Филмот на Спајк Џонз од 2013 година, „Her“, наслика фасцинантна слика на тогаш, блиската иднина (2025). Вештачката интелигенција, во форма на софистициран оперативeн систем, наречен Саманта, станува романтичен партнер на осамениот писател, Теодор Твомбли. Сега, кога официјално влеговме во 2025 година, ова е совршен момент одново да го погледнеме филмот и да го споредиме со она што го живееме денес.
Несомнено, оваа прониклива научнофантастична драма, го предвиде она од коешто едни се плашеа, а други беа возбудени – голем дел од нашата сегашна реалност: појавата на напредната вештачка интелигенција, нејзината интеграција во нашиот секојдневен живот и еволуцијата на природата на човечките врски.
Иако, сѐ уште не постојат целосно свесни оперативни системи со човечки емоции, вештачката интелигенција, несомнено, стана дел од нашите животи. Во 2013 година, кога беше и премиерата на филмот, сето ова навистина звучеше како научна фантастика. Од ВИ асистентите на нашите телефони, до алгоритмите кои ја диктираат содржината што ќе ја гледаме на нашите социјални медиумски, вештачката интелигенција почнува да влијае на нашите одлуки, да ги обликува нашите искуства и дури, да ги диктира нашите интеракции.
„Her“, проникливо ја истражуваше комплексноста на човечките врски во дигиталната ера. Врската на Теодор со Саманта, иако неконвенционална, постави длабоки прашања за природата на љубовта, интимноста и пријателството. Во 2025 година, апликациите за запознавање и алгоритмите на социјалните медиуми продолжуваат да ги обликуваат нашите романтични средби. Иако „Her“ прикажа поинтимно и персонализирано искуство со вештачката интелигенција, анализата на филмот за емоционалната ранливост и потрагата по значајна врска останува релевантна и денес.
Кои предвидувања во „Her“ не се остварија?
Иако „Her“, во голема мера го предвиде зголеменото влијание на вештачката интелигенција, за среќа, предвиденото, во неколку клучни аспекти се разликува од нашата реалност.
И апликациите и асистентите се дел од речиси сечие секојдневие, но денес, тие воглавно служат за функционални цели и ја немаат емоционалната длабочина и свесноста прикажана во филмот.
„Her“ најави брза еволуција на свеста на ВИ, а тоа сценарио засега останува само хипотетичко.
Рефлексии во 2025
Одново прегледување на филмот, сепак, не го прави застарен, напротив, филмот останува моќен и провокативен. „Her“ служи како навремен потсетник за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција врз нашите животи, не само технолошки, туку и социјално и емоционално.
Филмот нѐ охрабрува да размислиме за еволуирачката природа на човечките врски во дигиталниот свет, за етичките импликации на развојот на сѐ повеќе софистицираната вештачка интелигенција и секако, важноста на вистинската човечка интеракција и емоционалната ранливост.
„Her“ не е само научнофантастичен филм, туку и проникливо размислување за човековата состојба и предупредување за потенцијалните опасности од неконтролираниот технолошки напредок.