Поминаа речиси две децении откако светот првпат се вљуби во четворицата бунтовни тинејџери од аргентинската серија “Rebelde Way”. Емитувана за првпат во 2002 година, серијата не само што стана глобален феномен, туку и создаде нешто повеќе од фиктивен бенд. Erreway стана симбол на младешкиот бунт, љубовта и пријателството.
Во 2025 година, носталгијата повторно добива глас. Felipe Colombo, Benjamín Rojas и Camila Bordonaba , трoјца од четирите оригинални членови се повторно обединети на музичка сцена, со турнеја низ Латинска Америка и Европа. Турнејата, насловена Huntos otra vez (Повторно заедно), ветува силни емоции, старите хитови како „Resistiré“, „Tiempo“ и „Será de Dios“, но и нови изненадувања кои допрва ќе бидат објавени.
Турнејата започна на 28 март 2025 година во Сантијаго, Чиле, а според досегашните информации, ќе заврши на 22 ноември 2025 година во Монтевидео, Уругвај.
Во текот на турнејата, Erreway ќе настапуваат во повеќе земји, вклучувајќи ги Грција, Шпанија, Италија, Еквадор, Перу и Аргентина.
Прашањето кое сите фанови си го поставуваат: Ќе се приклучи ли и Luciana Lopilato, познатата Миа Колучи, на оваа турнеја? Засега, таа не е најавена како дел од официјалната постава. Во изминативе години, Лусиана се фокусираше на нејзината актерска и семејна улога, но остави отворена врата за можни појавувања. Во неодамнешно интервју, таа изјави: „Rebelde Way е дел од моето срце засекогаш. Ако времето и проектите ми дозволат, зошто да не?“.
Најголемо изненадување за фановите е враќањето на Камила Бордонаба, која последниве години живееше повлечено и далеку од јавната сцена, посветена на алтернативна уметност и независни проекти. Нејзиното учество во турнејата е доказ за моќта на музиката и заедништвото што Erreway го носат со себе.
Турнејата на Erreway не е обичен концерт. Тоа е времеплов за сите оние кои пораснаа со мечти, љубовни драми и бунтовнички дух инспирирани од „Rebelde Way“. Фановите веќе започнаа да споделуваат свои спомени, фотографии од тетратки со логото на Elite Way School, постери од списанија и CD-а кои и денес ги чуваат.
Erreway 2025 е повеќе од носталгија – тоа е враќање на вредностите што нѐ оформија: пријателство, страст и храброст да бидеме свои. И додека сцената се полни со светла, едно е сигурно: бунтовниците никогаш не излегуваат од мода.