Со усвојувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот Законик се донесе ново кривично дело под член 152-а – „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина“[1], со што за првпат се воспоставува посебно кривично дело кое го санкционира неовластеното споделување, заканување и манипулирање со интимни снимки, фотографии и други аудио содржини без согласност на лицето на кое тие се однесуваат. Овие измени се направени без пошироки консултации од јавноста, во сенка на измените кои се предложија и донесоа за кривичните дела кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба. Сепак ова претставува значаен позитивен исчекор и затворање на долгогодишната правна празнина која постоеше, во услови кога злоупотребата на интимни фотографии, видеа и аудио записи стана сериозен и распространет облик на дигитално насилство во нашето општество. Во Македонија на почетокот од јануари месец 2020 година одекна во јавноста случајот ,,Јавна соба“ односно група направена на Платформата Телеграм . Сите жртви на „Јавна соба“ беа жени и девојки. Сите сторители беа мажи. Сепак, во институциите „Јавна соба“ не беше третирана како отелотворување на родово-базирано насилство. Оттука, и казнувањето на сторителите беше несоодветно, споро и сè уште не е целосно спроведено за полнолетните жртви. Иако креаторот на групата и некои од администраторите им беа познати на институциите уште првите неколку денови од откривањето, случајот остана во предистражна постапка една година. После една година молк од Јавното обвинителство, медиумите обелоденија три нови групи како „Јавна соба“.Освен слики и видеоклипови, во групата се споделувале имиња и презимиња од девојчиња и жени, телефонски броеви на кои може да се добијат, профилите на Инстаграм и Фејсбук на кои може да се најдат, градот и населбата во кои живеат. Многу граѓански организации како и нашата Мрежа уште тогаш алармиравме за потребата од итна криминализација на овие дела и тоа преку анализи, јавни реакции и дијалог со институциите, каде континуирано се застапуваше за воведувањето на едно вакво кривично дело, се со цел жртвите конечно да добијат соодветна правна заштита.
Членот 152-апредвидува кривична одговорност не само за неовластеното споделување на интимна содржина, туку и за создавање или изменувањето на постоечки аудио-визуелни материјали со употреба на компјутерскиот системи (вклучително и манипулирани содржини-дипфејк). Исто така предвидена е и кривична одговорност на тој што ќе се заканува или на друг начин ќе ја направи достапна ваквата содржина со нејзино објавување, што претставува важен чекор во препознавањето на современите облици на дигитална злоупотреба и технолошки фасцилитирано родово базирано насилство. Дополнително законодавецот предвидува квалификаторен облик на ова дело ако е сторено спрема дете и повисоки казни ако делото го стори службено лице при вршење на својата служба.
Сепак, и покрај позитивната насока, вака концептуално поставено ова кривично дело отвора неколку прашања за неговата примена , правилното толкување и неговата усогласеност со меѓународните стандарди.
Иако новото кривично дело е сместено во делот за заштита на приватноста, ваквата концептуална поставеност е потесна од реалната природа на овие повреди. Во пракса, злоупотребата на интимни содржини многу ретко претставува само „нарушување на приватност“. Во најголем број случаи станува збор за форма на родово базирано насилство, која вклучува закани, изнуди, моќ и контрола, заплашување, психолошка злоупотреба и повторна виктимизација на жртвите. Овие елементи ја надминуваат рамката на приватноста и директно навлегуваат во сферата на насилството, злоупотребата на моќ и нарушувањето на човековото достоинство. Имено тоа веќе и го покажа случајот со ,,Јавна Соба”.
Овој пристап е јасно препознаен и во меѓународните стандарди. Во својата Општа препорака 1 за дигиталната димензија на насилството врз жените[2], GREVIO нагласува дека дигиталните злоупотреби, вклучително и неовластеното споделување и манипулирање со интимни материјали, претставуваат продолжение на родово базираното насилство во дигиталниот простор, а не изолиран технички или приватен инцидент. GREVIO посочува дека овие дејствија предизвикуваат сериозна психолошка штета, чувство на страв, губење на контрола врз сопствениот идентитет и долгорочна социјална стигматизација, што бара законска реакција фокусирана на заштита на жртвите и препознавање на насилната динамика.
Сличен пристап воспоставува и Директивата на ЕУ 2024/1385 за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство[3], која дигиталните форми на злоупотреба, вклучително и неовластено споделување интимни содржини, манипулирани материјали и онлајн закани ги третира како дел од поширокиот спектар на родово базирано насилство. Директивата ја става во фокус штетата врз жртвата, злоупотребата на моќ и континуитетот меѓу онлајн и офлајн насилството, нагласувајќи дека технологијата не создава нов тип на „полесно“ насилство, туку нови алатки за вршење на истите структурални облици на злоупотреба.
Во тој контекст, задржувањето на ова кривично дело исклучиво во рамката на заштита на приватност создава ризик насилната димензија на делото да остане правно потценета, а жртвите да не добијат соодветно препознавање и заштита во судската практика. Потребен е пристап што јасно ќе ја препознае оваа појава како форма на родово базирано и технолошки потпомогнато насилство, во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Исто така треба да бидеме многу внимателни во ограничувањето на делото на поимот „сексуално експлицитна содржина“ кој може да создаде нови правни празнини при заштитата на жртвите. Треба точно да се дефинира и да се внесе во самиот поимник на КЗ што се опфаќа поимот сексуално експлицитен содржина. Праксата покажува дека дел од случаите на дигитална злоупотреба не вклучуваат секогаш класична голотија (вакви примери имавме и во првиот случај на Јавна соба, каде дел од девојките јавно говореа како беа преземани нивните слики од Инстаграм во летна облека или од плажа и споделувани во групата со сите нивни лични податоци), но предизвикуваат сериозна психолошка штета, јавен срам и социјална стигматизација на жртвите. Таквите ситуации мора да бидат подеднакво препознаени и санкционирани, за што е потребно и соодветно толкување на ова кривично дело.
Националната мрежа ќе продолжи да работи на мониторинг на примената на новото кривично дело, на унапредување на законската рамка и на зајакнување на институционалните капацитети за справување со дигиталното родово базирано насилство. Само преку системски пристап, усогласување со меѓународните стандарди и ставање на жртвата во центарот на правдата може да се обезбеди реална и долгорочна заштита.


