со тие елементи за да создадеме чувство на изолација, неизвесност и внатрешна тишина. Во таков простор секој звук, секое светло и секоја пауза добиваат тежина. Наместо постојано да објаснуваме што се случува, сакавме атмосферата сама да зборува и публиката да го почувствува тој притисок и непознатото.
Токму затоа „Антипод“ не е само документарен запис за една експедиција, туку филмско искуство што преку визуелниот и звучниот јазик ја пренесува состојбата во која се наоѓа човекот кога е соочен со темнината, тишината и сопствените граници.


Филмот следи подвиг што по дефиниција е на граница на возможното, но истовремено бара прецизна контрола и дисциплина. Како се гради доверба помеѓу режисерот и протагонистот во услови каде секоја одлука има реални последици?
Довербата во вакви услови не се гради само преку снимањето, туку многу пред камерата да се вклучи. Кога се работи за подвиг на граница на возможното, најважно е и режисерот и протагонистот да имаат целосно разбирање за ризикот, границите и одговорноста што ја носат. Во „Антипод“ довербата се градеше преку постојана комуникација и присуство. Протагонистот мора да чувствува дека камерата не е товар или дополнителен притисок, туку дел од процесот што го разбира и го почитува неговото искуство. Од друга страна, како режисер, мораш да знаеш кога да продолжиш да снимаш, а кога човечкиот момент и безбедноста се поважни од кој било кадар. Токму затоа ваквите филмови не можат да функционираат ако односот е само професионален. Потребна е меѓусебна доверба во која и двете страни знаат дека ниту една сцена не вреди повеќе од човекот што стои пред камерата.

