Креативниот битолчанец Христо Бојаџиев, кој има 74 години, веќе некое време по пензионирањето изработува столни ламби од рециклиран материјал. Досега има изработено околу 500 ламби и 150 тегли. Целиот проект е насловен „Вториот круг“, (@2ndcycle) бидејќи фрлените предмети го живеат својот втор живот. Како студент се запишува да студира нуклеарна физика во Белград, за подоцна да го продолжи школувањето на Факултетот за електротехника во Скопје. Уште во младоста започнува да се занимава со уметничка фотографија, има 4 самостојни изложби и многу групни кај нас и во странство. Пасија му се стари фотоапарати, велосипеди, готвење и тенис.
Раскажете ни нешто повеќе за проектот 2nd Cycle, како дојдовте до идејата?
Често ги набљудував предметите околу мене, и сè почесто ми „зборуваа“: „Многу лесно е да ме имаш…ама сепак нешто вредам“. Долги години „оживував“ електронски апарати (често почнуваа да „свират“), бели листови хартија се претвораа во пејсажи (магијата на црно-белата фотографија во развивачот), мануелното лепење и „кроење“ магнетофонски ленти (добивање нов хибрид на музика, звуци и шумови). И на крајот се случи идејата за 2nd Cycle да биде „сестра“ на секојдневната работа.
Како ги одредувате и набавувате материјалите, каков е процесот на изработка, ќе може ли да ни опишете како изработувате една столна ламба?
Тоа, попрецизно кажано се декоративни предмети од различен вид, кои меѓу другото можат и да светат. Материјалите не ги набавувам, тоа се буквално најдени предмети. Стаклени и пластични шишиња,тегли, вазни,саксии, цевки од правосмукалки, капаци од тенџериња, садови од чинго, федери од каучи, распаднати лустери, плински боци, стари фотоапарати,с екакви капаци и капачиња, мрежи за овошје, стара керамика, цедиња, делови од музички инструменти, водоводни цевки, сите делови од велосипед, звучници, стари абажури, инки, делови од машини, решоа, огноотпорни стаклени садови… сè што се наоѓа на таваните, подрумите, отпадите, бувљаците… Занимавајќи се долги години со креативна фотографија, дојдов до заклучок дека во бескрајно мал простор има бескрајно многу мотиви. Истото важи и за предметите кои ги користам: ги има насекаде во „неограничен’ број – само треба да се оттргнат од хаосот, и да се вметнат во друг, креативен хаос. Без дилема, ниеден предмет не е безначаен, секој е прозорче низ кое се гледа прилично далеку. Тоа на некој начин кажува дека сепак фантазијата е многу поважна од знаењето. Самата изработка е тотално непредвидлива (не знам дали воопшто би го превел ова, ако не е така).
Сосема ја исклучив напреднатата технологија, ставот едноставно ми е: ако трчаш по технологијата, цело време ќе го поминеш во трчање и тешко дека некогаш ќе ја стигнеш.Процесот на изработка никогаш, и во ништо не е ист (не се повторува). Понекогаш е доста бавен, бидејќи ниеден дел не е специјално изработен кај некој занаетчија, туку за секој дел се бара соодветно место во соодветната комбинација. Ниеден дел не е заварен! Самиот процес донекаде е обратен: од фондот на предмети се раѓа идејата за можната креација, а не во однос на идејата да се изработуваат компонентите. Се разбира тука нема простор (а и не е намерата) да се раскажува за конкретните техники, но тие се многу различни и многу специфични. Една од омилените ми е сендвич стакло – пластика, бидејќи овозможува користење на авторски фотографии, графики, разни растенија… Во едно сум сигурен, не знам колку „вреди“ изработката на вакви предмети, ама знам колкаво задоволство ми причинува. Во процесот на изработката некако сè уште останав дете кое сака да си игра со остри ножици и да ги пика прстите во 220 волти.
Името значи „втор круг“ односно дека фрлените предмети го живеат својот втор живот. Колку сметате дека на овој начин се придонесува кон одржливоста и намалувањето на отпадот како и кон заштедување на финансии за да се купи нов производ?
Покрај толку брутално и безобразно „цедење“ на природата, ваквите потези немаат никакво практично значење, но како поттик за поинакво насочување на мислите можно е да имаат некакво значење.Сепак „помодарството за сеништење“ е таков тиранин од кој ретко некој успева да куртули, да се ослободи. Затоа има една мода која треба да се следи. Во некои вистински држави (скандинавските) разумните поправки на домашните апарати веќе се во мода. Не треба да се плашиме да ги напуштиме предрасудите, тие се едноставно рожба на незнаењето.‘Рѓата е само почеток на „смртта“ на предметот. Лек постои, сите би имале слободно време за него, доколку тоа го сакаат.
Освен ламбите, рачно ги изработувате и машините со кои ги правите ламбите. Какви предмети користите и колкав предизвик ви е да направите една машина?
Во стварност тоа не се машини, тоа се еден вид чудни направи. Тотално би се косело со целата концепција, ако би зел модерна технологија. Вака задоволството е неизмерно, а резултатот е неочекуван и непоедвидлив. И тоа нешто што понекогаш те прави незадоволен те турка понатаму. Секој предизвик е брат на секојдневната работа. Електричниот миксер за матење јајца(откако не може да се употребува за тоа) станува направа за сечење и стружење метал, дел од прегорената рингла станува направа од чија температура „пука“ кристалната решетка на стаклените шишиња. Среќен сум што користам предмети за кои се чудам какви работи можат да извршуваат, а толку се примитивни и секојдневни.
Имате завршено електро факултет, но ве влече и уметноста, се занимавате и со уметничка фотографија. Што ве влече кон фотографијата и уметноста и на што имате досега работено?
Ова ми е некако најлесно да го коментирам. Студирав електротехника, смер Техничка физика (некои го викаат нуклеарна физика). Таа област од техниката е доволно многу апстрактна, што мислам дека некаде асимптоматски се доближува до креативноста. Сигурен сум (дури во последно време ова го дознав) дека кон креација ме влече онај благ внатрешен неред кој отсекогаш го носам во себе и со себе. Еве што имам досега работено (не се плашам од нескромност). Имам „направено“ музика за околу 90 театарски претстави (со многу награди од кои една награда „Стерина“ за музика која досега е единствена во Македонија). Прва вистинска хибридна музика. Исто толку театарски плакати (повеќе пати наградувани). Креативна фотографија, претежно црно бела со „тешки“ монтажи (без фотошоп, тогаш не постоеше), исто така наградувани. Репарирање на стари раритетни велосипеди, само заради големата љубов кон велосипедизмот. Животот и велосипедот некако ми се едно исто, не смеете да престанете да вртите зашто ќе ја изгубите рамнотежата. Колекционер сум и репаратор на фотоапарати.
За крај кога сме кај креацијата, таа толку многу се комерцијализира што мислам дека нема да претерам ако кажам дека веќе галериите ми личат на банки (барем однадвор). Следниот пат ми се разговара за готвење.