„Boogie Slyde“ e заедница која промовира и презентира квалитетна музика и сè што е во поширокиот поим на фанкот, но еднакво се обрнува внимание и на дизајнот и естетиката што ги опишува членовите и артистите во заедницата. Креативни и автентични, дел од тимот зад „Boogie Slyde“ ни ја претстави заедницата која има одлично влијание во земјава, но и надвор од неа.
Како дојдовте до идејата за создавање на заедницата „Boogie Slyde“ и што претставува заедницата?
Double G: „Boogie Slyde“ официјално се „роди“ на четврти март 2022 година, во период на постковид и момент каде што журките во подрумчето во „Котур кафе и филм“ земаа голем замав и за мене лично во тој момент најдобриот простор за квалитетна и интимна журка, без никаков компромис во поглед на музиката. Сè почна од обична идеја за моја вечер, каде што ќе презентирам музика што ме интересира и сакам да ја промовирам, а сè се поклопи кога седнавме со Матеа да зборуваме околу дизајн на леток, го одбравме името од повеќе дадени предлози и веќе од втората журка знаевме дека ќе се развива како бренд. Името доаѓа оригинално од стрит фанк-песна со длабока заднина предолга да се објасни во неколку реченици. 🙂 По веќе две години работа, можам да кажам дека поентата на „Boogie Slyde“ е да се презентира квалитетна музика и сè што e во поширокиот поим на фанкот, да се држи истата музика во живот сè од актуелни, па до заборавени изданија, како и еднакво важниот дел на дизајн и естетика што нè опишува нас.
Кои се членовите и тимот зад „Boogie Slyde“?
Матеа: Активни членови зад „Boogie Slyde“ сме јас и Double G, но и сите досегашни артисти со кои сме соработувале на кој било начин, дали музички или визуелен, локални или однадвор ги сметаме за дел од нашата заедница.
На какви настани сте фокусирани и која е целта што сакате да ја остварите и да ја претставите во заедницата?
Double G: Со оглед на времето и градот каде што се наоѓаме и создаваме, мошне е тешко да се претстави некоја различна култура што не е актуелна и мејнстрим, да се едуцира публика која ќе ја сфати поентата на музиката и естетиката во срцевината. Преку нашите настани се обидуваме да допреме до луѓето кои препознаваат, тргнуваме преку визуелниот дел што треба да привлече и да заинтригира, па до звучниот, секој поединец кој ќе ги почувствува искрено и ќе го навлечеме на мрсните бас-линии и пискави синтисајзери го сметаме за успех! Во изминативе две години во Скопје имаме донесено врвни диџеи, продуценти, дигери и колекционери на плочи кои не ги валидираме според инстаграм-следачи, почнувајќи од Франција (Amadeo 85), Германија (Femdelic, DJ Sherm / Funk Freaks Frankfurt, Shacke One / Das Zundet), Данска (DJ Universe), Швајцарија (Blaster B), па сè до Канада (Walla P) и Калифорнија (Debo Funk Freaks).
Со оглед на тоа што стрит модата е во огромен подем и младите сè почесто ја избираат и за да ги изразат своите ставови и стил, како сметате дека стрит модата се поврзува со градењето стилови, ставови, но и поддршка во заедницата?
Матеа: Како што кажа Double G погоре, не целиме да допреме до пошироката публика и воопшто не сакаме да се категоризираме како стритвер бренд. Лично сметам дека стритвер модата има улога во градењето стилови, но поради ограничените „парчиња“ облека што повеќето брендови можат да ги наречат „стритвер“ мислам дека не е и најголемиот фактор во градење на еден личен стил.
Музиката и модата неминовно се поврзани едно со друго, тоа се потврдило и низ историјата на музичките жанрови. Како вие ги поврзувате и на што ставате особен акцент при креациите и дизајните?
Матеа: Несомнено е тоа дека секој музички жанр си носи некои свои карактеристики и печат. Лично, не ми се допаѓа таа стигма на „gatekeeping“, сметам дека секој може да носи или искомбинира секакво парче облека, иако не е дел од некоја култура или заднина. Идејата ни е да направиме фузија од повеќе стилови, па можеби и затоа работите што ги имаме направено досега се разликуваат од класичната фанк-естетика. Инспирацијата ја црпиме од сите наши интереси што ги имаме собирано низ годините и „Boogie Slyde“ го сметам за слободен простор или платформа каде што можам да ги креирам и да ги реализирам сите визуелни идеи.
Уметноста исто така сè почесто e во функција на активизам и себеизразување, па колку вас лично дизајнот и уметноста ви значи во модните парчиња, но и во музиката и настаните што ги организирате?
Double G: Дизајнот и уметноста се клучен дел во сè што правиме. Сметам дека добриот дизајн и брендинг ја истакнува сериозноста и создава целина и идентитет. Обрнуваме особено внимание на секој леток, на сите банери и знамиња што ги користиме како сценски заднини, промо-најави за настаните итн. Големи љубители сме и на графитите, како и сите други елементи на хип-хопот, па често соработуваме со локални цртачи и другари во тој поглед. Моментално работиме и на втор фанзин во кој токму ја објаснуваме поврзаноста на визуелниот и музичкиот дел преку нашата призма.
Каков печат остава „Boogie Slyde“ кај членовите на заедницата и посетителите на настаните?
Double G: Големо влијание има постигнато ова што го правиме досега, особено надвор од границите на Македонија. Константно сме во контакт со други артисти од сцената и продолжуваме да креираме нешто ново и свежо. Во март оваа година добивме и сертификат за „Keeping Funk Alive“ од екипата „Funk Freaks“ и градот Санта Ана во Калифорнија, кој е инаку една од престолнините на фанк-музиката. Локално, сè повеќе луѓе почнуваат да ги препознаваат звукот и естетиката и тоа ме радува.
Кои парчиња облека од „Boogie Slyde“ ви се омилени и што можеме да очекуваме во следниот период?
Матеа: Дефинитивно би ги издвоиле соработките со Миро Микс и последната со Марио Германски! Продолжуваме да работимe на нови настани и „merch“, соработки со локални и артисти од странство и да го претставуваме нашиот стил сè повеќе надвор од границите на нашата земја.