Вардар филм – Скопје го реализира едукативниот проект „Различни приказни, заедничко платно“, наменет за деца од различни етнички заедници на возраст од 9 до 13 години. Проектот има за цел да поттикне пријателство, креативна соработка и меѓуетнички дијалог преку заедничка работа во областа на филмската уметност.
Во текот на дводневните активности, 20 деца ќе имаат можност да учествуваат во интерактивни филмски работилници каде што ќе се запознаат со основите на сценарио, камера, актерска игра и монтажа. Практичниот дел ќе се одвива под водство на филмски професионалци, а како дел од наставната програма ќе биде користена книгата „Како да се сними филм“ од Радивоје Андриќ, која на едноставен и достапен начин ги претставува чекорите во создавањето филм.
Иницијативата не само што ги едуцира младите учесници, туку и го ревитализира просторот на Вардар филм, претворајќи го во активен културен и едукативен центар. Преку развивање лични сцени и идеи, децата ќе учат за различностите, ќе споделуваат култура и ќе градат пријателства преку универзалниот јазик на филмот.
Координатор на проектот е Арсим Рамадани, а во тимот како соработници учествуваат Марија Јовановска и Ивона Петкова. Предавач по историја на филм е Арсим Лесковица, додека практичниот дел ќе го води Павле Игновски.
Проектот е во организација на Вардар филм – Скопје.
