Ријана имаше одличен настап на вчерашното полувреме на Супербол на Националната фудбалска лига, прв после седум години. Таа испеа 12 нејзини музички хитови, меѓу кои беа и Bitch Better Have My Money, Where Have You Been?, Only Girl In the World, Work, Rude Boy, Umbrella, Run This Town, Diamond.
Поради нејзината оригиналност, самодоверба и сопствен печат на сè што прави, издоивме пет причини зошто Ријана е една од највпечатливите и најдобрите женски изведувачи и јавна личност што е доволно храбра секогаш да тера по свое.
1. Има беспрекорен стил и ја сака модата
Нејзиниот стил на облекување е секогаш впечатлив и тотално ја отсликувa нејзината храброст и самодоверба. Без разлика дали на некого му се допаѓа или не, секогаш остава печат на секој настан каде што ќе се појави. Таа секогаш носи најкул патики, како вчерашните на настапот за полувреме на Супербол кои беа од Margiela во соработка со Сaломон.
2. Успехот на нејзините брендови Fenty и Savage
Нејзиниот бренд Fenty Beauty e водечки бренд за шминка со концептот на инклузивност и прифаќање на различностите и ја направи Ријана милијардерка и најбогатата музичарка во светот. Компанијата Fenty Beauty е основана во 2017 година заедно со нејзиниот партнер, францускиот конглометар ЛВХМ кој ја води Бернард Арно. Производите се во 50 различни нијанси и брендот секогаш се залага за видливост на сите групи и поединци во општеството, повикува на инклузивност и ја слави женската автономност и убавина исто како и street wear брендот и брендот за долна облека Savage x Fenty.
3. Ги руши традиционалните норми околу бременоста и трудничкиот стомак
Ријана на вчерашниот настап повторно покажа дека е бремена и со тоа стана првата бремена пејачка која настапувала на полувремето на Супербол. Таа уште со првата бременост покажа дека трудничкиот стомак нема потреба да се крие и дека доколку жената се чувствува комфорно, може да носи каква сака облека и да го покажува својот стомак било каде. Ријана за време на првата бременост не облече ниту еден вреќест труднички фустан ниту пак фармерки за трудници. Всушност, таа речиси и да не носеше ништо. Ријана има историја на свесно користење на сопствениот изглед и профил за преиспитување на постоечките предрасуди и социјалните конвенции.
4. Таа е една од најпознатите музички уметници на сите времиња
Се чини дека песните на Ријана низ досегашната кариера постојано беа први или меѓу првите на музичките листи низ годините. Иако пејачката во последните шест и повеќе години ја објави само песната Lift Me Up Black Panther: Wakanda Forever, која е номинирана за Оскар, таа има 14 број еден хитови низ годните, 32 песни во топ 10 во САД, а некои од нив останале на листите и по 41 недела. Добитник е на девет Греми награди, 13 американски музички награди, 12 музички награди Билборд и шест Гинисови рекорди.
5. Остана своја низ целата кариера
Во 2012 и 2018 беше ставена на листата на највлијателните луѓе во светот според магазинот „Тајм“. Тоа што ја прави посебна е што успеа на свој начин и по свои правила да постигне голем успех, без да отстапи од своите убедувања и од својата автентичност.