По повеќегодишна работа на различни музички проекти и соработки, Леана Таќи – Леа конечно го најавува својот прв соло албум со објавата на песната „Чекање“, придружена со видео запис.
„Многу добро се сеќавам на моментот кога ја добив идејата за ‘Чекање’. Имав предавање во Штип и возејќи по автопатот, забележав невообичаено голем број прегазени животни — меѓу нив, многу кучиња и мачиња, некои дури со каивчиња околу вратот. Кога повторно патував таму, тие уште лежeа. Сето тоа време ме прогонуваше една мисла: ‘Ц ц ц, некој ги чека да се вратат дома’. Тоа е посебна емоција — кога чекаш некого, а не знаеш дали ќе се врати,“ сподели Леа.
Леа е добро позната на љубителите на музика по своите долгогодишни настапи во живо. Таа беше дел од бендовите Ај Кју и АнтиарТ, како и соработник со бројни имиња од македонската музичка сцена.
Дипломирала на одделот за џез пеење при Музичката академија на УГД во Штип. Автор и текстописец на песната е самата Леа, а на неа свират:
- Виктор Николовски – бас гитара
- Никола Петровски (Џими) – гитара
- Стефан Илиевски (Лорд) – пијано
- Емил Спирковски – тапани
Аудио миксот и мастерингот ги направи Дамир Пух од GreenRoom Sound Studio.
Песната „Чекање“ е достапна на YouTube и на сите стриминг платформи.

