Инспириран од Баухаус филозофијата, брендот БАУ создава современ накит што балансира помеѓу форма и функција, минимализам и силно визуелно присуство. Во интервјуто со дизајнерката Ана Стојановска, зад брендот БАУ, разговараме за геометриската прецизност како визуелен јазик, за накитот како wearable art и за интуитивниот креативен процес во кој материјалите, телото и движењето стануваат дел од истата приказна.
Вашиот бренд црпи инспирација од Баухаус принципите. Како ги претворате овие вредности во современ накит што е едноставен, но има силно визуелно присуство?
Како дизајнер, Баухаус го доживувам како филозофија во која формата и функцијата се во рамнотежа, а минимализмот е темел на креативниот процес. Чистите линии, геометриските форми и внимателно избраните материјали го градат мојот современ визуелен јазик.
БАУ го интерпретира ова движење преку геометриска прецизност и функционалност – создавајќи парчиња што се визуелно впечатливи, лесни за комбинирање и пријатни за носење. Геометријата ја гради структурата, додека материјалите внесуваат движење и топлина. Баухаус, основан во Германија во 1919 година, претставува културно движење што ја редефинира модерната креативност.




Геометриските форми и минимализмот се препознатливи во вашите колекции. Како овој естетски пристап се вклопува во денешниот динамичен lifestyle и во потребата за „less but better“?
Современиот живот е заситен со визуелни дразби, па автентичното самоизразување станува реткост. Често доминантниот накит знае да биде тежок и непрактичен, па мојата идеја беше да создадам парче што ќе му даде карактер на аутфитот, а притоа ќе остане лесно и пријатно за носење – како продолжение на самата облека. БАУ е бренд дизајниран да се вклопува едноставно, да се адаптира на различни пригоди и стилови на живот, следејќи го личниот израз и лајфстајлот на оние што го носат.
Накитот често носи порака. Која е емоцијата или идејата што сакате вашите парчиња да ја пренесат на жената што ги носи?
Линиите Дениен и Магма се дизајнирани да отсликуваат личности кои ја чувствуваат естетиката, ја разбираат современата уметност и се љубопитни кон откривање различни култури и животни искуства. Парчињата накит се создадени да го изразат идентитетот и енергијата на личноста што ги носи, како природно продолжение на нејзиниот внатрешен свет. БАУ е бренд што ја почитува и нагласува автентичноста, оставајќи личен стилски потпис во секојдневниот израз.
Во вашиот процес бојата игра важна улога. Како го создавате колоритот кој на крај ја дефинира атмосферата и карактерот на секоја колекција?
Мојата инспирација произлегува од патувањата и од доживувањето различни култури – од органските форми и колоритните ритми што ги среќавам во природата, но и од палетите длабоко вкоренети во идентитетот на одредено место. Последната колекција е инспирирана од островот Сал во Кабо Верде – африкански архипелаг од вулкански острови сместени во Атлантскиот Океан. Земја на легендарната Цезарија Евора, чија музика носи длабока емоција и чувство на слобода.
Токму таму ја пронајдов свилата од која создадов лимитирана едиција парчиња што го пренесуваат моето лично доживување, атмосферата и енергијата на тоа патување. Во процесот на рачно шиење, свилата се однесува како жив материјал – секое парче добива сопствен карактер, текстура и уникатна емоција, како мал фрагмент од едно незаборавно место.
Работите со материјали како свила, кои носат специфична текстура и елеганција. Како изборот на материјал влијае на карактерот и „личноста“ на секое парче?
Работата со свила за мене е многу интуитивен процес. Свилата сама по себе има племенит израз – не ѝ треба многу за да изгледа присутно и елегантно.
Изборот на свила е внимателен и личен – мора да ми го „фати“ окото, но уште поважно, мора да ја допрам. Набљудувам како се движи низ текстурата и бојата. Некои свили едноставно имаат карактер, други немаат – и тоа веднаш се чувствува. Во комбинација со геометриската форма, свилата внесува мекост во структурата. Во моментов сум во процес на развој на нова едиција, настаната низ експерименти со нови материјали, и со посебна возбуда го очекувам моментот кога парчињата ќе ја добијат својата финална, презентабилна форма.


Кога дизајнирате, каква жена ја имате на ум — кои нејзини навики, стил или енергија ве инспирираат во создавањето?
Образовани, софистицирани, современи, но и класично елегантни жени со изграден однос кон свилата и јасно дефиниран личен стил. Енергични, љубопитни и внимателни во своите избори. Парчињата не се дизајнирани само за жени, туку за сите што резонираат со естетиката и вредностите на брендот. Ме инспирираат личности кои ги ценат малите, независни брендови, ја почитуваат рачната изработка и ја препознаваат вредноста на уникатноста.
Посебно ме радува фактот што БАУ многу често патува низ целиот свет како внимателно одбран подарок – парче дизајн создадено во Македонија.
Често велите дека накитот е wearable art. Што за вас го претвора едно парче од декоративен предмет во уметност што се носи со себе?
За мене, накитот станува wearable art во моментот кога парчето комуницира со телото, со движењето и со просторот околу него. Често го доживувам накитот како мала скулптура што се носи – особено кај линијата Дениен, каде формата има јасна скулптурност. Во линијата Магма, секое парче се развива органски и непредвидливо, како резултат на флуиден, слободен креативен процес при шиењето на свилата. Кога ќе се постави на вратот, парчето не „лежи“ пасивно, туку се обликува во однос на телото, создава волумен, сенка и ритам. Тоа искуство за мене е многу блиску до уметност. Во тој дијалог помеѓу формата и телото, накитот добива карактер и станува повеќе од моден додаток – станува израз.




