Специјална Олимпијада Северна Македонија во сабота (19 октомври 2024 година), во рамки на терените на спортскиот комплекс МТП, организира Отворен ден. На настанот ќе биде претставена работата на организацијата и улогата и моќта на спортот во трансформирањето на животите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.
Како дел од Отворениот ден, присутните ќе имаат можност да се сретнат со атлетите и членовите од СО Северна Македонија и од прва рака да дознаат за активностите кои ги реализира Специјалната Олимпијада во земјата со цел – поттикнување инклузија и личен развој преку спортот. Преку реализација на отворениот ден, Специјална Олимпијада Северна Македонија ги охрабрува семејствата со членови со интелектуална попреченост, да ги поддржат своите најблиски да се приклучат на Специјалната олимпијада и преку нивно учество во спортските активности да го поттикнат нивното поактивно вклучување во општеството.
„Со Отворениот ден, сакаме да покажеме дека лицата со интелектуална попреченост имаат неверојатен потенцијал. Спортот може да им помогне да ги развијат своите способности, да стекнат самодоверба и да се чувствуваат вклучени во заедницата. Се надеваме дека овој настан ќе биде поттик за повеќе семејства да ни се приклучат во создавање поинклузивно општество“ – изјави г-ѓа Моника Бошкоска, Претседателка на Специјална Олимпијада Северна Македонија.
Ги повикуваме сите заинтересирани да ни се приклучат на настанот на 19 октомври (сабота), со почеток од 12:30 часот во рамки на терените на спортскиот комплекс МТП (во СУГС “Ѓорѓи Димитров“) и да ги видат во пракса активностите кои ги реализираме.