Денеска се одбележуваат 80 години од ослободувањето на Скопје. По многуте природни и неприродни стихии што оттогаш до денес го погодија градот, феноменот Скопје не престанува да биде инспирација за различни уметнички создавања, особено во литературата.
Книжевното обликување на градот Скопје е присутно во делата на голем број македонски автори. Градот е една неисцрпна тема и претставува книжевна окупација на значајни автори од нашата книжевна сцена.
Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Оливера Ќорвезироска, Владимир Јанковски, Јовица Ивановски, Жарко Кујунџиски… се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија ја доловуваат градската, скопска атмосфера и градат книжевни споменици на градот за различни периоди од неговото постоење. Издвоивме неколку примери од македонската литература, посветени на Скопје во кој авторите на различен начин го изразуваат своето доживување на градот.
Ноќ на полна месечина – Влада Урошевиќ
„Сепак, пишувајте ми на адреса: Скопје,
град во кој Месечината
смета за своја должност
да ги измеша картите
на можното и невозможното.“
Мојата роднина Емилија – Влада Урошевиќ
„Во ноемвриските ноќи над Скопје се собира огромен, несфатливо голем пласт тешка, есенска магла. Таа се влече низ планинските теснини, ја следи реката, лази незабележливо низ полето, ги обвиткува крадешкум периферските куќи и наеднаш е на улиците…Скопје е град до кој патиштата се пробиваат низ планини….Вардар е река што лете станува мошне плитка и по неа, низ Скопје, не пловеле никогаш ни обични чамци…“
„Ги сакам градските мириси. Еве сега: мириса на полеана прав и на згмечена млада трева од парковите; првиот мирис е зрнест и се губи брзо, појавувајќи се туктаму за кратко; вториот е попостојан, поцелосен и лежи како темна дамка во воздухот на улицата. Мирис на бензин: седефни езерца што треперат од некакви инфузориски движења во носот, секогаш подложни на лажни возбуди на преправање. Мирис на гума: црн, загушлив, егзотичен: далечни пристаништа, докови, сонце што се распаѓа во некаква мрсна вода. И еве сега, од вратата на колонијалната продавница: бавен пожар на некаков сладок хумус. Кафе.“
Скопјани – Гане Тодоровски
„На Бит-пазар веќе крчка
попара од пет јазика
Водно чиниш успан стражар
штрекнат насоне се буди…
Стар Мост достојно и тивко
каменее в мудар молк
Живороден Вардар жугнал
Божем најбрз жител градски.“
Фијат миленичето (автомобилот на детскиот копнеж) – Томислав Османли
„…од Кејот „13 Ноември“, преку Плоштадот, сè таму, некаде, далеку, до Градскиот парк…Патувавме, така, со широко отворени очи, низ нашиот град, вртевме со воланот на автомобилот, останувајќи сеедно во нашето маало… А, сепак, покрај нас врвеа зградите на Кејот, масивното здание на Народната банка, а потоа пукнуваше ширината на Плоштадот „Маршал Тито“ и китнестата зграда на Домот на ЈНА, којашто – убаво осветлена од пладневното сонце и полна со контрастни сенки што го потенцираа богатиот рејлеф на фасадата, ние, онака презафатени со тоа чудно движење со кое сè уште не господаревме – немавме многу време ниту подолго да ја погледнеме, за да ѝ се воодушевуваме од таа неопислива убавина, од таа богата сончевина, со којашто тие денови некое чудно питомо сонце постојано го посипуваше нашиот Град.“
„Исповеден тон за летувањето во Б.“ – Јадранка Владова
„Пазаришна врева. Неиздржлив џагор по тој неминовен пат од и до Бит-пазар. Помалку или повеќе дупчести мрежи,помалку или повеќе поѕирните кесиња го издаваат го издаваат во себе пристутното зеленило на зарзаватот, шаренилото на овошјето. Рацете како да се истегнале до калдрмата под тој товар убав за очите… Најчесто женски раце кои умеат секавично да ги остават торбите, па нежно или грубо, а сепак меко, меко да ги поттурнат зазјапаните деца заборавени пред шарената измама на излозите. Сè се движи од или кон Бит-пазар…“
Данило Коцевски – колумни
„Летото во Скопје е посебен феномен, со свои ситни, мали чуда, со свои бои и свои мириси, кои никаде не можат да се сретнат, освен тука…Како град на Југот, Скопје има смокви…Сепак, смоквата е еден вид копнеж, копнеж по Медитеранот, копнеж по летото. Во лето се мешаат сликите од сегашното и некогашното Скопје. Сè е во некаква експлозија, задушност, изместеност: зарем такво не е летото?“
„За да се знае душата на Пазарот, требаше за првпат во животот да се гледа филм , во едно од најголемите кина на светот – киното „Братство“, да се прочита првата книга во библиотеката која се наоѓаше во истата зграда, да се купи првиот локум од продавачот кој од голем ѓум ќе ви наточи и лимонада, да се купи првото, огромно парче од штотуку печена тиква, или првиот сладолед во слаткарницата „Баш Пеливан“
Приказни од Скопје – Томислав Османли
„Фала му на бога, велам, некои работи во овој град сè уште не се менуваат. Ако нешто во овој град остана исто, тоа се секако пазарите, најмасовните собиралишта на жителите на овој град. Единствената разлика денес го чини по некој звук од мобилен телефон што ќе се чуе во врвулицата, па и тој ќе заврши како неодговорен повик, затоа што на пазар не се зафатени само рацете, туку се обземени, и сетилата, и вниманието.“
Лицата на невидливиот град – Владимир Јанковски
„Скопје е работен ден од средината на јули, кога вжарениот асфалт го носи градот до точка на усфитеност, одеднаш променета со жестокиот и неочекуван летен дожд (…)
Скопје е градскиот парк во сабота попладне, една детска рака што наивно посегнува по шатките штотуку излезени од езерцето, додека некаде во позадина своите водени крици ги испушта фонтаната со име кое како да излегло од некој македонски шлагер од седумдесетите години (…)
Скопје е мирисот на липа на улицата Чедомир Миндеровиќ, мирисот на печените костени во зима пред влезот на Градскиот трговски центар, уличката во Дебар Маало, каде што мирисот на тешката запршка за манџа функционира како некој вид временска машина што квартот го враќа шеесетина години назад во времето, превејќи од него полузаспано предградие…“
Скопје и сè е можно – Жарко Кујунџиски
„Скопје и магла се еден и ист поим од ноември до февруари, а оваа вечна синергија комотно може да си пушти нозе и до март. Во годината два нула еден нула маглата се покажува уште по отпорна на промени и со врвот на прстите стапнува и во април.“
Јовица Ивановски – Градот што веќе не е мој
„улиците без бели дробови
го отежнуваат дишењето
на градот, кој се гуши во
смог и се дави во бетон.“
„Кај и да е брзиот напредок
ќе нè врати векови назад.
Најизразит пример е градот
наш, кој се шири невкусно,
безисавно и несразмерно –
колку повеќе нови згради,
толку повеќе бездомници.“
Љубов на улица – Ана Голејшка
„…Во мојот град
Или нашиот, како сакате.
Спомениците се толку грди
што и во Вардар би скокале.
Но. Знам.
Има што да се најде по калдрмите….“
Во мојот град – Ана Голејшка
„Балада. Или двоминутен панк. Скопје е нож во срце. Скопје е љубовник, фраер, што кога ти се пушта, несмасно те гори со цигара и бара да те бакне, а корне на пиво. Скопје е невидлива инспирација што ми влегува во кревет, во нос, во секоја пора од кожата. Скопје е сè и Скопје е ништо. Меѓупросторноста е неговата најголема сила пред која си паѓам како воинка од коњ. Во суштина, мојот роден град кој не би го сменила за ништо на светот.“
Скопје: изгубените чевли на градот – Иван Шопов
„Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно. На речиси ист или барем сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.“