Во својата најнова изложба „Fragments of Becoming“, уметницата Наталија Зафироска истражува состојби на трансформација, привременост и недовршеност. Нејзините дела се движат на границата меѓу објект и процес, меѓу архитектонска логика и интуитивна уметничка гестикулација. Инспирацијата произлегува од нејзиното долгогодишно професионално искуство во Катар, каде што беше Branch Manager во италијанско архитектонско биро и учествуваше во реализацијата на бројни престижни објекти.
Таа зборува за односот меѓу создавањето и набљудувањето, за преклопувањето на архитектурата и уметноста во нејзината практика, како и за идејата дека идентитетот и формата не се фиксни категории, туку процеси на постојано станување.
Во најавата на изложбата зборувате за објектот во неговата „сурова“, недефинирана состојба -моментот пред да стане форма. За вас уметноста е создавање или внимателно следење на процесот на станување?
Мислам дека и двете форми се дел од уметноста како акт на делување. За да создадеш, треба да го следиш процесот, а во текот на тој процес има безброј нови создавања. Најпредизвикувачкиот дел е моментот кога треба да престанеш и да одлучиш кога делото е завршено. За мене, многу пати суровата форма е доволна и сама по себе претставува уметност , веројатно поради нејзината спонтана и ненамерна природа, на која не ѝ е потребно ништо друго освен набљудување, курирање или поставување во сооднос со други објекти за да добие поинаква вредност.
Вашето архитектонско искуство, особено на градилишта, очигледно влијае врз визуелниот јазик на делата. Каде завршува архитектот во вас, а каде започнува уметникот или токму во таа преклопеност се раѓа вашата практика?
Архитектот и уметникот постојано се преклопуваат; тие не живеат во изолација и никогаш не започнува едниот, а да заврши другиот. Градилиштата и нивната естетика дефинитивно ги инспирираа двата аспекта. Во процесот на градење се создаваат безброј просторни и спонтани композиции, настанати од сите учесници во градењето, кои често остануваат незабележани и игнорирани сè додека просторот не ја добие својата финална форма.
Токму тие композиции на чисти и сурови простори, пред да се монтираат какви било богати облоги и префинети материјали, за мене се прекрасни. Тие нудат поинаков просторен квалитет, каде привремените објекти што „живеат“ во нив – кофа со боја, помошни скали, инсталации оставени во просторот пред да се монтираат -имаат своја улога и се видливи. Тие постојат привремено, пред да ја заземат својата крајна форма или да бидат отстранети. Времената природа на овие композиции е всушност највозбудливиот момент -да се евидентираат пред да исчезнат засекогаш, за разлика од архитектурата, која има подолгорочна природа.


Насловот „Fragments of Becoming“ сугерира идентитет кој не е фиксен, туку во постојано настанување. Дали овие „фрагменти“ се автобиографски траги или обид да се зборува за поширокото човечко искуство на нестабилност и трансформација?
Дефинитивно, фрагментите се автобиографски белези. Сите моменти што се опфатени во некаква визуелна форма се дел од моето постанување, но не како еволутивен процес – бидејќи често под еволуција се подразбира дека стануваш подобар од претходно – туку повеќе како трансформативен процес. Станува збор за сите фрагменти од себеси кои, во одредено време, креираат некаква мапа на тоа што си.
Во „Fragments of Becoming“ го отворате прашањето за односот меѓу човечката контрола и природата. Дали уметноста, според вас, е простор каде човекот се обидува да ја контролира природата — или место каде учи да се откаже од контролата?
Повеќе отколку да ја контролира, би рекла дека човекот сака да ја рефлектира природата , да опсервира што се случува и да биде критичен кон човековото однесување. Не може да се критикува природата, која е единствениот совршен баланс што го познаваме.
Вашите дела делуваат како да постојат помеѓу објект и состојба, нешто што не сака да се „затвори“ во конечна форма. Дали недовршеноста е естетска стратегија или филозофска позиција?
Постои еден вид комфор што го создава затворената форма, веројатно поврзан со конечната, детерминирана карактеристика на објектот. Кога нешто е детерминирано, лесно го осознаваме и се чувствуваме безбедно. Токму затоа е возбудливо да се истражува и да се пронајде убавина во трансформативноста на формите кои создаваат чувство на неизвесност. Не знаеме дали и како ќе бидат финализирани и честопати се надвор од наша контрола. А сè она што не можеме да го контролираме носи доза на вознемиреност, но и возбуда.
Често зборуваме за уметничко дело како резултат. Вие, пак, инсистирате на процесот. Што би сакале посетителот да почувствува: да го „разбере“ делото или да ја искуси сопствената состојба на becoming додека го гледа?
И самиот процес е уметничко дело. За време на процесот се создаваат безброј уметнички дела што се разликуваат од неговата крајна цел, кога тој завршува во само „едно дело“ во својата финална форма. Би сакала посетителот да види една поинаква перспектива на уметноста, дека понекогаш таа е ненамерна и спонтана, но секогаш присутна, и дека сите ние сме учесници во тоа.
Отворањето на изложбата е закажано за 13 март 2026 година во 20 часот во Арт галеријата „Пионери“.


