Во последните години, а особено во последната, сè појасно гледаме дека правата на жените и девојчињата се под постојан и систематски притисок. Тие не се линеарен процес на напредок, туку простор кој може брзо да се стеснува кога политичките идеологии се насочуваат кон ограничување на слободите на жените и девојките.
Растот на десничарски и конзервативни политички агенди во Европа и пошироко повторува ист образец: кога се засилува реториката за „традиционални вредности“, првите на удар се родовата еднаквост, репродуктивните права, сексуалното образование и независните женски организации. И тогаш неминовно се поставува прашањето – како е можно, 31 година по Beijing Declaration and Platform for Action, повторно да зборуваме за назадување наместо за консолидација на овие права.
Овие процеси не се апстрактни. Тие се институционални, правни и политички вградени.
Инспирирана од последните политички поместувања во Унгарија, по повеќе од 16 години континуирана власт на Претседателот Виктор Орбан, станува уште појасно како долгогодишната концентрација на моќ може систематски да го редефинира просторот за женските права и да ја нормализира нивната постепена ерозија.
Во тој контекст, личното и професионалното искуство ме враќа назад. Во 2013 година бев назначена за национална известувачка во рамките на Women Against Violence Observatory на European Women’s Lobby, благодарение на соработката со Македонско Женско Лоби. Уште тогаш, во разговори со феминистички експерти од Унгарија, се чувствуваше постепеното стеснување на просторот за женските права.
Тоа искуство ми остана како тивко, но постојано предупредување: регресијата ретко доаѓа одеднаш. Таа започнува со промена на јазикот, со поместување на приоритетите, со релативизација на експертизата и со постепено истиснување на родовата еднаквост од централните политики.
Во Унгарија се разви модел на постепена трансформација кој може да се следи низ неколку фази, и кој веќе се етаблира како важен современ пример за тоа како “демократиите” можат тивко да се поместуваат наназад – преку постепено стеснување на правата на жените и другите маргинализирани групи, без нагли пресврти, но со кумулативен ефект што длабоко го менува општествениот поредок.
Ова институционално стеснување на просторот за женските организации, вклучително и европски мрежи како WAVE Network, не останува само на ниво на застапување, туку има реални последици врз системите за заштита родово базирана дискримијација на жените и девојчињата. Во Унгарија, според податоци на EIGE за 2022 година, 49 жени се убиени, при што 17 случаи се класифицирани како убиства од интимен партнер, а 35 како убиства во контекст на семејно насилство. Овие податоци укажуваат дека потребата од силни женски организации и независна родова експертиза е суштинска и не смее да се маргинализира.
Индициите за уназадување на женските права во Унгарија започнуваат уште во 2011 година, кога со уставни измени се воспоставува правна рамка во која бракот се дефинира како заедница исклучиво меѓу маж и жена, семејството се поставува како „основа на нацијата“, а демографијата и традиционалните улоги добиваат силна политичка тежина.
Помеѓу 2012 и 2015 година, родовата еднаквост формално не исчезнува, но се подлабоко се маргинализира како автономна политика, додека се зајакнува пристапот на „family policy“ наспроти класичниот „gender mainstreaming“ принцип. Во истиот период постепено се ослабуваат и независните институционални механизми.
Од 2016 до 2018 година се засилува реториката против „родовата идеологија“, а просторот за феминистички дискурс се стеснува, при што родовата еднаквост сè повеќе станува политички чувствителна тема наместо прашање на човекови права.
Во 2018 година се повлекува државната акредитација за магистерски програми по родови студии, со што се ограничува институционалната и академската основа на ова поле дури и во најпрестижните универзитети како што е Central European University во Будимпешта.
Во 2020 година се укинува правното признавање на родовата транзиција, при што во сите документи се задржува исклучиво „пол при раѓање“. Ова претставува директно правно стеснување на родовиот идентитет.
Во 2022 година се заоструваат репродуктивните политики преку воведување на дополнителни медицински и советодавни чекори пред абортус, што практично го усложнува пристапот до услугите и жените се одвраќаат од навремено користење на здравствена заштита.
Помеѓу 2023 и 2024 година се продлабочува таканаречениот „family-first“ модел, во кој државните мерки сè појасно се насочуваат кон демографски цели и стимулирање на наталитетот преку даночни и фискални олеснувања за мајките. Во тој пристап, жените сè почесто се адресираат преку нивната мајчинска улога, додека родовата еднаквост се поместува од човеково-правна рамка кон демографска категорија.
Во 2025 година, со уставни измени се зацврстува разбирањето дека постојат само два правни пола – маж и жена – а истовремено се прошируваат законските можности за ограничување на јавни собири за унапредување на родовата еднаквост, под образложение на заштита на јавниот ред и заштита на децата.
Конечно, во 2026 година се заокружува модел во кој родовата еднаквост формално опстојува, но суштински е целосно маргинализирана. Таа се заменува со семејна и демографска рамка, додека образовните, правните и културните механизми дополнително го стеснуваат просторот за критичко разбирање на родовата еднаквост и родовата перспектива.
Заедничката нишка низ овие фази е јасна: постепено поместување од пристап базиран на права кон пристап базиран на демографија и традиционални општествени вредоности.
Во овој контекст, улогата на женските организации станува клучна. Тие не се дополнување на системот, туку негов коректив. Тие го одржуваат знаењето живо, алармираат кога институциите молчат и ја чуваат перспективата на еднаквост во јавните политики.
Ова не значи формално укинување, туку постепена ерозија на влијанието – и токму во тоа лежи суштината на современиот анти-родов бран: не во забрана, туку во стеснување.
Истовремено, образованието за човекови права и родова еднаквост не смее да биде споредна тема. Тоа е темел на демократско општество кое разбира дека правата не се идеологија, туку гаранција за достоинство и еднаквост.
Затоа денес, повеќе од кога било, потребно е да останеме будни – не само како активисти, туку и како општество.
Бидејќи историјата нè учи едно: секогаш кога правата на жените се маргинализирани, тоа не останува изолиран процес. Тоа е сигнал за пошироко демократско назадување.
Унгарија е само еден од многуте примери што нè потсетуваат дека правата никогаш не се еднаш засекогаш освоени. Тие се одржуваат, се бранат и се преговараат – постојано. И токму затоа, тишината не е опција.
Новата Унгарија е на потег. Народот, особено младата генерација, покажа дека не прифаќа нормализација на регресија и ограничување на слободите. Затоа, феминистичката борба останува суштински дел од одбраната на демократијата – не само во Унгарија, туку и насекаде во светот.

