Во Македонија започнува нов национален културно-образовен музички проект за деца – „Музичка фабрика“, иницијатива создадена со цел да ја поттикне, развие и афирмира детската музичка креативност преку професионална работа и оригинална продукција. Проектот е наменет за деца на возраст од 6 до 13 години, а учеството е бесплатно.
„Музичка фабрика“ претставува платформа на која талентот се препознава и се негува од самиот почеток. Од првите аудиции, преку креативниот процес и работата со професионалци, па сè до студиска продукција и јавна промоција, проектот има за цел да им овозможи на децата целосно музичко искуство. Основната мисија е создавање средина во која младите не само што ќе пеат, туку и ќе учат, ќе растат и ќе ја градат својата самодоверба.


Иницијативата произлегува од потребата за квалитетна поддршка на домашната детска музичка сцена. Со „Музичка фабрика“ се отвора простор за нови авторски песни и за работа со професионални музичари, со што децата добиваат можност да се изразат со сопствен глас. Како дел од визијата, проектот има за цел да создава најмалку 20 нови детски авторски песни годишно и континуирано да ја развива современата детска музичка продукција.
Аудицискиот караван ќе се одржи во четири градови низ државата:
- Струмица: 7 и 8 февруари
- Тетово: 14 и 15 февруари
- Скопје: 21 и 22 февруари
- Битола: 28 февруари и 1 март
Изборот на учесници започнува токму со овие аудиции, а пријавувањето се врши преку официјалната веб-страница на проектот, каде родителите и старателите можат да ги добијат сите потребни информации и да ја пополнат пријавата.
Организаторите упатуваат повик до сите родители чии деца сакаат да пеат, да настапуваат и да учат во креативна и позитивна атмосфера. Според нив, секое дете заслужува можност за изразување, а музиката е еден од најубавите начини да се изградат храброст, дисциплина и радост.
Повеќе информации и формата за пријавување се достапни на официјалната страница: muzickafabrika.mk.



