Во својата најнова колекција „Вртлог“, дизајнерката Наталија Терзија истражува динамика, форма и емоција преку неконвенционални венчаници кои се движат помеѓу сензуалност и скулптура. Инспирирана од водата како личен елемент и од вителите што ги среќава во секојдневието, таа создава модна приказна што не води низ стравот, препуштањето и слободата. „Вртлог“ е и визуелен и внатрешен процес, патување низ кое, како што вели самата, „излегуваш со сопствената вистина“.
Што беше главната инспирација зад колекцијата „Вртлог“ и како се развиваше идејата од почеток до финален изглед?
Почна од вода, мојот елемент и желбата да создадам неконвенционални венчаници. Идејата се раздвижи кога почнав да забележувам вители насекаде: на скали, во коса, во вино, во ветер, дури и во лавабо додека мијам лице. Ме фасцинираше симболиката на таа неуморна движечка сила која те носи некаде, а не знаеш каде. Можеш да се препуштиш и да уживаш како дете на тобоган, или да се исплашиш. Така почнавме да развиваме кружни форми, иако ни самите не знаевме каде ќе нè однесат. Продолживме да ги истражуваме, а некаде на половина направивме фантастичен едиторијал со Дарко Ар и Елена Реи. Тоа нè мотивираше уште повеќе и финализацијата на колекцијата стана уште повозбудлива.


Како го преведовте концептот на движење и динамика во самите кроеви и материјали?
Темата отвори огромен простор за игра со материјали. Создававме вртлози од свилена тафта и сатен, со меки корсетни линии кои се технички многу сложени. Работевме и со варијации на провидност, како и со скулптурни силуети кои визуелно го носат чувството на движење.


Колку оваа колекција се разликува од вашите претходни и дали носи нов правец во вашиот дизајнерски израз?
За првпат работам колекција која во 70% се состои од венчаници. Тоа беше нов предизвик и можност да научам нови техники. Искрено, за мене ова е скалило погоре во однос на формите и материјалите. Ми беше важно и што излегов од комфорот на минимализмот што го диктираше Терзија, а сепак останав верна на идентитетот и естетиката на брендот.

На каква жена мислевте додека ја создававте „Вртлог“? Каква е нејзината енергија и став?
Сензуална, посебна и своја.
Кои се клучните парчиња од колекцијата на кои сте особено горди?
Особено сум горда на големата венчаница што ја затвори ревијата. Искрено, многу се плашев од неа, бидејќи не сум љубител на толкав волумен. Но токму таа ми отвори ново прозорче во дизајнерскиот пристап и сега сум заљубена во неа. Сфатив дека слободата и храброста во креирањето те носат на вистинскиот пат.

Како изгледаше процесот на подготовка за ревијата и што беше најголем предизвик?
Имаше многу „пиши-бриши“ додека се разјасни идејата и додека најдов начин да ја пренесам на тимот. Но кога ја поставивме големата слика и целта на приказната, сè стана многу појасно и полесно.
Колку ви е важно како публиката ќе ја доживее колекцијата на самата ревија?
За мене ревијата е уметнички перформанс, а не само презентација на облека. Исклучително се важни одот на моделите, нивниот став, музиката, синхронизацијата и емоцијата што се пренесува во тие триесет минути. Тоа е момент кога оставаш дел од себе.


Што сакате луѓето да почувствуваат или запомнат по „Вртлог“?
Кога ќе излезеш од вртлогот, твојата вистина излегува со тебе. Јас своеволно влегов во мојот, и сè што гледате е убавината што излезе од мене.




