Креативната сцена во Скопје доби нов свеж проект – серијата „Чаршија“, инспирирана од живописниот дух на Старата скопска чаршија. Авторка и креаторка е Сибел Абдиу, која со многу љубов, хумор и лични приказни создава свет во кој различните култури живеат заедно, без предрасуди. Серијата е поддржана од Sida (Swedish International Development Cooperation Agency) – Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, која финансира културни и општествени проекти со цел да поттикне демократски развој, еднаквост и зачувување на културното наследство.
Што ве инспирираше да ја создадете серијата „Чаршија“ и како дојдовте до одлуката да го прикажете секојдневието на Старата скопска чаршија преку ситком и кратки скечеви?
Идејата за Чаршија ја носам уште од 2020 година. Моето детство и младост поминати во шарената средина на Скопје – со мајка Турчинка и татко Албанец – ми овозможија да ја почувствувам убавината на различноста и космополитскиот дух на градот. Чаршијата ја одбрав затоа што, за жал, во ова време на огромна сегрегација, таа остана едно од ретките места каде што сè уште сите култури успеваат да живеат заедно.
Чаршијата често се опишува како место на соживот, каде што различни култури, јазици и традиции се испреплетуваат. Како оваа идеја за мултикултурност и заедништво е вградена во приказните и хуморот на серијата?
Во Чаршија мултикултурноста ја вградуваме преку самите ситуации и комични недоразбирања меѓу ликовите. На пример, имаме епизоди каде што бурекчијата Куштрим и берберот Ристо расправаат за „феминистички банички“ – идеја на ќерката на Куштрим – па целата сцена станува симболично препукување меѓу традиција и современи идеи, но на крај завршува со тоа што и двајцата ги поддржуваат девојките на Чаршијата во нивните иновации.
Секогаш внимаваме хуморот да не биде на сметка на различностите, туку напротив – да покаже дека токму тие разлики се извор на шарм, духовитост и топлина. На крајот на секоја епизода се трудиме да оставиме впечаток дека без оглед на јазикот, сите ликови се дел од исто соседство, исто семејство – токму како што е вистинската Чаршија.
Ликовите како берберот Ристо, златарот Арџенд, слаткарот Насер, бурекчијата Куштрим и филозофот Конфучиј делуваат како вистински жители на Старата скопска чаршија. Колку тие се инспирирани од реални луѓе и занаетчии што ги среќавате таму?
Ликовите во Чаршија се инспирирани од вистински луѓе од мојот секојдневен живот, луѓе што ми биле драги и со кои сум растела – но не по професиите што ги имаат во серијата. На пример, ликот на берберот Ристо е инспириран од чичко Ристо, таткото на мојата најдобра другарка од детство Кони. Во реалноста, тој беше тенор во хорот на НОБ, но е стар скопјанец кој знае турски и растел во свет на соживот и културна шареноликост. Така што, професијата не е преземена, но неговиот карактер, харизма и дух – да. И останатите ликови во серијата се обликувани на тој начин: со љубов кон луѓето што оставиле трага во моето одраснување.
Серијата е повеќејазична – со македонски, албански, турски, ромски и српски дијалози. Со какви предизвици и убавини се соочивте при комбинирање на толку различни јазици во комедијата, а притоа да остане разбирлива за сите гледачи?
Комбинацијата на македонски, албански, турски, ромски и српски беше и предизвик и убавина. Најголемиот предизвик беше да се одржи разбирливоста – затоа често користиме визуелен хумор и ситуации што се препознатливи без разлика на јазикот. Но убавината е во тоа што гледачите ќе слушнат природен ритам на говори и акценти, баш како во вистинскиот живот, а секако и секоја епизода има превод на повеќе јазици така што внимававме да биде разбирлива за сите гледачи.
Дел од серијата се снима на вистинските улици на Старата скопска чаршија, а дел во специјално изградено студио внатре во неа. Како ова влијае на атмосферата на снимањето и на чувството на автентичност?
Да, точно е дека дел снимаме на улиците, а дел во специјално изградено студио. На почетокот баравме три празни дуќани еден до друг, за да можеме таму да ја сместиме сценографијата, но кога најдовме еден голем магацински простор на улица Лазар Танев и прочитавме малку повеќе за животот и делото на Лазар Танев – кој се борел токму за соживот и мултикултурализам – го почувствувавме како знак дека токму таму треба да ја изградиме нашата „Чаршија“.
Самото студио е огромен простор со големи прозори што гледаат кон улицата со препознатливата калдрма во Чаршијата, и тоа дава впечаток дека си во вистинската средина. Комбинацијата на автентичните улици со ова контролирано, но реалистично студио создава чувство дека навистина сме во Чаршијата.
Проектот е поддржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка и има мисија да ја промовира Старата скопска чаршија како културно наследство и живо срце на Скопје. Дали верувате дека хуморот е најдобриот начин да се пренесе ваква порака и зошто?
Апсолутно да. Верувам дека хуморот е најдобар начин да се допре до пошироката маса и затоа се одлучивме токму за овој жанр. Кога се смееме, сме отворени да прифатиме пораки, да размислиме и да почувствуваме. Со Чаршија сакаме да покажеме дека ова место е живо културно наследство, а смеата е универзален јазик што нè поврзува сите.
Епизодите се кратки и динамични, дизајнирани за дигитални платформи. Како ја гледате оваа стратегија – дали Чаршијата преку ваков формат може да допре до младата публика и да ја заинтересира за своето културно богатство?
Првично замислата беше Чаршија да биде со долги епизоди од по 20–30 минути. Но подоцна предложивме на донаторот да ја адаптираме во кратка форма – динамични скечеви и епизоди наменети за социјални медиуми како Тикток, Инстаграм, Фејсбук и Јутјуб. Токму овој хибриден формат им се допадна многу, бидејќи е најпогоден за нашата таргет група – младите, кои денес ретко гледаат долги серии. Веруваме дека на овој начин младите полесно ќе ја сфатат убавината и богатството на соживотот и мултикултурализмот.
Што за вас лично претставува Старата скопска чаршија? Има ли момент, приказна или чувство од ова место што особено ве инспирираше да го раскажете преку серијата?
Чаршијата за мене секогаш имала некоја магија. Кога бев во своите дваесетти години, таа беше речиси замрена, но токму тогаш почнаа првите иницијативи за нејзино оживување. Се отвораа нови локали и одеднаш Чаршијата повторно стана кул место за излегување и дружби. За мене таа е и секогаш прекрасно место што со гордост им го покажуваме на гости од странство – автентична, полна со живот и приказни. Најмногу ме инспирира тоа што таму различни култури навистина живеат заедно, и тоа чувство се осеќа на секој чекор.