„Зошто не го остави?“
„Сама е крива.“
„Зошто и девојчето да умре?“
Зошто? Зошто? Зошто?
На 2 март 2026 година, од шестиот кат на зграда во Скопје, се фрли жена со своето дете. Тоа беше ударна вест на сите портали. Загрижени граѓани. Засегнати инфлуенсери и инфлуенсерки.
Се дебатира на сите страни – и не велам дека не треба. Но важно е дебатата да ја водиме без да зајакнуваме стереотипи, без да цементираме балкански предрасуди и без да се дефокусираме од суштината: родово базираното насилство врз жени и девојки.
Самоубиството се случи еден ден пред Европската Унија да го презентира најновото Истражување за родово базирано насилство: докази за креирање политики и пракса, подготвено од Евростат, Агенцијата на Европската Унија за основни права и Европскиот институт за родова еднаквост. Анализата јасно покажува дека состојбата со насилството врз жените и девојките не е добра ниту во ЕУ, но таму дебатата се поместува – се разговара отворено за значењето на овој феномен и за системските одговори.
Во Македонија, пак, доминираат тривијални медиумски наслови, самопрогласени експерти и понекој феминистички глас што се обидува да укаже дека фрлањето од зграда не е импулс, туку крајна реакција – бегство од пекол во кој и системот и општеството можеле да интервенираат многу порано.
Насилството врз жените и девојчињата се темели на нееднаквоста меѓу мажите и жените и на моќта која традиционално е позиционирана кај мажите – и како јавни актери и како партнери во приватната свера. Секогаш кога купуваме сини пижами за момчиња и розови за девојчиња, кога купуваме шпорет-играчка за девојче, а пиштол за момче, кога на синот му велиме „не плачи, не си девојче“, а на ќерката „немој да си машкоданка“, придонесуваме кон родова поларизација од најмала возраст, која се пренесува од генерација на генерација.
Момчињата растат со чувство на привилегија и идентификација со моќта, а девојчињата со порака дека треба да се повлекуваат, да трпат и да се приспособуваат. Тука е коренот на родово базираното насилство врз жени и девојчиња. Кога децата ги воспитуваме во строго поделени родови улоги и притоа не им дозволуваме слободно да ги изразат своите емоции, создаваме основа за идни нееднакви и насилни односи.
Токму тука лежи и дел од одговорот на прашањето „зошто не заминала“. Станува збор за комплекс од фактори: начинот на кој жената го перципира односот со интимниот партнер; потребата „по секоја цена“ да се зачува семејството; стравот детето да не остане без татко во традиционалната смисла; стигмата да не биде наречена „распуштеница“; ризикот од економско осиромашување; сомнежот дали полицијата ќе ѝ поверува – и многу други.
Сето тоа создава генерациски циклус на насилство врз жени и девојки. И покрај формалната еманципација, особено на Балканот, односите на моќ меѓу мажите и жените остануваат тврдокорно статични. Во услови на нови социјални медиуми гледаме и пораст на мизогинија кај младите мажи. Сексуализацијата, сексистичките шеги и нормализирањето на понижувањето на жените и девојките не се „само шеги“ – тие се дел од истата култура што го одржува насилството.
Исто така сведоци сме дека многу емисии, иако навидум едукативни, имаат спротивен ефект – во нив погрешно се разговара за машко-женските односи и дополнително се зајакнуваат стереотипите. Слушам разно разни водители – жени а и мажи како поставуваат прашања од типот: „Што е совршена жена, а што совршен маж?“, „Дали е подобро жените се домаќинки или кариеристки?“, „Дали жените сакаат богати мажи?“. Тоа не се безопасни дилеми, туку рамки што ја сведуваат жената на улога и очекување. Со вакви формулации, наместо да се отвори простор за критичко преиспитување на родовите норми, тие повторно се зацврстуваат и цементираат во јавниот дискурс.
Затоа атмосферата на чудење, неверување и траорни објави ми делува лицемерно кога истовремено активно се негира или минимизира родовата нееднаквост, а насилството се сведува на „семејна работа“ – како да е феномен што подеднакво ги погодува сите. Последниот настан нè потсетува дека тоа не е така. Кога не го препознаваме феноменот и кога го релативизираме, последиците нè затекнуваат неподготвени.
Во Македонија бевме сведоци на негирање на основни родови концепти – од правото на пристап до абортус, до поддршката на родовите студии на Филозофскиот факултет и финансирањето на сервисите за жртви на родово базирано насилство. И кога ќе се случи трагедија, повторно прашуваме „зошто“. Одговорот е во таа долгорочна институционална и општествена негрижа. Додека не ги препознаеме причините и динамиката на родово базираното насилство, ќе продолжиме да реагираме ad hoc – од случај до случај.
Во Брисел, дебатата по повод најновата студија за насилството врз жените се водеше врз основа на докази. Се разговараше за причините, за позицијата на жртвите, за тоа како општествата ја разбираат родовата рамноправност и како системски одговараат. Кај нас, премногу често, јавниот простор наликува на колективна ТВ новела: лелекање, солзи, а без структурна промена. И секогаш некаде се провлекува оправдувањето „boys will be boys“.
Важно е да разбереме дека насилството врз жените е посебна категорија на родово базирано насилство. Тоа може, но не мора, да биде семејно насилство. Ако останеме во тесните, конзервативни дефиниции, никогаш нема да навлеземе во коренот на проблемот – а токму таму се крие одговорот зошто жените не заминуваат „едноставно“.
Статистиката покажува дека значителен процент жени во Македонија искусиле некаква форма на родово базирано насилство. Тоа мора да го сфатиме сериозно. Секој од нас познава барем една жена која тивко страда. Не секое насилство остава модринки. Постојат контрола, манипулација, изолација, дигитално следење, психолошко понижување. Невидливи, но разорни.
Не секој насилник изгледа како насилник. Не секој има мускули или криминално досие. Има и такви во одела и со кравати, за кои соседите велат: „Невозможно, па тој е сериозен човек.“ Насилството ретко започнува со удар на првиот романтичен состанок. Почнува тивко – со љубомора претставена како љубов, со контрола претставена како грижа, со изолација претставена како заштита. Малку по малку се создава обрач од страв, зависност и срам.
И токму затоа заминувањето не е лесно. Кога самодовербата е разорена, кога економската сигурност е неизвесна, кога стравот е секојдневие, кога општеството ја прашува „што направила таа“, тогаш излезот не изгледа како врата што се отвора – туку како бездна. И понекогаш, во таа извитоперена реалност, смртта ѝ изгледа како единствено бегство од контекст што ја гуши.
Особено е важно да останеме будни во време на глобални кризи и војни, кога овие прашања се туркаат во позадина, а жените повторно ја плаќаат цената. Вчера изгубивме сограѓанка и едно дете кои можеа многу да придонесат за оваа земја впролем и за овој свет. Во Европа над 114.000 жени зборувале за своите искуства со родово базирано насилство. Зад секоја бројка стои живот.
Насилството врз жените не е апстрактна тема. Тоа е дел од нашето секојдневие – овде, во Европа, на Блискиот Исток, насекаде.
Искоренувањето на овој проблем нема да се случи преку една емотивна објава или неколку дена јавна тага. Ќе бара долгорочна и храбра посветеност: зајакнување на законодавството и реална одговорност за сторителите; системска превенција што ги адресира корените на нееднаквоста; сериозен пристап кон дигиталниот простор и едукацијата на младите; јакнење на довербата и отчетноста на институциите; одржливо финансирање на сервисите за жени и деца; поддршка на родовите студии и организациите што со години предупредуваат; и вистинско вклучување на мажите и момчињата во превенцијата.
Дури тогаш прашањето „зошто?“ ќе добие смисла. Само кога ќе бидеме подготвени да го слушнеме одговорот – без релативизација и без префрлање вина – ќе можеме да зборуваме за вистинска промена.


